дома Живот Здравје Силви П. Џуричиќ: Ве молам направете услови да се лекуваме достоинствено и...

Силви П. Џуричиќ: Ве молам направете услови да се лекуваме достоинствено и без ризик!

Валентина Ѓоргиевска Парго

1869

На оваа наша средба со уметницата Силви П. Џуричиќ едноставно го вклучивме диктафонот и молкум дозволивме да ни раскаже се, во прво лице еднина.

„Покрај долгото убедување од страна на докторите дека морам да ја продолжам терапијата јас бев решена да се откажам. Ја донесов одлуката,не можев повеќе да го поднесам измешаниот мирис од антибиотици со оболени тела кои со последните сили се борат против ова подмукла болест на денешницата. Доста ми беше од лажните насмевки и мрачните погледи во долгите ладни ходници.
Кога за прв пат отидов на преглед кај доктор, веднаш ми закажа кај дерматолог, со изговор не е ништо сериозно, но подобро е кај стручно лице да се прегледа. Имаш бел пигмент на кожа мораш да внимаваш на себе, не се изложувај многу на сонце. Се насмевнав и си помислив во себе – па нормално дека внимавам на себе, цел живот сум со бел тен, не сум од вчера ваква бела.Но, кај мене не стануваше збор за изгореница предизвикана од УВ зраците, туку од сосема друга причина. Од едно обично поткожно влакно кое константно ме боцкаше. Не ми било прв пат да одстранувам влакненца од кожата, тоа за нас жените е нормално. Но, ова влакно се издвојуваше и кога го одстранив наместо да излезе корен како сите останати, од него изби темна крв. Од ден на ден менуваше боја и форма. Следуваа испитувања,биопсија и дијагноза. Од специјалистот ја добив дијагнозата и со понатамошни упатства да преминам веднаш со терапија на онкологија.

Со многу смирен тон ја добив дијагнозата втор степен малиген меланом на кожа. Се знаеше што понатаму, повторно прегледи,испитувања,терапии, па добив и намален имунитет, почнаа проблемите да се редат едно по друго. Иако истражував на интернет кои би биле симптомите, никаде не беше наведено дека меланом може да се развие на таков начин. Сте се запрашале ли како им е на болните во тој момент? Светот буквално им се распаѓа пред нивните очи. Имав кариера, дом, деца, планови, толку многу неостварени желби. Што понатаму? Како да им кажам на децата? Сега само се молам се ова да е лош сон и што поскоро да се разбудам.

Од тој момент понатаму секоја секунда е битна, почнуваш повеќе да го цениш времето, луѓето околу тебе и ги согледуваш малите работи кои ве прават среќни. Навистина понекогаш животот знае да ви го плесне најтешкиот шамар и да се освестите за да почнете да ги цените вредностите на нашето постоење.

Да не драматизирам многу, сакав само да ви ја доловам мојата ситуација. Откако заминав од болница откажувајќи се од секоја лекарска помош, решив да се обидам со алтернативна медицина.

Што можам да изгубам, си велев, па што сака нека биде, барем ќе се обидам. Така и направив, преходно многу истражував за методот на Рик Симпсон, за тоа како сам се излекувал и илјадници други и веќе бев убедена дека има шанса да се излечам.Стануваше збор за масло од канабис, но тогаш пред 12 години беше нелегално за разлика од сега, имаме во аптека. Си помислив како ли ќе најдам, како? Треба што поскоро да го конзумирам, но како да го набавам.

Во агонија и болки неколку дена истражував и пронајдов коментари од анонимен дилер од соседна наша држава, кој правел според рецептот на Р. Симпсон. Ги исчитав коментарите од задоволните конзуматори на маслото и решив без размислување да стапам во контакт со дилерот. Не размислувајќи воопшто во што се впуштам и колку е голем ризикот.

Договоривме средба за на плоштад  во 13 часот. Требаше да отидам во таа соседна држава и да се сретнам со непознато лице и да купам нелегално масло. Милиони мисли ми се вртеа во глава, помислив можеби е замка за фаќање на дилери, можеби нема ни да се појават, можеби ќе ме уапсат…многу „можеби“ прашања во глава прелетаа. Но, немав друг избор, морав да се обидам.

Изнемоштена од патот како и самата здравствена состојба која ме истоштуваше и оставаше без трошка енергија, стигнав на плоштад. Рацете ми се тресеа од страв, адреналинот ми беше покачен, сите што минеа покрај мене ми беа сомнителни. Седнав на клупа и чекав. Договорени бевме да носиме шалови, мојот беше црвен, а очекував дилер со жолт шал. Во 13.03 часот седна до мене една жена, воопшто не ми изгледаше како контактот кој го очекував се додека не го отвори капутот и го извади жолтиот шал. Разговаравме неколку минути во кратки црти сфатив дека има син болен од епилепсија и дека таа поради него го прави маслото во домашни услови. Ми ја даде малата кесичка, погледнав внатре два шприца од по 10 мл завиткани во кујнска хартија. И ги дадов парите, стана и замина. Толку беше од средбата со дилерот си помислив, се мина во најдобар ред.

Но,сега како ќе ја минам границата. Што ако ме претресат? Обидувајќи да најдам решение, се пикнав во првиот бутик кој го здогледав, си помислив барем ако ме прашаат зошто толку кратко сум била во нивната држава барем ќе имам изговор – шопинг. Така и се случи, наполнив ќеси со подароци за децата и по нешто за мене и сопругот и назад. На граница имаше застој, не знаевме што се случува, правеа претрес по автобусите, после разбравме дека барале мигранти. Влезе цариникот во автобусот, на сите ни ги побара патните исправи. Стигна до мене и јас со насмевка на лице му го дадов пасошот, ги погледна полните ќеси кои беа до мене и вика на шопинг, аа? И јас – да, да.. ми го врати пасошот и продолжи понатаму. Во тој миг буквално осетив како ми белее косата.

Не сум единствена која била на ваков ризик,но верувајте на никој не би му посакала ваков начин на борба за живот.“