Мајките на кои им е ускратено правото на продолжено породилно остуство организираат протест со цел да ја убедат Владата да ја прифати предлог одлуката на Комисијата за заразни болести оваа категорија на родители да останат дома до 31 декември оваа година.

Ви ја проследуваме нивната информација за протестот закажан за во четврток, 17 септември:

„Во време кога Светската здравствена организација предупредува за нов есенски бран на заразени од Ковид – 19, кога прогнозира за зголемување на бројката на заразени и смртни случаеви Владата на Република Северна Македонија носи скандалозна, непромислена одлука да го укине продолженото породилно отсуство ризикувајки го здравјето и животот на најмалите, најкревките, оние со неоформен имунитет – бебињата.
И покрај предлогот на Комисијата за заразни болести породилното отсуство да биде продолжено, и покрај секојдневните апели на познати наши педијатри и неонатолози дека отварањето на градинките би било катастрофален потег, и покрај искуствата на многу земји каде бројот после отварање на градинките и школите драстично порасна, нашата Влада нема слух за истото и со оваа одлука докажа дека здравјето на нашите деца не е нивен приоритет, докажа дека нашите деца се експериментални глувци за нив.

Ние, мајките на породилно отсуство, мудро молчевме и се надевавме дека Владата ке донесе разумна одлука за продолжување на породилното отсуство но истата ја изневери нашата доверба..
Согласно вчерашната донесена одлука која не става пред свршен чин бидејки стотици деца се одбиени од градинките заради новите протоколи, заради краткиот рок што не ни дозволува и на тие што се примени да го пројдат задолжителниот период на адаптација и најважно од се илјадници деца со чиј живот не би експериментирале НАЈАВУВАМЕ протест на 17.09.2020 година почнувајки од 17:30 часот пред Владата на Република Северна Македонија.

Нашето барање е едно и едноставно – да се продолжи породилното отсуство до 31.12.2020 година, барање кое го потпишаа скоро 3000 мајки на онлајн петицијата која ја покренавме.

Ги повикуваме сите да ни се придружат за нашите деца, за нашата иднина.“

Ал.Н.