Едно лице загина, а четири лица исчезнаа по експлозијата што рано денеска потресе индустриски парк во Леверкузен, град во Западна Германија. Пожарот во „Хемпарк“, во кој, меѓу другото, се наоѓаат и хемиските компании „Баер“ и „Ланксес“, беше изгаснат по експлозијата што се случи во 9.40 часот по локално време, соопшти компанијата „Курента“, оператор на тој хемиски парк, пренесе Ројтерс.

„Длабоко сме шокирани од трагичната смрт на еден колега“, рече шефот на „Хемпарк“ Ларс Фридрих во серија твитови, додавајќи дека четири лица се водат за исчезнати.

Службите за итни случаи спасија 12 полесно повредени и уште четири лица со сериозни телесни повреди, објавија властите во Леверкузен. Покрај тоа, се наведува дека пет лица се водат за исчезнати.

Германската телевизија „Велт“, повикувајќи се на градските безбедносни служби, објави дека едно лице е мртво, но не е јасно дали станува збор за едно од исчезнатите лица. Полицијата побара од жителите во областите близу експлозијата да останат во своите домови и да ги затворат вратите и прозорците. Исто така беше речено дека треба да ги исклучуваат системите за климатизација, додека се мери загадување на воздухот поради можен токсичен гас. Граѓаните беа предупредувани на „екстремна опасност“ со сирени и мобилна апликација на германската цивилна заштита. Полицијата затвори неколку големи автопати во близина.

Пожарникарите во Келн исто така рекоа дека мерењата на загадувањето на воздухот „не покажуваат никаква абнормалност“, како и дека нивото на чад е опаднато, но дека и понатаму ќе мерат загадување на воздухот.

„Сирените работеа да ги предупредат жителите и да испраќаат предупредувања“, се наведува во соопштението на „Курента“.

Повеќе од 30 компании работат на локацијата „Хемпарк“ во Леверкузен. Во 2019 година, компанијата „Баер“ и „Ланксес“ ја продадоа „Курента“, оператор на тој парк, на компанијата „Меквери инфрастракчер“ за сума од 3,5 милијарди евра.