дома Култура Mузика, Опера, Балет Започнува Таксират Фестивал #22

Започнува Таксират Фестивал #22

122
“Денот убав го почнуваме со љубов”, вели организаторот и најавува : Највлијателнатa фигурa во културниот живот на нашите простори, со уметничко влијание поголемо од било која жанровска дефиниција – АРХАНГЕЛ, ќе настапи на Таксират Фестивал #22! Првиот од низата концерти, со кој ќе го одбележиме 22-рото издание на Таксират Фестивал, ќе се одржи на 11-ти октомври 2020-та година во СЦ “Борис Трајковски”.- КОНЦЕРТ НА АРХАНГЕЛ – ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ #22 – Со целовечерен концерт на Архангел, под мотото 30 години љубов, започнува официјалната музичка програма на фестивалот Таксират, кој повеќе од 20 години ја отсликува убавата страна на градот и игра значајна улога во градење на културата на нашите простори.
Архангел е едно од најзначајните македонски остварувања на сите времиња и претставува темелник на домашната урбана музика. Во својата кариера издава четири албуми, преку кои стекнува култен статус како една од најголемите и најквалитетните македонски рок групи. – КОНЦЕРТ НА СТРАЈК – ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ #22 –
Само една недела подоцна, програмата продолжува со соло концерт на еден од најдобрите изведувачи од домашната андерграунд хип-хоп сцена – СТРАЈК! По рекордно распродадениот прв соло концерт во 2018-та, Страјк со својот моќен израз и сурово искрени рими, се враќа на бината на Таксират Фестивал на 23-ти октомври. Билетите за 22-рото издание на Таксират Фестивал се достапни онлајн и низ дистрибутивната мрежа на MkTickets.
Билети за концертот на Архангел – bit.ly/36aQxzQ Билети за концертот на Страјк – bit.ly/3l6SnFN
*Согласно протоколот за реализирање на настани во затворен простор, билетите се строго ограничени и исклучиво за седење, а салата е соодветно приспособена за одржување на настан според сите мерки наведени во протоколот. Задолжително е носење на маска, дезинфекција и одржување растојание во текот на целиот настан. – ПИН МУЗИЧКА КОНФЕРЕНЦИЈА И ШОУКЕЈС ФЕСТИВАЛ –
Во рамките на Таксират Фестивал #22, ќе се одржи и седмото издание на првата и единствена музичка конференција и шоукејс фестивал кај нас – ПИН! Со поддршка од Делегацијата на Европската Унија, годинава, ПИН ќе се одржи во три програмски денови, од 26-28 ноември, на бројни локации низ Скопје. Годинашното издание ќе биде фокусирано на здружување на силите на најдобрите и најновите музички таленти од регионот, Европа и Македонија, како и најрелевантните имиња во музичката индустрија – промотори, менаџери, музичари, новинари. Преку конструктивни панели и дискусии, ќе се обидеме да најдеме релевантни решенија и начини на кои можеме да влијаеме врз подобрување на состојбата во музичката индустрија, која е една од најпогодените гранки од корона вирусот. Чест ни е да ве поканиме да бидете дел од седмото издание на ПИН! Поради ограничениот капацитет, задолжителна е претходна регистрација.
Една од целите на ПИН е преку својата програма, да им даде можност на домашните, млади музички таленти да настапат пред бројни професионалци од светот на музичката индустрија. Ги повикуваме и охрабруваме сите нови и талентирани изведувачи кои имаат желба да ја промовираат својата музика, да се пријават, вели организаторот “Пасворд продукција”.
В.Г. Парго