Загубени во снежниот празник: македонските зимски ресорти во сенка на Западно Балканските

197

Пишува: Наташа Доковска

Се почесто слушаме за нив, а богами и ги посетуваме блиските зимски одморалишта или помодерно зимски ресорти како Златибор, Копанник, Бјеласица… кои се расфрлани како зимски радости низ отворениов ни,Западен Балкан. И, ни звучи како убава раскажана приказна, додека македонските планини, Попова Шапка, Маврово, Пелистер… јадно тапкаат во замаеност и заборавеност. Но, дали навистина можеме да ги споредиме?
По седум години одење на скијање во Пампорово, оваа година одлучивме да го смениме со Златибор и Отворен Балкан. За отвореноста на Балканот, нема да зборувам, на граница пак се чека, патарината се уште не ние заедничка, освен румингот што ни дозволува да бидеме блиску а далеку од дома…
Но, она што ме замислува е зошто сме толку назад?! Започнувам со разочарувањето што го претставува Попова Шапка. Ова е место што, иако е обдарено со врвови и снежни патеки, изгледа како да стои покрај патот на заборавот. Недостатокот на инфраструктура и инвестиции е криминален. Хотелите се стари и некомфортни, а рестораните изгледаат како да се замрзнале во времето.
И Маврово, ох, прекрасното Маврово! Но, каде е воведот во 21-ти век? Додека Златибор ги примамува туристите со современи хотели и ресторани, Маврово изгледа како отфрлено село. Луѓето ги бираат планините заради природата, но неопходен е барем и малку луксуз или барем удобност? Не може во време на сезона да работи една мала продавничка и кој прв стаса тој да купи леб, другите нека си месат!!!
Зарем не заслужуваат Македонија и нејзините планини подобро? Зарем не треба да ги надминеме или барем да им се доближиме на соседите, а не да седиме настрани и да ги набљудуваме како се слават низ светските медиуми?
Гласно се прашувам дали навистина сме свесни за потенцијалот што го носат планините во Македонија? Не е доволно само да ги имаме – треба да знаеме како да ги искористиме. Туризмот не е само за гледање, туристите бараат искуства. И додека, на пример, Златибор и Копаоник се подготвени со современи хотели, ресторани и различни додатоци за разубавување, македонските ресорти не располагаат ни со петтина од тоа што овие другите го нудат.
За да станеме конкурентни, треба да ги подготвиме не само патеките, туку и целосната инфраструктура. Хотелите мораат да бидат модерни, рестораните со широк асортиман на квалитетна храна, а дополнителните атракции мораат да бидат подготвени за секој вид на посетител. Нудењето на зимски активности, како скијање, сноуборд, и санкање, мора да биде на врв на понудата.
Македонија има потенцијал, но потенцијалот само по себе не ги привлекува туристите. Ни требаат инвестиции, модерни хотели и ресторани и брзина во воведување на современи активности. Зошто се задоволуваме со голи планини кога можеме да имаме луксузен и современ зимски ресорт?
Македонијо, време е да се разбудиш од зимскиот сон и да сфатиш дека туристите не бираат места само поради природата. Тие бираат искуства, комфорт и модерен стил. Доколку не ги освежиме нашите зимски ресорти, тие ќе останат загубени во снежниот празник на соседите од Западен Балкан.