дома Живот Социјална политика ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Да беше паметна, немаше да си го полуди мажот!

ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Да беше паметна, немаше да си го полуди мажот!

50

Доживувањата на Марика од пред две-три децении, што ги раскажува нејзината сестра Мирјана со многу смирен тон, иако се вознемирувачки, дефинитивно треба да служат за поука за секоја жена превентивно да се справи со семејното насилство од сопругот, или барем да реагира додека е со време. Додека нема последици.

Марика била најмала од трите сестри, најубава и најгалена, зошто целото внимание било свртено кон неа. Во сиромашното битолско село, каде сите се занимавале со земјоделство, Марика била најпоштедувана, и, ако сите секојдневно требело да заминат и работаат на нива, на најжешките температури, како под вршник, таа била привилегирана со тоа што ја оставале дома сама, да прави ручек, , да чисти и да ја средува куќата. Така некако, од малечка, добро ги совладала вештините на жена домаќинка, а во слободно време сама почнала да шие и крои маички, фустанчи и облека за себе, а потоа и за сите дома. И да ги шие на рака, но без да се забележи дека не се машински шиени.

Кога дошло време за вработување, по успешно и со успех завршеното осмо одделение, зошто покажувала добра интелегенција, таа се вработила во фабрика за текстил, за мала плата, но била мошне среќна што патува кон ргадот, а и набрзо таму го сретнала Митко електричарот, со кого се вљубила и оформира дом. Му родила три деца, кои ги воспитала да бидат скромни и чесни.

Нивниот брак, според неа, а посебно според нејзиното семејство, бил среќен , затоа што таа зела „домаќин човек “, и тоа кој живее во градот. Селанец, преселен на периферијата бво Битола. Тоа и било олеснителна околност, да не мора да патува од селото кон фабриката, на што малку и завидувале нејзините сестри, зошто тие, како селски снаи, кога се вработиле во истата фабрика морале да ги чекаат селските автобуси.

-Си имала среќа, супер се среди, е, само од тебе ќе зависи каков брак и иднина ќе имаш понатаму, и велеле со восхит нејзините.

По неколку години, кога сопругот малку се пропил, а и малку се оддалечил од здравиот разум, Марика сметала дека тоа е нормално и дека му е од „годините“. Дека тоа е „машкиот климакс“, кој ќе му помине, а со тоа и ќе се врати мирот во куќата.

А мирот бил нарушен. Тој почнал да покажува физичка надмоќ, и од ден неговите методи на измачување се зголемувале. Прво ја подчукнувал Марика со по некој шамар за ситници од типот- „манџата не тие е дволно жешка или оладена“, „ќофтињата не се доволно крцкави“, потоа кога веќе лудилото му кулминирало, ги заклучувал во подрумот, за да ја опамети, а и секој од децата кој ќе се побудело. Веднаш ги заклучувал во подрумот на неколку часа, во куќата која била негова, а тој тоа го нагласувал во речиси секоја втора реченица. Еднаш дури и ги соблекол голи сите, жената и децата, ги врзал со јажиња и така ги гледал и им се смеел. Марика немала кому да се пожали за сето тоа, а и тиаена кои им кажувала не верувале, зошто Митко на работа бил вреден, мирен, добар и чесен човек. Навидум.

Само нејзиниот братучед Ѓоре, автолимарот, поверувал во „приказната“ зошто и самиот бил сведок на една таква вечерва караница, во која сите молчеле а Митко урлал ан сиот глас. За небитни работи. Домашното воспитување на Марика не дозволувала таа да раскажува што и се случува дома, иако на лик веќе се гледало дека нешто не е во ред е со нејзиниот живот.

Таа вечер, кога се случила најголемата драма, и кога со јажиња и ланци Митко удирал по неа, и кренал и нож, зошто забележал дека има нова црвена ташна, за која ја обвинил дека некој „швалер “ и ја купил, Марика му се јавила на Ѓоре да повика полиција. Тој дошол, со боксови и тупаници ја ослободил Марика од стегите на Митко, ја пикнал во автомобил , неа и децата и ги одвел. Пријавил во полиција, која кога дошла Митко го напла во раскрвавена состојба, самопореден и легнат на подот во речиси бессознание, го привела и хоспитализирале во лудница. Следувала уште поголема психичка драма во семејството.

Сега на Марика, намето да и помогнат, и се налутиле нејзините зошто тоа било голем срам, да се дознае дека дома се караат и дека нејзиниот сопруг е во лудница.

-Што ќе речат луѓето за нејзините деца, дека и тие имаат наследно лудило. Наместо да молчи и покрива како секоја свесна жена, таа го изнесе својот проблем во јавност, сите да им се смеат, за на век. И кога же дојде за мажење и жењнење на децата, сите тоа ќе го спомнуваат како карактеристика на семејството. Лудилото. Да беше паметна, немаше да си го полуди мажот!

Вака ја коментирале, и не сакале да ја видат со години. Изнајмила речиси подрум, како стан, каде се сместила со децата и ако една смена работела во фабрика, другата смета чистела во сендвичара. За да преживеат.

Дури и кога Ѓоре ја запознал со богатиот Македонец- Американец, вдовец со две деца, и среќно се омажила за него, семејството не ја прифаќало. Синот што го родила во бракот со „Американецот“ го сметале за уште поголем срам.

-Што направи ти од својот живот, ја прекорувала постарата сестра, ја измеша крвта на децата. Едни деца со една крв, другово дете со туѓа крв. Не си достојна жена. Џабе уживаш во огромна куќа и сега имаш и пари, душата не ти е чиста, и велела. Долги години односите со семејството и биле ладни, дури и кога се помириле, гревот не и го заборавиле ни простиле.

-Од страв се бега, од срам не се бега, коментирале нејзините. Таа избега од мажот, ама цел живот ќе остане печатот што им го втисна на децата на чело – дека имаат луд татко, и дека мајка им е жена која се премажила за пари и родила дете со друг, не можеле да се помират тие, кога и префрлувале.

Марика сега има среден живот, но се уште несредени семејни релации, само поради тоа што јавно проговори за семејното насилство на првиот маж, и кого, ако се водиме од констатациите на нејзините родители и сестрите, таа го сместила во болница за душевни нарушувања, за кои никој со точност не знае да каже како настанале тие. Сега Марика живее надвор од земјава, каде е отселена со целото свое семејство и децата. Вклучена е активно и во кампањa против насилство врз жените и го пренесува своето горчливо искуство.

Валентина Ѓоргиевска Парго


(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)