дома Живот Емилија Туџаровска – Ѓорѓиевска: Едуцираната и еманципирана жена е двигател на промени

Емилија Туџаровска – Ѓорѓиевска: Едуцираната и еманципирана жена е двигател на промени

Валентина Ѓоргиевска Парго

1876

Меѓу младите македонски интелектуалки, кое своето образование и кариера ги градат низ европските градови и престижни Универзитети, е и Вашето име. Да го почнеме разговорот со претставување на Вашиот моментен ангажман,со најновите предизвици!

Во 2017 година го започнав мојот ангажман како докторант истражувач при Институтот за социолошки истражувања на Чешката Академија за науки и докторант на Карловиот Универзитет во Прага во областа на јавните и општествени политики. Мојот ангажман е дел од програмата Марија Склодовска Кири и ЕУ иновативната мрежа на истражувачи  – „ПЛАТО“, финансирана од Европската Комисија преку програмата Хоризонт2020. Програмата „ПЛАТО“ е мрежа од престижни и високорангирани партнерски универзитети (Центарот за европски политики “Арена” при Универзитетот Осло, Карловиот универзитет, Универзитетот Кембриџ, итн.) и професионалци од областа на политиката, политичката експертиза и граѓанскиот сектор. Како таква, оваа програма придонесува кон решавање на клучни (јавни) политики во Европа. Во рамки на програмата на која сме ангажирани вкупно 15 истражувачи од Европа, заеднички го истражуваме прашањето за легитимноста на ЕУ како одговор на менаџирањето со ЕУ финансиската криза. Секој од нас работи на свој индивидуален докторски проект. Јас конкретно го истражувам прашањето на ЕУ легитимноста и анти-корупциската политика, односно улогата на парламентите во адресирањето на анти-корупциската политика.

Откако дипломиравте на Универзитетот Кирил и Методиј, продолживте со дообразување во Прага, токму во периодот кога станавте и мајка. Како ги усогласувавте мајчинските со образовните обврски? Каква улога тука одигра вашиот сопруг и неговата поддршка?

Откако дипломирав и магистрирав на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, своите втори магистерски студии ги продоложив во Брисел при Европскиот центар за меѓународни истражувања и стратегии (CERIS), во соработка со универзитетот Париз-Суд, во областа на меѓународната политика. Во тој период го искусив и мајчинството, во својата најчиста и најубава форма. И токму мајчинството го зацврсти мојот однос кон образованието, науката и професионалноста, и ја потврди мојата упорност. Во целиот тој период, а и сега, поддршката од сопругот и семејството биле клучни. Мојот сопруг секогаш ја поддржувал мојата љубов кон науката, и неговото разбирање за моите ангажмани секогаш имале клучен придонес кон моите одлуки. Усогласувањето на мајчинските, академските, но и професионалните обврски кои исто така активно ги исполнувам, никогаш не била лесна задача, но секогаш биле извондредно задоволувачки и инспиративни. Токму таа потребата од инспирација, знаење и наука, ме доведоа да го продолжам образованието на докторски студии во Прага, повторно со поддршка на мојот сопруг и семејството.

Кога веќе ја начнавме оваа тема,сметате ли дека една жена може да напредува своето професијата исклучуво само со силна поддршка од партнерот? Што се случува со жените кои ја немаат таа сопружничка привилегија и подадена рака?

Сметам дека секоја жена е исклучително способна, мудра и надарена со различни вештини за извршување на различни обврски, поради што изборот да се напредува во професијата може да биде само свесна и рационална одлука. Доколку поддршката на сопругот е силна, одлуката станува реална, практична и остварлива. Но, не мора да е пресудна. Доколку поддршката е само декларативна или сосема изостанува, може да претставува дополнителен предизвик и притисок при донесувањето на одлука за себереализација, или личен напредок. Но, исто така не мора да биде пресудна.

Некогаш може да е само изговор или потреба да не се напушти својата комфор зона. И тоа е исто така легитимна и оправдана одлука, доколку е лична и базирана врз рационални аргументи и свои видувања. Во спротивно, жените кои не ја уживаат сопружничка привилегија на поддадена рака, се принудени или да се повлечат или да бидат принудат да развијат нови вештини за координација на секојдневните обврски, туѓите очекувања и личните аспирации. Доколку се (насилно) присилени да ја поттиснат својата визија и мисла за себеси или онеспособени да го уживаат личното човеково право на слобода, заштитита, слобода на изразување, право на образование или право на работа и заработка, тогаш жените може да се осамат, демотивираат и дефокусираат од своите цели и сопствениот глас. Во тој темен и осамен агол, во која жената без поддршка е изложена на постојана борба со стереотипи, предрасуди и ограничено разбирање на нејзините потреби, повторно единствената опцијата е личниот избор, или во некои случаи, силната поддршка од друга жена или група на жени – поддржувачи.

Вашиот профил е профил на исклучително еманципирана и современа жена. Колку во изградување на релацијата маж-жена, во нивниот брак, е заслужна самата жена? Треба ли сама да се избори за својата положба,или да чека да и биде понудено на тацна?

Бракот може да значи различна интерпретација на односите маж-жена во различен општествен контекст, и може да има различно поимање на улогата на мажот и жената во таа заедница, во зависност од културошките, семејните, образовните, верските вредности и слично, во социјален и економски под-контекст. Во таква една комплексна општествена интерпретација на очекувањата од ‘институцијата’ брак, личната интерпретација и видување на релацијата маж-жена, односно потпирање на личното разбирање на очекувањата, вредностите, комуникацијата и интерпретацијата на интимноста, е клучната алатка за изградба на релацијата маж-жена. Свесноста за различностите и комуницирањето на (општествените) потреби и на мажот и на жената подеднакво, се исто така клучни за изградба на рамноправниот однос меѓу маж и жена. И токму тоа комуницирање на различните потреби на жената и мажот, како и разбирањето на туѓите вредносни системи е најблаготворниот чекор кон дефинирањето на положбата на жената во бракот. Истовремено, комуницирањето се покажува и како најтешкиот предизвик.
Значително потежок предизвик имаат оние жени во бракови каде традиционално се комуницираат доминантно или само потребите на мажот, наследени од кусогледото толкување на традицијата и културошките вредности. Или уште потежок – кога не се ни комуницираат потребите на мажот, туку се подразбираат сами по себе, како еднаш засекогаш зададени и наследени. Тогаш потребите на жената не само што не се идентификуваат, разбираат, подразбираат или комуницираат, туку добиваат некоја подредена интерпретација, во која жената треба одново или секојдневно да се идентификува и да се бори за сопствениот глас, иако ужива исти човекови права.
Таквата состојба пак, особено во македонски контекст, постојано е изложена на промени, и различни фактори како пречки во комуникацијата. Ако жената го разбере како еднаш засекогаш зададена состојба или улога за која се изборила, повторно се изложува на истиот ризик да очекува дека повторно некој друг (а не самата таа) треба да и додели тоа право. Еманиципираната и свесна жена знае дека не треба да се очекува ни еднаш, ни никогаш, да го добие, или да го заслужи правото за себе-реализција и себе-идентификација ни во брак, ни вон брак. Затоа што никој не може да и го подари тоа право на жената. Тоа право е човеково право на жената, и е само наша сопственост со самото наше раѓање и со бидувањето човек и граѓанин. Со еднакви права и еднакви можности за избор. Се друго е или погрешно разбирање или погрешно толкување на статусот на жената во едно општество. Истовремено, еманципираната и свесна жена не ги занемарува туѓите потреби на ‘другиот во бракот‘ и семејството, при реализицијата на сопствените планови и цели. Ги идентификува и адресира, исто и како своите. Клучот е секако во балансот.

Кој е вашиот актуелен анажман кој ви одвлекува најмногу време и внимание. Покрај сите тие силни обврски,останува ли време за типично женските работи во домот,како перење,чистење,подготвување на храна…или мора да се ангажира и жена за дополнителна помош?

Во овој период, голем дел време од професионлниот ангажман посветувам на науката, истражувањето, студиите, пишувањето. Едукацијата и моќта на зборот е опојна. Исто како што е чудесен секој квалитетен ден или момент поминат со најблиските. За двете задоволства е потребно и време и внимание и организација и приоретизирање. Јас секогаш одбирам да ја приотеризирам личната ‘хигиена’ на духот, телото, домот, и пријателите со кои го поминувам моето време. Во таа смисла, личната хигиена никогаш не претставувала само женско, или ништо типично. Верувам дека секој лично и индивидуално има обврска да ја одржува таа хигиена, не само поради овозможувањето на подобар квалитет на живот, подобар сон, почист воздух, поздрава околина, туку и подобро уживање во храната, пријателите, разговорите, прегратките, смеата или (детскиот) неред, кој всушност најмногу потсетува на редот во хаосот, или хаосот во редот. Затоа сите тие обврски се само дел од секојдневното жонглирање на многубројните обврски и потреби со различни приоритети, и имаат смисла се додека тие ни служат нас, а не обратно – ние да им служиме нив. И функцинираат само кога се подразбираат дека се типично фамилијарни обврски или обврски на заедницата, а не типично женски обврски.

Во изминатиот период имате работено и на проекти поврзани со женските права и активизам. На што се однесуваа тие активности?

Во периодот од 2010 – 2012 работев на проекти за активно вклучување на жената во политичкиот живот и еманципирање на жената (политичарка) на локалните и парламентарни избори. Целта беше преку еманципирање на жените политичарки и нивно стекнувањето со различни комуникациски вештини да се поттикнат активно да се вклучат во демократските процеси на локално и национално ниво. Беше исклучително фасцинантно да се запознаат такви силни жени, индивидуи, кои го имаат потребно знаење и искуство како да го подобрат квалитетот на живот прво во својата локална заедница, а потоа и во поширок општествен контекст. Нивниот потенцијал е далеку од искористен и често занемарен и од самите жени-колеги. Дополнително, ангажманот на жените претприемачи, особено во рулалните средини е исто така фасцинантен и инспиративен. Нивните приказни се борбени, инспиративни, моќни. Тие успешни приказни може да послужат како платформи за поддршка, во функција на активни советувалишта, пред се за основните човекови права на жената, како на пример правото на работа и заработка. Доколку таквите платформи се што поактивни на локално ниво, и што повеќе дознаваме за успешните приказни, толку повеќе и другите услуги како правно советување во случаи на семејно насилство, злоупотреба на деца, склучување на нелегални бракови, и ред други социјални проблеми, може активно да придонесат кон колективниот пристап кон проблемите.  Споделувањето на женските приказни, е уште една моќна алатка за зајакнување на женската солидарност, која некогаш за жал е единствена поддршка кога трауматизираната жена се соочува со нефункционален или корумпиран правен систем, кој не успева ниту да ја заштити, ниту да го казни и  санкционира сторителот, а уште помалку да и овозможи социјална или психолошка поддршка да ја надмине таа траума.
Позитивни приказни секако постојат. На пример, при еден локален склучај кога жени од ромската заедница во одреден период не добивале гинеколошки услуги или услугите им биле преплатени само поради нивната припадност, локална невладина организација активно го адресираше овој проблем и поткрена случај, кој доби и правна и институционална поддршка од Народниот правобранител. Така се придонесе овој случај позитивно да биде решен, служејќи како позитивен пример за т.н. grassroot активизам. Такви мали активности, со голема порака, не само што се потребни, туку треба високо да се приоретизираат на агендите на локалните заедници, со цел активно да се развијат во поширок концепт на размислување – да се пренесе и сподели информација, да се активира соодветна правна и институционална помош, да се едуцира, да се создаде свесност и знаење за она што не го знаеме и што треба да го научиме пред се на локално ниво, а потоа да го пренесеме и на национално ниво. Така би се зајакнале и националните стратегии, акти и планови кои треба да произлегуваат од граѓаните и во функција на граѓаните. Тоа впрочем од секогаш бил вистинскиот пат кон една развиена и самооддржлива европска земја.

Жената во Македонија и жената во Европа. Како е организиран нејзиниот живот, може ли една паралела барем во куси црти?

Жената во Македонија е образована, рационална, борбена, ангажирана, силна, посветена, и често реализирана (само) преку бракот, или улогата на мајка, ќерка, сопруга и сл. Жената во Македонија е комфорна со себеси, сопствениот изглед, своето знаење и своите амбиции најчесто само при одредена возраст, под одредени услови или само во одреден контекст. Жената во Европа е комфорна со себеси, сопствениот изглед, своите потреби, желби, амбиции на било која возраст и скоро во било каков општествен контекст. Жените во Европа ги комуницираат своите потреби и свесни се дека единствената подредена улога што може да си ја доделат е во сопствениот ум. Жените во Македонија, пак, почесто прво ги комуницираат потребите на семејството, па потоа личните потреби. Дури и кога се ослободуваат од стегите на семејството, традицијата или силните верски навики, пак тоа е повеќе врзано со одредена возраст, отколку со состојба на умот, каква што е слободата. Некомфорни се кога треба да се транзитира кон промена, кон нешто различно, и со самото тоа и ретко иницираат промени. Чекаат да се случи. Или не чекаат, туку само се откажале од идејата дека можат и заслужуваат подобро.

Не знам дали ви е познат податокот дека се смета во Македонија царува семејното насилство врз жената, секоја трета,односно секоја втора е жртва на семејно насилство,за кое се молчи. Од ваш аспект,на што се должи овој висок степен на насилство врз жената?

За жал, проблемот со семејното насилство е повеќе димензионален и често контекстуален проблем. Освен од традиционално наследениот фактор, каде насилството се пренесувало и пренесува со генерации, исто така подеднакво е зависен од општествено-економскиот контекст: ниската стапка на невработеност, сиромаштијата, образованието и писменоста, политички притисок, медиумската неписменост и лимитираност на информации; Потанаму и други фактори како алкохолизмот; потиснатата сексуалност; лимитираноста во слободата на секаков тип на изразување итн. исто така имаат влијание и во појавата и во притајувањето на проблемот со семејно насилство. Од друга страна не е лимитиран само на одреден контекст. Постојат голем број на примери каде насилството врз жената не се појавува само во традиционален, рурален и класен контекст. Ваквата висока стапка на семејно насилство говори дека насилството е подеднакво присутно и во економско стабилни заедници каде членовите се средно или високо образовани.
Односно, жртви на семејно насилство веројатно се и образовани и еманципирани жени, кои или не го препознаваат или не го адресираат проблемот со вистинско име, или пак го премолчуваат, па така ниту интимно, ниту јавно се проговорува дека овој проблем кој пред се е граѓански проблем, или проблем со кој се загрозуваат основните човекови права. Во нашата средина потребно е да се говори и за различните форми на семејсно насилство. Веројатно доколку станува збор за психичко/вербално насилство, може истото и да не се препознае, ако се усвоило како востановена (наследена и традиционална) пракса. Може да не се адресира, или сподели и поради страв и срам, но пред се поради непостоење на механизам, заедница, здружение, платформа и сл. каде постои доволно силна доверба, каде сите жени подеднакво може да побараат совет, помош, поддршка. Затоа што насилството во било која форма или подконтект, повторно е само тоа – насилство – и треба соодветно да се санкционира.
Дополнително и според мене најважно, во нашето општество отсуствува концептот за севкупното згрижување на благосостојбата на човековото битие. Благостојбата на жената, мажот, детето – единката – човекот, треба да биде ултимативен стандард во едно развиено општество. Во Македонија, воспоставувањето на ваков стандард е повеќе од неопходен.

Во европските земји поотворено се зборува за овој проблем,за разлика од кај нас. Како да ги “натераме” жените со своите искази да го направат овој проблем повидлив,со самото тоа да се создаде и платформа и поле за дејствување во насока на нејзина заштита?

Жената која била или е изложена на насилство (физичко или психичко/вербално) верувам дека поминува низ тешки фази на идентификација, соочување, и адресирање на проблемот. Притоа, злоупотребата на нејзината доверба, ранливоста на нејзината приватна/интимна состојба, стравот од злоупотребата на моќ (во форма на заканување и сл.) се само неколку предизвици кои жената ниту може, ниту треба сама да ги адресира. Затоа постои колективот – да не остане глув и нем на туѓата несреќа или несакана околност – да ги адресира ранливите, осамените и отуѓените граѓан(к)и – и со тоа да се дефинира како систем и општество. Во таа смисла неколку работи се клучни: 1. Едукацијата односно образованието на жената (формално и неформално) 2. Женската солидарност. 3. Правната, социјалната и економската поддршка. Прво, образованата и едуцирана жена добива моќна алатка да лоцира, препознае и адресира видлив и невидлив проблем. Второ, поддршката и солидарноста на една кон друга жена, на жените кон жените, на мажите кон жените и жените кон мажите, е клучна во различни контексти и околности, и не само што создава платформа и поле за дејствување, туку создава силни мрежи и центри на моќ, преку кои првично може да ја повратат изгубената доверба на жената, а потоа заеднички и здружно да го адресираат насилството и проблемот – правно и институционално. Третиот механизам е исклучително потребен и е обврска на секој носител на јавна функција истиот да го адресира и им го обезбеди на своите граѓани. Избраните политичари, политичарки, особено народните избраници (во Парламентот) со даден глас од народот во своите локални заедници, имаат морална и граѓанска обврска да им служат на своите граѓани/ки и да ги адресираат нивните проблеми, да соработуваат со градоначалниците и општините, а не да им служат (само) на партиските или личните интереси.
Дополнително, искреноста на жените една кон друга и конкретното здружување во формална и неформална взаемна поддршка која можат да ја пружат, пред се во своите локални заедници, во своите градови и рурални средини, е клучна за (јавното) прозборувањето на жртвите на семејно насилство, вклучително и децата. Жртвата не смее да биде осамена во својот проблем, ниту нејзиниот глас да остане осамен. Постојат многу приказни кои некако успеваме да ги прочитаме на медиумите и социјалните мрежи, кога новинарите ја имале единствената алатка во говорењето за проблемот, или нудење на можност гласот на жртвата да биде слушнат. Но, потребно е секоја индивидуа преку механизмот на својата професија активно да ја извршува својата професионална и општествена одговорност: психолози, педагози, социјални работници, полиција, правници, адвокати, судии, политичари итн. Градењето на доверба меѓу граѓаните е тежок, но крајно неопходен чин во адресирањето на проблемот со семејно насилство. Здруженијата, граѓанските организации или неформалните мрежи кои се активни на локално ниво заслужуваат многу поголемо внимание, и преку јакнење на нивните капацитети и пред се, преку силна финансиска поддршка (преку националниот и локалниот буџет), како и преку различните донаторски програми во нашата земја. Малите промени се клучни во просецот кон големите промени.

Ви се допаѓаат кампањите за заштита на жените или сметате дека треба уште да се работи на нив?

Во последните неколку години, се организираа неколку корисни кампањи за подигнување на свеста за жртвите од семејно и родово насилство како: „16 дена активизам против родово насилство“ или „Обој го светот во портокалово, ставете точка на насилството врз жените и девојките“. Истовремено, се поголем број на женски здруженија и активистки превземаат различни иницијативи за заштита на родовата еднаквост на жената (#сегакажувам), или иницијативи за вработување на невработените жени (особено од рурални средини) кои се најчестите жртви од семејно насилство итн. За разлика од претходно, гласот на жената и иницијативите за заштита на жената се повеќе го добива заслуженото внимание во медиумите, особено на социјалните мрежи. Но, постојат уште низа други форми каде жената не ја добива потребната заштита, а не секогаш е родово обоена: на работните места каде не ги ужива еднаквите можности за личен развој и напредок; работи прекувремени саати (и истите не се соодветно правно регулирани од работодавачот); трпител е на мобинг (често и од група на жени, или жени раководители); изложена е на сексизам или стериотипна интерпретација на нејзината функција; самохран родител е, без институционална поддршка; работи за минимум плата, без обезбедено здравствено и социјално осигурување итн. Сите жени во одредена категорија кои не ги уживаат еднаквите граѓански права треба соодветно правно и институционално да бидат заштитени. И соодветни кампањи кои ги адресираат сите категории се повеќе од неопходни. Така заштитата на жените може да се адресира како граѓански проблем, кој е повеќедимензионален, и кој го засега и проблемот со семејното насилство, но и останатите взаемно поврзани проблеми.

За крај, ваша дефиниција за тоа како треба да изгледа “жената денес” , жена на припадничка на 21 век.

Жената денес треба да е самосвесна, искрена, оригинална, своја, едуцирана, образована и имуна на општествени стериотипи. Свесноста за сопствената благосостојба и грижата за себеси на жената и овозможува да ги открие сите свои квалитети, да ги сподели сите свои вредности, и со тоа значително да придонесе за благосостојбата на најблиските, заедницата, семејството, пријателите, колегите, општеството. Едуцираната, образована и еманципирана жена е двигател на промени. За себеси, и за другите жени. За сите обесправени, ранливи и загрозени категории на граѓани. За сите успешни, реализирани и исто така самосвесни жени. Со тоа жената припадничка на 21 век е пред се личен креатор на сопственото јас во колективен контекст, а со тоа креатор на стандарди и вредности за сегашните и идни поколенија.