Насилството на македонската естрада е една од често присутните теми во медиумите, но прикажано во една би рекле инфантилна форма, и како ништо да не било, како тоа да не е важно. Старите навики и перцепции на голем дел од луѓето, прават често љубовта да ја поврзуваме со насилство, повикувајќи се на една (произволна и не многу точна) изрека, дека „кој се сака, тој се тепа“.

Деновиве предизвика бура од реакции и обвинувања однесувањето на позната фолкерка, кога таа реши да му се врати на својот сопруг, за кој нешто пред тоа бомбастично изјави дека со години трпела насилство и дека си заминува. Веднаш почнаа јавни шпекулации од типот дека таа е со друг маж, а сопругот станал на тоа љубоморен, и дека само тоа е причината и слично. Сето тоа би останало само на чаршиски муабети, доколку пејачката не реши да му се врати на сопругот, и тоа отприлика со зборовите „Не трпев физичко, можеби повеќе психичко насилство, и друг тип на малтретирање. Било што било, имаме деца, продолжувам да живеам во брак со него!“. Не ја прифати нашата понуда да проговори за насилството кое го трпат многу од жените во бракот, особено ако истите имаат јавна и бурна професија.

Нешто сличен, иако можеби и не баш случај, пред неколку години беше на позната поп пејачка, за која осамна текст дека е претепана од својот млад и пристоен сопруг и тоа на влезот на зградата во кој таа имала свој стан, откако ја фатил ин флагранти со помлад и згоден фудбалер. И додека се очекуваше нејзиниот коментар, јавноста плетеше разни коментари и осуди.
-Убаво и направил, неколку „воспитни“. Малку и е, требало повеќе. Таа знае само да оди „од кревет во кревет“, и тоа се во туѓи кревети. Таа е растурачка на бракови . Го извади и тегнеше задникот пред камертите на цел Балкан. Прво на листата и беше композитор, па пејач, министер, градоначалник, а сега фудбалер и којзнае уште кој не. Овој пат, неверството скапо ја чинеше. Но нека и е. И малку и е, лош пример е таа и „предмет на озборување“ за тоа како не треба, непотврдено за овие наводи, коментираше јавноста.

Нешто потоа пејачката јавно го демантираше претепувањето и без никаков дополнителен коментар само рече дека се разделува од сопругот, а причините не ги откри. Со тоа даде повод за нови шпекулации и потврда дека можеби тоа што го зборува јавноста е точно. Но, за жал, ретко кој застана во одбрана на „жената која е претепана, не зависно од причините“. Можеби, затоа што и самата не ја откри вистинската „приказна“ од случувањето.

Нерасветлен за јавноста остана и уште еден случај, оној кога позната пејачка доживеа несреќа со пад од тераса, а тоа веднаш го поврзаа со нејзиниот сопруг, како можен сторител на насилството. Најчесто слушнат муабет кој кружеше е дека тој е љубоморен на нејзините „неверства“. Пејачката сето тоа го демантираше и остана на изјавата дека сама паднала и се скршила.

Навистина, љубовниот, интимниот и семејниот живот е приватна работа, но насилството и тоа како е јавна и општествена и не смее да се прикрива.
За разлика од овие примери, пак, млада академска поп пејачка неодамна сама се стави во служба на јавноста и го крена гласот против насилството, кога беше претепата од сопругот (сега веќе поранешен) и заврши во болница. Што се случило во нивниот стан, во нивната спална соба, сето тоа таа го изнесе на виделина, во медиумите.

За некои професии неверството се врзува како неминовно, во секој коментар на јавноста. А, тоа го подгреваат и некои признанија на познатите. Имено, еден текстописец пред дваесетина години напиша мошне романтичен текст за љубовна песна што ја отпеа популарен пејач, во кој тој ја опиша двонеделната разделба со својата сопруга, а на новинарите им призна дека таа си заминала откако ја ошамарал.. Потоа сфати што кажа, и не го повтори овој факт.

За „неколку шамари“ кон сопругата, исто така во својата книга пишуваше и позната актерска ѕвезда. Јавноста искоментира „Е, ова е од љубов. Кој се сака, тој се тепа!“. Иако, се разбира дека не е така. Љубовта се негува со разбирање и добар збор.

Има доста примери на експлицитно насилство на естрада, за кои ретко кој зборува. Да акцентираме- насилството не може и не смее да се третира како „приватна работа“. Тоа не се осудувало и никој не реагирал дури и кога се случувало пред очевитци, и на маса, и во кафеана. Кога мошне познат пејач ошамарал сопруга, кога позната пејачка била претепана од помладиот љубовник… Се зборува и дека дека во бракот на пејачка двојка често има насилство кон жената, ама за тоа јавно не зборуваат, дека познат и култен рокер ја тепал својата поранешна сопруга дури ја нападнал и пред социјалните рабонички кои ги помирувале, во центарот за социјални грижи. Исто така за насилник е заведен и еден навидум смирен композитор, од познато музичко семејство, кој првата сопруга ја тепал, кога таа се грижела за нивното малечко бебенце.

Поранешна сопруга на друг рокер „фрли јадица“ на новинар дека сопругот ја претепал, а потоа не сакаше да зборува јавно. Никогаш потоа не даде одговор дали сака или не да ја раскаже својата сторија. Таа само рокерот го нарече насилник, со констатацијата „Еднаш насилник, засекогаш насилник“ и исчезна!

****

„Ама тоа е нормално во естрадните кругови“ ќе ви рече некој, кој не припаѓа во тој круг. „Каде има секс, пороци, музика, кафани, многу луѓе, нормално е да се појави и неверство, и љубомора и тепање!“ Не е нормално. Воопшто не е.
Сето ова доведува до забуна. Насилството не може да се спречи ако за него не се проговори јавно. Со покажување и вперување на прст. Со осудување. Со здружена контра-реакција. На тој начин, ќе се спречат и евентуални понатамошни потенцијални насилства. Естрадните личности треба да служат за пример, а не за прикривање на насилството.
Во прилог на оваа оди и тоа што деновиве поранешна висока функционерка изјави дека нејзиното (осомничено) неправилно и незаконско работење потекнувало од закани и притисоци од повисоки инстанци. Но, за тоа насилство таа никогаш не проговорила, ниту побарала помош. Доколку проговорела благовремено можеби и ќе биле преземени соодветни мерки.

Насилството, од типот шамари, тргање за коса, клоци, пцовки, физичко или психичко, навидум е невино и не е штетно, и тоа како може да остави огромни последици на долг рок. А во некои соседсни земји имавме и грозоморни случаи на фемициди на естрада, со фатален крај. Затоа, проблемот мора да се актуелизира и да се направи се повидлив, и да се интервенира и спречи негово ширење.
Во рамките на сето ова гореспоменато, минатата година токму на овој период во Букурешт, поддржано од Франкофонија, се одржа европска конференција против насилство врз жени, “Ne soyez pas silencieux- Arretons la violence а l’egard des femmes!” која сугерираше- да не молчиме, да го спречиме насилството врз жените! Оттука, и познатите личности имаат своевидна должност и обврска да се вклучат јавно во решавање на проблемот.

Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP.