дома Култура Театар и Филм Екипата на „Господ постои, името и е Петрунија“ импресионирана од филмот и...

Екипата на „Господ постои, името и е Петрунија“ импресионирана од филмот и Берлинале

Валентина Ѓоргиевска Парго

46

На годинешниот 69. Берлински филмски фестивал, македонскиот филм „Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска освои две награди- на Екуменското жири “Ecumenical” и на Здружението на германските кина за авторски филм “Guild Film Prize”, паралелни награди на Берлинале што ги доделуваат независни жирија.

По тој повод, екипата вчера се сретна со новинарите во хотел Парк, а Теона Стругар Митевска, Лабина Митевска, Зорица Нушева, Мони Дамевски, Илија Волчевски, Виолета Шапкова, Илија Волчески, Бајруш Мјаку и Суад Беговски раскажаа за своите импресии.
Лабина, нагласи дека сите се среќни со изборот на екипата, со процесот на снимање на филмот од почеток до крај, со она што го доживеале на Берлинскиот фестивал, но најмногу од тоа што филмот го продолжува својот пат низ светските кина, нешто што ни се случува по цели 25 години, од „Пред дождот“. Таа објасна дека на кастингот, кој траел три месеци, вклучиле и актери од другите градови со кои сакале да соработуваат, ги пофали бројните статисти од Штип и посочи дека многу мал дел од актерите надвор од Скопје се неправдено запоставени, со тоа што не ги избираат да глумат во филмови.

Теона како уметник и режисер го објасна сценариото, создадено на вистинска приказна. Имено, идејата потекнала кога во Штип на Водици во 2014 година жена, Борислава Васкова, го фати крстот фрлен во реката Брегалница во штипско Ново Село, за потоа да и биде одземен. Теона нагласи дека за неа е важно да регистрира се она што не опкружува, сите неправди и правди, улогата на жената, особено во патријахалните места, и дека филмот содржи три аспекти- политички, социјален, општествен. Ја радува што се нашол како филм на месецот на престижно француско списание.

На главната хероина, Зорица Нушева, дипломираната актерка и дел од театар „Комедија“, ова и е прва главна улога. Во моментот кога била избрана на кастингот за филмот имала две бебиња, од девет месеци и година и седум месеци, па морала пожртвувано да ги усогласува своите обврски.

Најнезгодно се чувствувал Волчески, кој морал да глуми негативец , нешто што е сосема далеку од неговата природа, дури не го препознале ни неговите најблиски. Јавно и се извини на Нушева што во филмот морал да ја плука, додека таа објасни дека додека снимале тој пред секоја плуканица јадел чоколадо, за плунката да биде блага.

Шапковска исто така рече дека убаво се чувствувала за време на снимањето на целиот филм.

Мони Дамевски нагласи дека за една улога убаво да му легне на актерот треба да го привлече, или ликот или сценариото. Во овој случај имало совпаѓање, и двете работи му се допаднале.

Бајруш Мјаку потсети дека како театарски актер со театарот често шетаат по меународни фестивали, но Берлинскиот фестивал бил светски и им открил некоја нова димензија.
Беговски од Штипскиот театар, иако е муслиман во филмот игра поп. Тој рече дека љубовта настапана пред религиите, и тој увидел голема љубов и страт кај Теона која неуморно работела. И во пет наутро и попладне кога сите биле уморни, таа биле свежа и посветена на работата. Само силна љубов и страст кон работата може да одржува таква телесна енергија, посочи.

Мала улога имала и мајката на сестрите Лабина и Теона, која беше на прес конференцијата.

Светската премиера на овој филм, снимен во продукција на „Сестри и брат Митевски“, беше на 10 февруари во Берлин. На 30 април почнува кинодистрибуцијата во Франција, каде тамошниот дистрибутер „Пирамид“ ќе го дистрибуира филмот низ цела Франција потоа и низ целиот свет, од Јапонија, Кина, Австралија, преку Јужна Америка во Бразил и Колумбија, па на север до Канада, преку Турција и земјите од Блискиот Исток, до источна Европа вклучително Русија, Полска, Романија, Унгарија, Украина, па во западна Европа Италија, Шпанија, Белгија, Австрија, Луксембург, Шведска, Данска, и Швајцарија, секаде во соседството во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Грција. Филмот е исто така е продаден и на телевизиската куќа Ејч-би-о која ќе почне со прикажување откако ќе заврши светската кинодистрибуција.

„Господ постои, името и е Петрунија“ игра секој ден во Синеплекс (19.30 часот и 21 часот) и во Милениум од 20 часот.