Ако се погледне низ времето, лесно можеа да се забележат сите огромни разлики кои настанаа кај нив- од оној момент кога Ленче се заљуби и беше во среќа врска со Даниел, се до оној момент  кога беа исправени пред судската клупа и го чекаа својот развод, како спас.

И двајцата беа одлични студенти во времето кога се запознаа, на предавања на Правниот факултет. И двајцата си имаа свое друштво во кое се чувствуваа комотно, имаа и добри навики, на посетување концерти, театар, кино, културни и забавни настани. И така некако, лесно им дојде кога се споија во двојка, едноставно си продолжија да живеат на свој начин, а да им е убаво заедно.

Убави беа и годините на нивното студирање, и првите години од бракот, кога им се родија Соле и една година помалиот Сони.  Прво се вработи Даниел, па потоа и Ленче. Се осамостоија од родителите, и по една година заедничко живеење отидоа во свој стан, на исплаќање на рати. Се беше некако розово, а набргу и Даниел  доби понуда да стане генерален застапник за една светска фирма за увоз на апарати на домаќинство.

Малку беше колеблив на почеток, зошто не му се напушташе работата во судот, ама тука беше Ленче да му стисне рака и да го охрабри.

-Ти тоа го можеш! Пробај, направи си кариера на бизнисмен, му рече.

Бизнисот на Даниел одеше вртоглаво добро. Уште во првите неколку години, додека децата се уште не беа им тргнале на училиште, успеа добро да заработи и да се почувствува комотен на финансиски план.

Само што децата тргнаа во градинка, а посветената Ленче се врати на работа, почнаа да се оддалечуваат еден од друг. Се помалку часови им остануваа за дневна дружба. Ленче не сакаше да ангаира дополнително луѓе кои би им помогнале, сама ги носеше и земаше децата од градинка, сама се грижеше за подготвување на оброците и чистотата во домот,  одеше на работа во една Институт, легнуваше доцна доцна, а стануваше мошне рано, за на сите да им удоволи.

Даниел многу ја ценеше Ленче и нејзината посветеност и залагање за домот. И се понатаму му дојде надвор од неговите размислувања и животен концепт. Првата љубовна авантура му се случи некако за миг, на еден семинар за бизнисмени, кога неговиот соработник по предавањата го одведе во бар, во Охрид,  каде им пристапија две убави девојки, Србинки. По неколку чашки алкохол- ноќта беше нивна.

Даниел, сето тоа го сфати само само забава за една вечер и се врати на обврските. Но, веќе си го беше погазил сопствениот принцип- да биде верен на сопругата.

Следните љубовни авантури се редеа една по друга, парите си го правеа своето, и каде и да седнеше низ град со друштво, наоѓаше по некое „помладо парче“, со кое делеше неколку пријатни месеци потоа.

Ленче беше интелегентна жена која тоа го сфати мошне брзо. Најпрво мислеше лесно ќе помине, да не прави никаков проблем или скандал, а потоа, кога виде дека Даниел упорно „се подмладува“, се што правеше беше шопинг на скапа облека, посета на салони, кои тој и ги одобруваше, и одвреме навреме плачење во автомобилот. Нејзините тајни ги знаеше само другарка и Бранка.

-Ленче, луѓето ти завидуваат на твојата среќа и изглед, мислат се ти е мед и млеко, а ти плачеш постојано.  Седни и разговарај со Даниел, среди ги работите, ја советуваше.

Меѓутоа, Ленче беше свесна и ја знаеше на моќта и занесот од парите и не превземаше ништо, додека не помине само од себе. Напротив, беше се пољубезна кон сопругот и покажуваше разбирање за се.

Главните турбуленции во нивниот брак се случија, кога веќе познатиот бизнисмен Даниел решп да стане и политичар. Ленче му роди и трет син, Лео. Нејзините деца беа многу радости со новото братче, кое внесе свежина во нивниот дом, во нивната нова голема луксузна куќа, во која беа се преселиле пред некој месец.

Правеше се нејзиниот сопруг да си ја исполни и следната желба- да стане политичар.

Кампањите, на кои одеше заедно со своите сопартици, му ја донесоа и најновата љубовна врска- со младата и згодна девојка од провинцијата, која по секоја цена сакаше да стане дел од големиот град- Скопје. И успеа мошне брзо. Тој толку се вљуби во нејзината младост и убавина, што сосема беше јасно дека овој пат не станува само за авантура. Една од многуте.

И, наголемо почна да се зборува за таа афера. Немаше фотографија на која не беа еден до друг. Не се „плашеа„ дури ни од медиумските камери и фотообјективи. Дури и роднините и пријателите на Ленче почнаа да и велат дека Даниел  е се само покрај  Тамара, од малото гратче.

Тоа ја полуде Ленче.

-Лео е се уште во лулашка, а ти си збеснал, цела народ те дозна. Го срамиш семејството, почна да му префрлува на рамнодушниот Даниел. Ама, тој не се заморуваше со нејзините прекорувања, само ќе се средеше тип топ, од глава до петици, ќе ги земеше клучевите од  најновото ауди, со вртење на клучот на приверзокот, и како петел исперчен излегуваше од дома.

Се можеби ќе беше поинаку, и Ленче успешно ќе ја „покриваше“ маката, доколку тој станеше пратеник. Но, не успеа. Неуспехот беше доволен мотив да му се потсмеваат оние на кои не им беше омилен лик. Тоа почна да го влече надолу. Од ден на ден и бизнисот одеше во провалија. Единствено „стабилно“ нешто залепено до него беше Тамара, сега веќе вработена во неговата фирма. Таа не се делеше од него. И малку по малку му ја полнеше главата против сопругата, како таа е виновна за се, дека тој не ја сака и дека треба да си го промени животот на подобро. Да не е заробен во нејзините пранги.

Даниел се промени. Најпрво и се обраќаше на Ленче со навреди и пцовки, подоцна со тупаници.

-Погледни се каква си, дебела една. На ништо не личиш. Да не бев јас, кој би те вдомил? Никој, знаеше да и префрли.

-Навистина не знам зошто си губиш време со таа вештерка. Не гледша колку твои другари се разведоа и се среќни во новата врска, го убедуваше Тамара.

Тоа траеше еден подолг период. Од неколку години. Во тие години Ленче доби и висок притисок, докторите и станаа секојдневие. Ситуацијата беше повлечи- потегни, се додека Даниел и не се пропи и почна да ја тепа.. Често. И без причина. Освен вербалното и психичко злоставување, сега се префрли и на физичко.

Таа доживеа силна депресија и раздразливост, што веќе плачеше за секоја ситница. Разводот го побара Даниел, сметајќи дека ќе се ожени со Тамара. Се разведоа. Ама Тамара беше попресметана девојка. Си замина во Холандија, откако на концертот во Будимпешта, кои и го плати Даниел, се запозна  со холанѓанецот Питер и го заведе.

Животот набрзо ги израмни сметките. По разводот здравјето на Ленче се подобри, стана поетеса и се посвети на творештвото.

Даниел го напушти бизисот, кој не одеше. Тамара го скрши, откако му замина. Се почувствува иеневерен до крај. Се здебели, се повлече и живееше осамен живот, во малиот стан на поткровје што го купи по разводот, и со дел од заштедените пари. Синовите веќе пораснаа и не беа при волја да го среќаваат, освен кога беше неизбежно.

Валентина Ѓоргиевска Парго


(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)