Откако два добри соработници се искарале околу некои свои пријателско-професионални плетканици, нетрпеливоста експлодирала до таму што по меѓусебното навредување, довикување и кошкање, едно по друго отишле во најблиската полициска станица. Одговорното лице ги сослушало, и на двајцата им кажало убави и смирувачки зборови, со оглед на тоа што и самата караница не била од некој голем размер, туку повеќе се случила заради будалаштини.

Со женското бил во манир на џентлмен, а потоа со машкото во улога на „вистински маж“ и насамо го посоветувал- ако те нервира, среди ја, само гледај никој да не те види, да нема очевитци!
Она што сите од прва го сфаќаме дека станува збор за црн хумор, односно неумесна шега од страна на одговорното лице, кое веруваме дека тоа го помислило и кажало само колку да ја разбие ситацијата со смеа. Но, не се зема предвид и поттикнувачкиот момент кој го дало службено лице, без да знае како тоа ќе делува кај оној кон кого советот бил упатен.
Поттикнување на насилство навидум е невозможно со овие неколку зборови, но во пракса и тоа како може да делуваат. Се е прашање на момент.

***
Пред Нова година бевме на службено патување во една соседна држава, со избрани претставници од повеќе невладини организации. Еден од присутните, а придружен од неколкумина, цело време провоцираше, се однесуваше некултурно, недолично, а по првиот ден од обуката почна без причина да ме навредува мене на некакво си негово „замислено политичко ниво“, и земјата во која престојувавме, нивниот јазик, храната, персоналот. Се почуствував со загрозена безбедност. Омраза бликаше од неговите очи, вербално ми се нафрли како насилник, а со оглед на тоа дека станува збор за закоравен националист се заклучив во соба и не излегував.
Меѓу другото, тоа беше меѓународна обука, на која ние бевме претставници на нашата земја. Но, ни тоа не влијаеше кај него, си тераше по свое сите денови.
Преку свои канали го информирав Министерството за внатрешни работи, зошто ако ги информирав тамошните служби, можеше да се случи да го уапсат. Навидум тоа е само мал вербален напад, но којзнае во што се можеше да прерасне ако јас не бев присебна, и затоа, сепак случајот го пријавив до соодветните органи, и до нашиот организатор, да имаат увид и да преземат целосни безбедносни мерки за своите граѓани, особено за жените.

***
Сестра ми со години беше злоставувана од нејзиниот љубовен партнер. Тој беше во брак, а таа разведена со малечко детенце, кога се заљубија. Премногу тој се вљуби во неа, при нивната случајна средба, патолошки се вљуби и по извесно време и се разведе. Потоа неа ја обвинуваше за сето тоа, иако немаше никаква вина, ниту го натера на тоа. Едноставно, тој сакаше слободен да влезе во новата љубов. Малку по малку почна да ја тепа, по една поголема тепачка, во која тој буквално збесна, полуде, се нафрли и на нејзиното дете, без никаква причина, и малку фалеше за еден голем инцидент. Не можеше да издржи повеќе, таа го пријави во полиција. Кога отиде таму да дава изјава, наиде на следната сцена- злосторникот беше седнат со началникот и пиеше кафе, и двајцата расположени, насмеани, за и дадат до до знаење дека се пријатели, а и дека со неговата тогаш силна материјална состојба, џабе ќе го тужи, кога тој ќе плати многу подобри адвокати. Сестра ми беше принудена да замине во странство каде и ден денес среќно живее, поради насилникот и поради тоа што сметаше дека службите овде никогаш нема да ја заштитат.

***
Бев во врска со човек кој во тоа време имаше одредена политичка моќ. Ме освои во моменти на осаменост и одредена дијагноза, со која се борев. Преку интернет воспоставивме почетна комуникација, на негова иницијатива, а потоа почна да ме освојува упорно. Се изјасни за разведен, татко на две деца. Ненајавено ми доаѓаше по стотици километри да ме види и покани на кафе. По извесно време попуштив. Ми стана мил и се врзав за него. Кога веќе беше сигурен дека и јас сум заљубена во него, почнаа психичките и физичките малтетирања, што секогаш ги подготвува добро извежбан „Дон Жуан“ како него. Замислете, кога сакав да го напуштам откако дознав дека е во среќен брак, ја натера и неговата сопруга, а и другата љубовница што ја имал да ме вознемируваат, да ми се јавуваат телефонски да ме навредуваат, да ми пишуваат негативни пораки. Долго плачев, со надеж дека ќе ми се врати, зошто веќе ми стана љубов. Но не само што не се врати, ги засили методите на изживување. Побарав помош од неговите блиски соработници, исто така политички ангажирани, и некако ја смиривме работата. Сега сум слободна, со една голема лузна од тој период.

***
Бев во врска со човек кој работеше за највисоката државна институција во земјава, за најголемиот „фактор“. Се запознавме една јулска ноќ, во едно одморалиште, каде тој со екипата престојуваа службено, беше љубов на прв поглед уште истата вечер, и се што ми кажа е дека има син, а за сопругата не сака да чуе. Да не му ја спомнувам. Почнав да доаѓам во градот во кој живееше елегантниот господин, почнавме да се среќаваме по мали и „тајни“ ресторани, а не смеев да го побарам телефонски наводно поради суптилноста и доверливоста на работата која ја вршел, туку да чекам тој да ми се јави. Ми се јавуваше на неколку месеци, тоа него го направи поголем предизвик за мене. Знаеше да се испијани да вика на мене, да ме подудри, за да потоа тоа го оправда со „љубов“. Се вжештија работите, разбрав дека е во среќен брак и сакав, на тешко срце, да прекинам да се гледам со него, се разбира.Во една таква караница во неговиот автомобил, еден од многуте разни со кои ме возеше, го извади и службеното огнено оружје, ми се закануваше, само ако си заминам. Со силен удар ми ја помести вилицата. Со години носев последици. На доктор кога ми ја местеа, и изведуваа операција, лажев дека сум паднала. Ме средија докторите, по неколку години психички се средив и јас. Децении поминаа оттогаш. Тој после тоа не ме побара. Така се спасив, инаку немаше друг спас.
***

Другарка ми беше во врска со човек кој во тоа време имаше јака бизнис моќ и поддршка од најмоќните политичари, негови пријатели и партнери. Тој беше среќно женет, а таа беше негова љубовница, која се осмели да побара да се заедно. Кога стана поупорна, една вечер тој и го искрши автомобилот паркиран пред нејзината зграда, а и се закани и неа. Беше храбра, еднаш пријави во полиција. За да се заштити. Потоа ја раскинаа врската, а поради одредени причини уште долго се среќаваа. Но, насилство од негова страна се случи само тогаш и никогаш повеќе, само благодарение на тоа што го пријави. Му беше страв да не го изгуби угледот и да не се расчуе пошироко дека и го кршел возилото.

***
Демонстрирањето на сила, особено од оние кои се на повисока позиција, се јавува во многу случаи. Ако некогаш беа позатворени можностите, денес е полесно, има повеќе пристапи за информирање, при вакви и слични напади и насилства врз жени. Мобилен, телефон, официјалната страница на Министерство за внатрешни работи.
Кога нештата не се одвиват како треба од суштинска важност е да се практикува принципот „ладна глава“, но да се превземат сите безбедности постапки.
Треба да продолжите да бидете упорни и редовно да подбуцнувате со тоа прашање на вистинските места и кај луѓето кои треба да си ја понесат одговорноста за таа ситуација. Некогаш мора да се оди до крај, за да се дојде и до плодот на правдината. Особено во балкански услови, не треба никако да се молчи, ниту да се преминува преку ваквите неправди, туку треба да се делува транспарентно и законски со сите факти и достапни средства, кои всушност ви одат во прилог, охрабрува еден внимателен маж.
Она што посебно е потребно, особено кога станува збор за закани , загрозување на безбедноста и насилство врз жена, можеби е посебен телефонски број 24/7, да може во секое време да се пријави во полиција, кај државните безбедносни органи. Отворените линии кои во изминативе години ги објавуваа здруженијата за заштита на жената, во принцип се исклучени или не работат или не функционираат. Но органите за безбедност и телефонска линија, би биле од голема полза во борбата против насилството врз жената,  превенција, и охрабрување да се пријави насилството.

Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP.Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP