дома Живот Социјална политика ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Претепана девојка, дa го разоткриеме насилникот!

ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Претепана девојка, дa го разоткриеме насилникот!

Валентина Ѓоргиевска Парго

161

Девојка со расекотини, лузни, траги и крв по целото лице, ваква фотографија пред извесно време беше споделена на фејсбук (ја добивме и ние за архива, но без одобрување да ја објавиме во овој текст).

Социјалните мрежи, особено фејсбук, се најмоќното медиумско оружје кое треба да се користи за справување со насилници. Секоја веродостојна објава, може да направи голем пресврт во ситуацијата. А за едно насилство да биде спречено, прво треба да биде забележано,   а потоа и проследено со соодветните институции кои понатаму ќе преземат мерки. Најлошо и најпогубно е кога за истото се молчи, се прикрива како да не се случило, и со тоа се дава можност истото да биде повторено.

Неодамна во еден мал град девојка била претепана од своето момче. И сето тоа можеби немаше да е предмет за истрага, додека нејзините другарки не се решеле да објават морбидни фотографии од нејзиниот крвав лик по тепачката.

-Едно момче , кое ми беше пријател (но после ова не повеќе) ја претепа својата девојка, па тоа се обидоа да го заташкаат, но излегоа фотографиите. Страшно е тоа што неа ја снајде. Но, дали сега ќе биде полошо за неа зошто фотографиите почнаа да кружат по фејсбуков, не знам, но што повеќе луѓе во градов дознаат каков лик е тој, тоа подобро за неа. Да го разоткриеме! – смета една сограѓанка.

Оваа фотографија таа ја презела од профилот на фб пријателка, поточно од онаа која имала храброст да го направи тоа јавно, мошне храбро, непоколебливо, одлучно и со најостри зборови го опишала насилникот, не плашејќи се од евентуални последици врз неа. Тоа зборува за нејзината свесност како граѓанин да се вклучи отворено и транспарентно во борбата против насилството, дури и кога самата жртва не била подготвена на толкава храброст.

Во овој случај насилникот е осуетен и колку и да сакаат да го прикријат, било од кои структури да доаѓа обидот за прикривање, фотографијата доволно јасно говори, со тоа што тој веќе и од соседите и пријателите ќе биде ставен “на око”. Ситуацијата добива поинаков тек.

Автентични фотографии од таков момент, се сведоштва за сите времиња. Она што можеби е дополнителен адут, покрај пријавување на насилството во службите, да се обзнани на социјалните мрежи со автентична фотографија, која што го поткрепува тврдењето за немилата случка, за да се види веродостојноста.

Законите не се доволни за да се спречи насилство врз жени, туку целото општество треба да се вклучи во борбата против тоа, секој на свој начин. Може да се случи ако една двојка веќе и да се навикнала на постојани караници, шамари, тепање, туркање, и смета дека и тоа е дел од љубовта, бидејќи низ годините и се изместила и перцецијата што значи љубов, но треба барем оние наоколу да реагираат содветно, додека не е предоцна. Затоа што може и по крвавите тепачки и расекувања девојката да се смири и да сака да остане со насилникот, а ако тоа не се открие на време, при повторни вакви моменти, може да има фатален крај.

Затоа, пријавувањето на насилство во било која форма, како и на овој начин преку Интернет и социјалните мрежи, е од мошне големa корист и преголемо значење во борбата против ова зло. На прашањето дали оваа фотографија помогнала во преземање на нешто, една упатена личност во случајот одговори со кратко, “Да”, но не сакаше да дава повеќе податоци, држејќи се до тоа дека понатаму службите треба да си превземат.

Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDPТекстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP