Две битни работи за годинашниот Скопски џез фестивал потенцираше директорот Оливер Белопета-фестивалот, чие издание годинава се брои со 37., се разликува од претходните изданија затоа што е ексклузивен по одредени нешта, и дека се одлучиле носечките концерти да бидат во МОБ затоа што акустиката во новата сала на Македонска филармонија не ги задоволува врвните стандарди, нешто што “оф д рекордс го велат многумина виртуозни музичари”.

Но, да објасниме каква ексклузивност содржи годинашното издание на фестивалот-сите музичари кои доаѓаат за 12 концерти, доаѓаат исклучиво и директно само за својот концерт на џез фестивалот, од најразни далечни дестинации, Њујорк, европски метрополи и сл. Директорот ја потенцираше поддршката од спонзорите и од Американската амбасада, но смета дека е недоволна поддршката од Министерство за култура и од Град Скопје.

Фестивалот официјално започна синоќа во МОБ, со настап на британскиот пијанист Александер Хокинс, а потоа во вториот дел на сцената беше изведена необична мешавина од џез и хип хоп, од квартетот на саксофонистот Дејвид Мареј, придружуван од култниот американски поет, рапер и раскажувач Сол Вилијамс.

Во МОБ на самиот влез гостите беа пречекувани со метални декоративни приверзоци за клучеви од спонзорт Прилепска пиварница, но уште поважно младиот музички уметник Славко Ѓоргиев на саксофон во Холот им исполнуваше музички желби на гостите кои доколку се фотографираа со него или ставеа видео од неговиот офф- настап, добиваа шишенце вино на подарок од убавите хостеси.

По концертот во МОБ следуваше полноќниот концерт во Денсинг салата на МКЦ со тандемот составен од американскиот гитарист и пејач Арто Линдзи и норвешкиот тапанар Пал Нилсон-Лав.

Вечерва, 19 октомври, од 20 часот во МОБ се концертите на Вадада Лео Смит и Хариет Тубман, а по полноќ во МКЦ настапува Турстон Мур. Фестивалот трае до 21 октомври, и за сите љубители на џезот да напоменеме дека вредни и бројни изданија на изведувачите може да се купат во холот на МОБ. (Фотографиите се од официјалната Фб страница на Скопскиот џез фестивал)