Премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција кажа дека се уште се разгледува можноста на српските граѓани кои транзитираат или патуваат во Северна Македонија да им се даде бесплатна вињетка за патарина. Тој потенцира дека тоа е чин на благодарност за она што Србија го направи со донацијата на вакцините и дека тоа е најмалку нешто што може да го направиме како држава.

Според премиерот проценките се дека тоа ќе ја чини државата околу 700.000 евра, односно по 20 евра од возило, колку што чинат патарините во две насоки. Тој рече дека се планира тие ваучери да бидат дадени за време на летната сезона, но дека се уште не е донесена конечна одлука, како и тоа дека точната сума не е позната бидејќи не се знае во услови на пандемија колку патници од Србија ќе транзитираат или ќе допатуваат кај нас.

Во однос на тоа дали со мерките се опфатени и странските државјани кои планираат да патуваат кај нас, премиерот рече дека нема мерки насочени кон оние кои патуваат во Северна Македонија, односно дека границите остануваат отворени и нема да се бараат ПЦР тестови за оние кои влегуваат во државата.

Н.Д.