Фото: Pixabay

Најмалку 25 лица се примени во болница по експлозија во центарот на шведскиот град Гетеборг рано утрово, пренесуваат агенциите. Според последните извештаи на порталот „Спутник“, три постари жени биле примени во болница во тешка состојба.

„Ројтерс“ претходно објави извештај на Шведското национално радио, во кој се наведува дека најмалку 25 повредени се хоспитализирани, и дека повеќе од 100 луѓе се евакуирани.

Експлозијата потресе уште три соседни станбени згради во квартот Анадел, и предизвика пожар, за што беа ангажирани околу 50 пожарникари.

“Станарите скокаа низ прозорците на своите станови и паѓаа во дворот. Засега не знаеме што ја предизвика експлозијата”, изјавил за јавниот сервис СВТ, шефот на спасувачката екипа, Јон Пиле.

Жителите се повикани да не отвораат прозорци поради чадот. Полицијата соопшти дека отворила истрага, но дека во моментов нема осомничени. Шведска во последно време ја потресуваат судири меѓу криминални кланови, кои често користат огнено оружје и експлозивни направи, наведува „Ројтерс“. А.Н.