дома Живот Социјална политика Женски приказни: ”Бегај оттука проклетнику”

Женски приказни: ”Бегај оттука проклетнику”

264
Пишува: Тамара Петрушевска, студент на Филолошкиот факултет ''Блаже Конески'' при катедрата за Англиски јазик и книжевност

Често се прашувам, каде да прошетам, кого да запознаам,кој да ми каже нешто кое го немам слушнато досега?

Да полудам од незнаење, да копнеам и да не ми кажуваат.
Со кого да споделам и да го стивнам немирот во душава носен низ водите од животот онака машки? Ах,да.. Тогаш ехото се судира со надворешноста.Тогаш несвесниот разум ја започнува својата приказна во глувата доба од ноќта,шепотејќи… Запри проклет дожду,запри те проколнувам!И вие,капки следбеници што чекате? Без тронка срам во екот на далечината со својот звук во овие вакви проклети вечери,вознемирувате!
Рушите нечиј мир,кој не се разбира себеси,но ги разбира другите повеќе и од себе. Ајде,ќе ви дозволам. Зајакнете ја болката до крај,разделете ме на најситни парчиња…се сомневам дека воопшто ќе почувствувам. Но,претставата заврши. Наградата за најдобрите слушатели не ви припадна вам,ме изневеривте.Не ме сослушавте до крај. И вие ко проклетников,го следите. Го рушите мирот на душата што доцна,кога стрелките на часовникот со своите отчукувања го минваат патот околу полноќта, е принудена да биде пресликана на овој лист хартија.Да,на него.Заборавен и недопрен со месеци од мастилото повторно ќе се најде во нечии раце и ќе послужи за прост пример на проклетнициве.Да им објасни и порача: -Подигнете ги спуштените ‘рѓосани решетки барем од прозорците,ако не од очите и соочете се со глетката однадвор..Бурата полека стивнува,но дали стивнува и мојот немир?Дали новото утро со себе ќе ја донесе светлината за која секој дел од мене трепери и се надева дека ќе биде сослушана?Милиони дрвја сеуште ги ронат своите кристално чисти солзи што се слеваат низ овенатите лисја кои пак,треперат од страв да не бидат откинати од својата гранка која им го овозможила животниот здив, и така немоќни да се подадат во рацете на ветрот. Да се впуштат во бездната прекриена со мизеријата и мракот се додека не иструлат…Таква станав и јас,несомнено. И ми се гади од лагата,секогаш кога ја зборувам вистината.Мрачно е,живееме во тешко време,а живееме премногу срамно и јадно. Не вреди да бидеш ни храбар, ни кукавица.
Не вреди да плачеш и да споделуваш приказни со другите. А сепак, опасно е кога човек се наоѓа сам,опкружен со тишината на туѓото неприсуство. Се вродуваат многу стравови и чудни разговори со себе. Па си велам, повеќе не се плашам од луѓето за да не ме повредат, и за да не бидам вреднувана. Се плашам од морничавоста и злобата која ја носат со себе во трулите срца.
За мене дожду проклетнику,кршачу на мојот мир светлината незнае веќе многу години,само бурата ме дружи константно. Во мене времето и немирот водат двобој, па незнам каде сум.Не постојат граници а ниту чувствата веќе не се истите,ми наликуваат на недостижните облаци. Веќе ми е сеедно каде се наоѓаат,како што ќе им биде сеедно и на листовите кога ќе се најдат во својата бездна..
Споделени,а не сослушани.Тоа ми носи удобност:повеќе не чувствувам потреба да разрешам нешто. Од маката која господари во мене и срцето е нејзин роб, веќе не се плашам. Родена сум најверојатно за мали нешта како и многумина од нас, неможејќи да ја почувствувствувам топлината на сонцето, па да им се се извинам на овие проклетници, што им се спротивставив. Ако овој живот е толку краток за да потрае само еден час, ден зошто тогаш бурата не стивнува?
Зошто не запира на момент, да сослуша само една страница споделена од мојава душа…
Најверојатно затоа што овој земски живот е непредвидлив и недоверлив, а вечноста е подобра од него. Најверојатно затоа што и ехото недоверливо и раскажува.
Не теши ме проклетнику, дај ми само надеж дека сите оние кои ќе живеат по нас, нема да го чувствуваат твоето студенило со години, а ќе ги спомнуваат нашиве денови како среќни. А јас,оваа приказна ќе ја оставам споделена на овој лист хартија вечно за идните од кои ќе биде сослушана. Стопли ги нив те проколнувам, а сега оди подалеку од мене!!!