Европскиот парламент на пленарна седница во Стразбур, во тематска расправа го поддржа пристапувањето на Хрватска во Шенген зоната. Ова, според очекувањата на хрватските пратеници, би можело да се случи уште во 2019 година, пренесуваат хрватските медиуми.

Главниот став на предлагачите за оваа голема промена во системот на влез и излез во ЕУ е дека Унијата не треба да има земји од втор ред, и дека поради тоа и предлага проширување на Шенген зоната во Бугарија, Романија и Хрватска, пишува „Јутарњи лист“. Од Хрватска сега се очекува до крајот на следната година да ги исполни сите критериуми за влез во Шенген зоната, а Советот потоа треба да го уважи сето она што е направено.

„Јутарњи лист“ наведува дека пристапувањето во Шенген зоната е политичка одлука за која е потребна едногласна одлука на Европскиот совет. Ова тело на ЕУ порача дека процесот на евалуација на Хрватска сеуште е во тек и дека се решаваат некои недостатоци, но дека преостануваат многу малку прашања за кои се очекува предлог на Европската комисија во блиска иднина, пренесува „Јутарњи лист“.