Колективниот хаос за време на бесплатниот јавен превоз

Валентина Ѓоргиевска Парго

63

Во јануари 2018, поради енормното загадување на воздухот во градот Скопје и околината, и присуството на отровни ПМ честички во воздухот, како една од мерките за намалување на загаденоста, во неколку наврати градот Скопје обезбеди бесплатно возење со автобусите на ЈСП за градски и приградски линии. Имено, со тоа требаше да се порача помасовно возење со градски превоз, а помалку возење автомобили.

Се разбира, неретко некој од возачите на сопствени автомобили не се откажа од таа привилегија и комоција да се движи низ град со своето возило, а во градскиот сообраќај главно се возеа оние кои се возат секој ден-студенти, пензионери работници, невработени. Со малку зголемен број, зошто  кога е бесплатно возењето, со или без потреба излегуваат многумина повеќе, најчесто со намера да се прошетаат.

Што ќе забележите во деновите на бесплатен јавен превоз?

-Прво, тие ќе почнат без некоја навремена најава, а исто така и ќе завршат. Од денес за денес или евентуално за утре. Со објава на вести. На таблите на кои се следи движењето на автобусите нема информација дали превозот е бесплатен и до кога, таа информација ја нема ниту на официјалната страница на ЈСП, по можност истакната најгоре. И самите возачи не знаат до кога точно трае одлуката, чекаат да им пратат или смс порака или известување преку навигационите уреди во автобусите.

-Во време кога е превозот бесплатен, од необјаснети причини, возачите се доста нервозни и нетрпеливи и возат како со присила. Во денови на бесплатен превоз, не само што возат нервозно, нервозни се и ако ги прашате нешто, особено од кога до кога е бесплатно. Вчера, потписникот на овие редови кај Буњаковец, беше сведок дека возачот на „24-ка“ за малку со своето брзање ќе предизвикаше повреди на две млади девојки. Само што застана и паркира на постојката да се симнат луѓето, со уште побрзо темпо тргна, и девојката во недостаток на време да се симне прописно стрча кон излезната врата и на тој начин скокна право во девојката што трчаше да влезе. Се судрија, паднаа, а возачот запре и го чекаше исходот од овој мал случај – за среќа девојките станаа (а прикладната килажа им овозможи да поминат без повреди),  потоа се скараа, и едната од девојките на крај влезе во автобусот.

-Од друга страна и самите секојдневни протести и штрајкови го нарушуваат  редовното возење. Денес, возач на „50-ка“ која сообраќаше по линија на 50, а потоа кај старата НИП се приклучувал по линија на „5-ка“, а потоа на „57-ка“, морал да запре непрописно, а полицаецот сакал да го казни. Нестрпливите патници, бидејќи била променета станицата на која застанувал, така силно групно чукале врз автобусот, што тој бил принуден да застане произволно на патот и да им отвори врата да се симнат, од страв да не го оштетат автобусот од пресилното заедничко чукање на прозорците и излезните врати.

-Патниците во овие денови се така неприродно ослободени, што влегуваат со галама (чиниш деца за прв пат на екскурзија). И цело време во автобусот се сите некако чудно слободни, со гласно зборување, со муабети преку мобилни, со галама. Иако се е исто, само што не го отчукувате билетот, односно возењето пак го плаќаат граѓаните, само на малку поинаков начин, преку буџетот на град Скопје.