Скопје во наредните три дена ќе биде домаќин на фестивалот „Сонот на облачето”, којшто е единствената можност кога децата можат да погледнат меѓународни претстави со сенки. Годинава гостуваат претстави од Шпанија и Бразил, заедно со претстава од нашата земја, и сите тие обработуваат теми кои се од круцијално значење за развојот на детето – вечната борба помеѓу доброто и злото и безграничното пријателство.

Претставите што ќе гостуваат во Младинскиот културен центар (МКЦ) патуваат низ светот на разни фестивали од овој тип, комуницирајќи со публиката единствено преку визуелниот израз на театарот на сенки. Децата ќе можат да ја откријат магијата на театарот на сенки без бариерите од странски јазици, бидејќи претставите ја комуницираат содржината со музика во живо и игра со сенки пред и позади платно во најразлични формати – од минијатурно изработени фигури до сенки од човечки тела кои ја опфаќаат целата сцена на „Фросина“ во МКЦ.

Играта со сенки е една од првите игри што ги воспоставува детето со своите родители при неговото растење, додека театарот со сенки е исто така вклучен и како тема во образовниот систем на децата во нашата земја. Фестивалот „Сонот на облачето“ е можеби единствената шанса кај нас да се доживее овој уметнички израз во полна светлина.

Фестивалот нуди работилници за изработка на кукли, работилници за движење со тела, претстави кои се создаваат пред очите на публиката при што децата целосно го доживуваат спектаклот. Повеќе информации за фестивалот тука.

Честа да го отвори овогодинешното издание на фестивалот ќе ја има ансамблот „Luz Micro Y Punto“ од Шпанија со претставата „Светлосни години“. Фестивалот започнува денес, понеделник 25 ноември, со почеток од 19:30 часот, со изведба на претставата на гостите од Шпанија, кои тукушто пристигнаа во Скопје по нивното гостување во Москва.

Организатор на фестивалот е Театар „Сенки и облаци“ од Скопје, кој со поддршка од Министерството за култура на С.Р.М., Градот Скопје и МКЦ ќе ѝ овозможи на најмладата публика да ужива во несекојдневните спектакли со сенки. Билетите се во продажба на билетарницата на МКЦ по цена од 150 денари, како и онлајн на https://bileti.mkc.mk/.