„Јас сум самохрана жена“, ја почнува својата исповед над 50 годишната работничка во фабрика, која рано останала без сопругот, а со тоа и без сигурниот и покомотен живот. „Многумина ме прашуваат каков е тој поим самохрана жена, им одговарам- еве како мене. Некоја што сама се прехранува, а не успева, и нема кој да и помогне. Или не сака да и помогне, за џабе имам финансиски силни пријатели и соработници.. Вртат глави. Некоја која се прехранува со минимална плата, која не стигнува за десеттина дена скромен живот, не камоли за цел месец!“

Животот како самица не и претставува проблем, напротив е  весела и горда со својата слобода, ја ужива на спортски и креативен начин, се бори и да ги надмине повремените здравствени проблеми, кои и се влошуваат со суровите извршители, закачени за неа за минимални суми, кои нараснуваат.

Народот во нашата земја последниве години го заплиска еден матен бран, од кој не знаеше како да се одбрани. Силно го беше заплискал матниот бран на безмилосни извршители, профитери, кои газеа се пред себе, блокираа сметки, земаат пари, наплатуваа со едната рака, а со другата си  купуваа скапи часовници и џипови, од солзите на најранливите категории свои со-граѓани.

За заостанати сметки (а не ретко и подметнати, еднаш платени, од пред повеќе години), се пишуваа огромни казни, а најмалиот сразмер за плаќање беше 1 спрема 10- за 600 денари со нотар и извршител се плаќаше минимум 6.000 денари, кои заврпшуваа во џебовите на споменативе современи профитери.

Тоа беше еден силно изживување врз народот, заштитено со закон, во  кој настрадаа и големите компании, ама најмногу најсиромашните граѓани, кои немаат солиден или никаков прилив на пари и приходи.

***

-Што да Ви кажам, каде да се обратиш? 450 000 граѓани на Македонија постирале во групата „ ОШТЕТЕНИ ГРАЃАНИ НА МАКЕДОНИЈА“ на фб. Мене, во неколку наврати ми стигнаа сметки за неплатен Интернет, и тоа со драконски казни, ко да сум причинила не знам каква штета некому, а не ко да сум користела бесплатен етер, кој некој решил да си го наплати дебело. Се жалев до повеќе институции наводно за заштита на потрошувачот, ама тие речиси во практика  и не постојат не камоли да те заштитат,  тропнав на врати на моќници, но не наидов на разбирање. Кога дојде на ред извршителот, е тогаш почна драмата. Мојата здравествена состојба се влошуваше, и наместо за соодветно лекување, за свое задоволство, за лекување и одмори,  јас парите до денар им ги броев на  извршителите. Мојата последна извршителка е млада, и штом ја видам на фејсбук со ќерката во прегратка, со фотографии од екслузивни патувања се прашувам- дали од хумани причини заради малолетната ќерка да и ставам „лајк“ (затоа што таа смета дека испадна добродушна што ми направи да плаќам на рати), или да и напишам под коментарите во кои ја опишуваат како „успешна жена“, дека луксузот на своето малолетно дете го обезбедува на грб на мојата сиромаштија, тага, болка, и солзи, ни се жали самохраната Скопјанка.

***

Анимозитетот кој граѓаните го здобијат кон извршпителите, не е чудо што се пренесува и на нивните потомци.

-Бев во посета на пријателка на која сум и старосватица. Во собата влезе нејзината 13 годишна ќерка со две другарки. Ја гушнав, ја бакнав, а потоа како што е ред, се запознавав и ги гушнав и другите две девојчиња. Едното од нив , во моментот кога го прилепував до себе да го гушнам, ми ги кажа имињата на своите родители и кога ми кажа дека мајка и е извршителка,ја оттурнав инстинктивно. Девојчето ја наведна главата, сфати и само изговори- „и на мајка ми и е криво, навечер кога доаѓа дома некогаш и е криво и раскажува за луѓето кои немаат да платат“. Глумев како да се закашлав и и реков „Душо, извини, се закашлав“, сепак за да не се навреди, ама девојчето сфати и тоа се позна по нејзиното расположение. Верувајте, по искуството со извршителките и нивната арогатност и бездушност, јас немам сили да ги почитувам ни нив ни нивните најблиски и семејствата, ни раскажува една самохрана новинарка, од мало место.

***

Скопјанката Ани отишла чекор понатаму. Пред некое време, откако ја изгубила работата поради учество во протести за подобар живот, шетајќи на пладне низ скопските улици, во  летната тераса  на еден ресторан здогледала две извршителки, дотерани и нашминкани како кокони , кои го имале паркирано скапиот џип непрописно, до кафаната. Им приговорила дека тоа е тротоар за поминување, тие и одговориле надмено, на што следувал и нејзиниот одговор-  им ја превртела масата со чиниите, со храната, со пијалоците. Пристигнале и полијцајците кои направиле записник, но оваа жена  е горда на својот гест и не се кае.

-Понекогаш доаѓаат моменти кога мораш да покажеш дека животот на самохрана жена без примања, те тера да си на дното и тој револт да го искажеш на свој начин , меѓудругото не се каам, дека на двете извршителки им ја истурив трпезата, платена од мои, од твои, од  наши пари, од парите на народот. Да не пронашле бензин или рудник со дијаманти во својот двор па што така лежерно се распослале? Па уште и приговараат како тие да се граѓанки од прв ред, а ние не, како се да е нивно, и никој друг нема право. Нека ги заработаат парите со чесен труд и пот, тогаш ќе разговараме рамноправно. Сега ги сметам за подолни од секого, за ликови кои не покажале разбирање  за другиот, раскажува педесетгодишна фенси Скопјанката, и низ солзи раскажува за своите сеќавања дека месец и половина немала финансии со што да ја погреба својата мајка, со која живеела до пред некој месец .

***

-Настрадавме од извршителите. Од една  страна платата е толку мала што не можеш да се прехраниш, од друга извршителите ни се закачија, со неразумни суми. Извршител во животот тоа ти е како змија отровница да носиш под пазува. Станувам од пет за на работа, не ми е лесно, но се борам за егзистенција. Пишувам на социјалните мрежи против нив, но ми рекоа дека не можело да се укинат извршителите, биле под европско знаме. Но, во ред, кога ќе имаме европски плати нека „хараат“. Ама, вака? Дали е логично човек кој нема да плати 600 денари за сметки, да мора да пати  6.000 денари за казна, и тоа во рок од 8 дена? Од што? Тоа е сурово. Нема логика. Пак ќе речам, да имаме пари, а да сме недисциплинриани граѓани и неплаќачи на сметки, нека не казнуваат. Во овој случај што да правиме-  кожата да ни ја одерат?  Стоп за тие сатани и современи демони и џелати, како што ги нарече народот. Народот нив ништо не им должи, објаснува друга средовечна самохрана Скопјанка.

***

-Последниов период ми беше страв да отворам врата. Доаѓаа поштари кои ми носеа покани до извршители, и за заостанати сметки кои биле од пред седум години, но никогаш не ми стигнало известување. А еднаш пратиле известување, ама на погрешна адреса. Не можеле да ме најдат. А кога требаше да ја платам казната од 40.000 денари,  веднаш ме најдоа. Среќа наидов на малку почувствиелен извршител кој се откажа од својот дел и ја намали двојно казната, откако сфати дека не е вината моја. Да имаше добар закон кој ги штити своите граѓани, јас на таа неквалитетна компанија за мобилни и кабловска мрежа не требаше да и аплатам ништо, па дури и можев да тужам, да добијам отштета, раскажуѕва  револтирана невработена девојка..

Според нејзиното мислење вина имаат и  медиумите зошто во изминативе години не пишувале доволно, а и воопшто,  против пакоста и пустошот што зад себе го оставаа извршителите. Обвинува и дека  покачениот крвен притисок и хормоналното нарушување е токмуу од извршпителите, зошто друг поголем проблем немала.

***

-Извршителите немаат  ни милост, ни култура на однесување. Се случи да одам на нотар на пријателка која мајка и беше самохрана, а работеше како хигиеничарка и  знам колку живееја сиромашно. Многу сиромашно ја одгледа и исшколува.  Сега и јас сум самохрана, поточно не сум ни самохрана жена, живеам од малата пензија на родителот,  кој си крати на лекови, за да платиме сметките што ни стигнуваат. И замислете, извршителката на хигиеничарката, ме пречека љубезно, насмеано и надмено, ме почести кафе, ми се фалеше за својот гламорозен живот, патувања, скапа облека, и имотот кој го стекнала, жалејќи ми се дека многу работела, но казната не сакаше да ми ја намали. Едвај направи на неколку рати, но со тон во говорот како да нешто специјално добро  направила за мене што не смеам да и го заборавам. Почна и да ми го објаснува законот. Знам за законот, но какви бездушници се тие што се нафатиле да го спроведуваат таквиот закон и да ја работата оваа работа, само за да живеат луксузно? Таа има правен факултет, ако се заколнала на правото, треба да се бори за праведен живот на сите, но таа ја прекинува заклетвата на која се заколнала, ни го пренесува своето горко искуство разочарана и огорчена триесетгодишна невработена девојка.

***

-Овие самохрани жени резимираат : „Ова е е еден вид општествен насилство врз нас самохраните жени, со мали примања. и мора да се спречи! Извршителите и извршителките  нас ни ставија видливи и незаслужени каани, ни го урнисаа човечкото достоинство, ние пак им ставивме невидливи окови на нивната совест, и кога во нив ќе проработи совеста нема да може да си простат за тоа што го правеле врз народот кој немал да плати. Нема враќање, не ќе можат да се ослободат од сенката на вина , ќе ги следи, велат сиромашните граѓанки, кои на овој начин се чувствуваат како многу дискриминирани и жртви на еден современ вид психично и општествено насилство, кое мора да сопре веднаш.

Валентина Ѓоргиевска Парго


(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)