дома Живот Сцена ЕКСКЛУЗИВНО ОД ТЕЛ АВИВ- Тамара горда, мазно влегуваме во финале!

ЕКСКЛУЗИВНО ОД ТЕЛ АВИВ- Тамара горда, мазно влегуваме во финале!

Специјално од Тел Авив, Валентина Ѓоргиевска Парго

330

По фантастичната генерална проба денеска, која е мошне важна затоа што вечерва според тој настап гласаат жири комисиите од земјите учеснички, кои се половина од вкупните гласови, македонската евровизиска претставничка Тамара Тодевска во прес центарот ги сретна македонските и странските новинари и македонските фанови. По кусата прошетка низ салата, следуваа нејзините 15 минути интервју на дескот My heritage, место на кое на пејачите според еден интересен графикон им откриваат од кои нации доаѓа нивното потекло, секако повеќе за забава.  Тамара откри детали за своето музичко семејство, за дедото кој бил танчер, за таткото кој бил најдобар музичар на контрабас во земјата, за Тијана, за ќерка и Хана која пее фантастично и од која очекува да ги надмине сите музичари во семејството. Зборуваше и за тоа дека е „лудо“  поврзана со сестра си Тијана, па дури и дека Тијана секогаш имала главоболки кога ја гледала како настапува на сцена, а сега иако не е тука ја чувствував љубовта и енергијата што и ја праќа и тоа многу повеќе од кога би била тука, рече расположенета Тамара пред дваесеттината новинари.

Во нејзина придружба овој пат беа придружниот вокал Васил Гарванлиев и текстописецот Коста Петров, кој ни откри дека  во екипата владее одлична атмосфера, сплотеност и секој си е максимално посветен на своите обврски, а она што го истакна дека според целокупната реакција и коментари на фанови, пејачи, новинари, мазно влегуваме во финале.

Тамара во Тел Авив си поминува преубаво, во хотелот се дружи со претставничките на Малта, Албанија, Исланд. Во истиот хотел, во луксузниот дел е сместена Мадона, која веќе пристигна, и беше главна вест во сите медиуми денеска. Нејзините проби се од затворен тип, но како перфекционистка не остава ништо на случајности, затоа до финалето во сабота ќе има три проби.

Едно од поштосните Тв интервјуа што ги даде Тамара беше за новинарката дојдена од  Вашингтон, на која  ова е трета Евровизија и веќе добро проценува кој ќе помине. Со Тамара имаме голема надеж. Нејзината денешна проба помина со мали технички пропусти за кои е укажано и веќе ќе бидат поправени. За средбата со новинарите одбра долг жолт фустан. Утревечер ќе настапи во креација на Александар Ношпал.  Придужните вокали не се гледаат на сцена, но затоа Тамара е мултиплицирана технички во шест исти големи слики, а гласот и грми. Според нејзино ветување утревечер ќе даде максимум од себе и ќе испее уште подобро. Годинава се надеваме на влез во финале, и според тоа што едно од најрелевантните музички списанија во Европа песната “Proud” ја смести во 12 најдобри песни на оваа Евровизија.

Вчера, од првото полуфинале се пласираа претставниците на Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија.