Вербален напад врз жени, навредување, лоши зборови, почеток на насилно или агресивно однесување кон жена, озборување, тенденциозно намалување на нејзината вредност.

Иако живееме во век во кој одамна е изедначена рамноправноста на жените со мажите, во медиумите и ден денес има неедуцирани и неетички медиумски работници, кои се уште не можат јасно да се соочат со овој голем факт. Тие се ограничувачки фактор, и поаѓајќи од својата ментална немоќ на сфаќање на нештата, не работат на подобрување на статусот и положбата на жената, туку против.
Отстранувањето, водењето хајки против новинарки, нарушување на углед, измислици, ширење невистини, е насилство. Суптилно насилство со далекусежни последици, кое може да наруши нечие здравје и егзистенција. И кривично дело, пред се. Се третира како и секое друго насилство врз жени.

Од една страна, да проговориме за третманот на редакциите и колективот врз новинарките, а од друга страна што објавуваат медиумите и како ја третираат жената. Посебно е важен односот и менталниот склоп на новинарот, зошто ако истиот тој нема заштитнички и праведен однос кон жената во реалноста, тој не може да си ја врши својата работа професионално.
Искуството на една новинарка, открива дека во одредени медиуми во Македонија, врие насилници, кои се можеби со такво семејно искуство и сето тоа се рефлектира во нивната работа и начин на функционирање.

-Работев како новинарка долги години, најмногу во печатени медиуми. Посветена новинарка. Таму имаа шанса за напредок само оние новинарки, не кои се истакнуваа со работа, туку кои беа протежирани од уредниците и сопствениците на медиумите, по приватна линија, партиска, клановска, интимна. Се сеќавам кога на една колешка и беше одземена уредничката функција, и дури и беше безмислосно отстранета од Редакцијата, само за на нејзино место безобзирно да дојде уредничка без искуство, чиј сопруг беше близок со сопственикот на весникот, кој веќе не е меѓу живите, раскажува новинарката.

Таа вели и додека работела чувствувала притисок и кога си заминала.

-И по заминувањето од весникот ја почувствував машката бруталност. Кога работев за македонски медиум во дијаспората, уредник и новинари дури воспоставиле контакт и ширеа невистини кај оние кои го поседуваат медиумот, нудеа бесплатно превземање на нивните „трач„ содржини, само за јас да бидам тргната. Жената е немоќна сама да се бори во вакво општество, каде ни околината, ни законот не ја штити, тоа тие добро ги знаат и затоа земаат сила, се потсетува новинарката.

-Следното мое изненадување беше односот на неколку неедуцирани и би рекла залутани во медиумите. Едно медиумско лице кое е препознатлив по примитивното однесување и менталитет, кому своевремено дури и му помогнав во некои ситуации, постојано ширеше невистини и водеше антипропаганда за мене. Замислете, тој им се јавувал и заканувал на оние кои ми давале изјава ако продолжат да соработуваат со мене, нема да ја добијат поддршката од медиумот во кој тој работи. Не е јасно ова однесување, но за жал поддржано и од другите машки шовинисти кои работат во истиот ТВ медиум, па дури и од сопственикот. Тие во јавност сакаат да се прикажуваат за хуманитарци, но се лажни хуманитарци, шовинисти и насилници, е убедена новинарката.

Таа го памети и здружувањето на неколку машки колеги од разни медиуми, кон кои се приклучиле и женски колешки, чии разговори, наместо за професијата, завршувале со прашања од што таа егзистира, каде наоѓа пари, и целосна анализа на нејзиниот живот.

-Ме следеа во чекор, иако и тоа е казниво, правеа злосторничко здружување со цел напакостување. Бев ставена во сутуација да се бранам од напад, без никаква вина. Можеби главен проблем беше нивната ограниченост и неедицираност, затоа и сакаа да се одмаздуваат и нанесуваат зло. Тенденциозно објавуваа и фотографии и невистини, со цел да ми го нарушат угледот. Но, јас сум борец за човекови права, и пред се за женски права и нема да им дозволам да ме деградираат неуки насилници, залутани во медиумите. Ќе им застанам на нивниот пат, за да не го повторат делото и врз други новинарки, посочува таа.

Новинарката потенцира дека некои од нив и се претставувале како пријатели, дури ја нарекувале „сестричка“, а зад грб правеле злодело. Таа се прашува какви колеги, сопрузи и татковци може да се очекува од вакви, скриени, а потенцијални насилници?

****
Од размислувањата и светогледот на мажите во медиумите, зависи и какви содржини ќе бидат објавувани за жените. Еднаквоста помеѓу жените и мажите подразбира еднакви права, одговорности и можности и за жените и за мажите, и во медиумите е шовинистички кога некој уредник или новинар се обидува да отстрани, па дури и да не заштити жена.

Во својата публикација „Жените тоа го можат во медиумите“, објавена во 2006 година, авторката Савка Тодоровска потенцира дека уште во осумдесеттите години на 20 век новинарството станува се повеќе женска професија. Меѓутоа жените се уште не ги држат клучните позиции во медиумите и нема соодветна рамнотежа. Исто така, жената најчесто била прикажувана во рубрики темите за мода, гламур, живот, музика, а поразителен е фактот дека жените се многу малку застапени во написите за економијата, финансиското работење, политиката кои се најексплоатирани теми во медиумите и најмногу го привлекуваат интересот на читателот.

Ова укажува на извесна дискриминација, медиумско покрива продолжува да се потпира на мажите како експерти на полето на бизнисот, економијата и политикатаа жените се стереотипно портретирани или прикажани во сториите за несреќи, како жртви, како социјални случаи како модни објекти и козметички конзументи.

Исто така, овие новинари и медиумски ликови , како погоре споменатите, се секогаш мизогино настроени кон жените. Тие во своите прилози и на насловните страници многу сексистички ги прикажуваат жените. Жените најчесто се прикажани како „просечни граѓани“, или како жртви, а поретко како експерти со свои гледишта за одредени прашања, се вели во публикацијата.

Од ова би заклучиле дека и по десет и повеќе години не е сменета кон подобро ситуацијата на жената во медиумите, туку дури и кон полошо, а со новинари и уредници кои негуваат шовинистички и насилен однос кон жената, видлив или невидлив, не може да се подобрува оваа слика.

Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDPТекстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP