Фото Reuters

Вулкан еруптираше во близина на националниот парк на канарскиот остров Ла Палма во Шпанија. Нема податоци за жртви и повредени, а околу 5.000 луѓе се евакуирани, соопштија локалните власти. Пет општини се во состојба на готовност, а шпанскиот премиер Педро Санчез се упати кон Ла Палма.

Снимките од воздух покажуваат како лава од вулканот Кумбре Вијеха се слева и уништува неколку куќи. Санчез рече дека властите внимателно ја следат ситуацијата и можноста за пожар поради лавата.

Вулканот последен пат еруптирал пред 50 години. Лежи на југот на островот Ла Палма, каде што живеат околу 80.000 луѓе.

Ерупцијата започнала околу 15 часот во неделата по локално време. Војници се распоредени и на островот за да помогнат во евакуацијата, наведе Министерството за одбрана, бидејќи се очекува дека ќе биде потребна дополнителна евакуација на граѓани од околните градови.

Пред ерупцијата, научниците снимија серија земјотреси со јачина од 3,8 степени во националниот парк, соопшти шпанскиот Национален географски институт.

Јонас Перез, локален туристички водич, рече дека се уште чувствува како земјата се тресе.

„Никогаш не сум доживеал таква бучава предизвикана од вулкан, звучи како да летаат дваесет борбени авиони“, додаде тој.

Наложена е задолжителна евакуација на луѓето од четири села, а беа поставени и привремени засолништа. За време на ерупцијата, чадот лебдеше над тој дел од островот, а на земјата паѓаше пепел.

Претседателот на автономната заедница на Канарските острови, Анхел Виктор Торес, за шпанскиот јавен сервис РТВЕ изјави дека ерупцијата се случила во ненаселена област, но дека луѓето со ограничено движење се евакуирани. Тој додаде дека нема податоци за повредени.

Шпанскиот премиер Педро Санчез го одложи патувањето во Њујорк, каде требаше да се обрати на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации и се упати кон Ла Палма.

„Се оди според планот, така што приоритет е да се гарантира безбедноста на граѓаните на Ла Палма кои би можеле да бидат погодени од оваа ерупција“, рече Санчез во неделата.

Ла Палма беше во состојба на готовност откако беа регистрирани повеќе од 22.000 земјотреси во изминатата недела.

Канарските острови, архипелаг од седум острови во северозападна Африка, последен пат забележале вулканска ерупција во 2011 година, под морето во близина на островот Ел Љеро. Кумбре Вијеха последен пат еруптираше во 1971 и 1949 година. А.Н.