За името, зимото и виното

Филип Спировски

228

И не треба да бидеш голем Македонец да разбереш дека и утре Сонцето ќе изгрее и црното кафе исто како и денес ќе горчи зачинето од многуте пропуштени шанси за подобро, или ќе блажи од блазе: сончевина меѓу борови натежнати од снег.

Сега по ред: за одработеното во политичка смисла, на Владата на сега веќе Република Северна Македонија, може капа да и се симне. Она што немаа три чисти да го направат многумина пред неа таа успеа да го протурка. Ако промената на името значеше трка во трчање – таа се тетеравеше, ползаше подрипнуваше; ако значеше натпревар во пеење таа фалшираше, а во одредени моменти и рикаше; ако значеше борба со тупаници таа… Не борбата со тупаници беше карактеристика на едно друго, минато време кое фала богу е зад нас. И конечно долгогодишната домашна задача се најде некој и да ја напише. Наликува по малку на препишана, а во одредени делови дополнети со амандмани малку е и утната, но ете ја – стокмена и предадена. На некои пратеници што деновиве се тетеравеа во себе, мавањето по монументалните симболи на антиквизацијата со шарено полнети балони изгледаше трагикомично.

Но, само мавање со истиот камен маваниот го прави рамноправен дури и ако нанесе поголема болка кај мавачот. Така и името, колку и да боли за оние кои не разбрале дека не ни беше дадено заедно со давањето на самостојност, ке помине. Елем ќе треба време да се објасни дека после прамаглината, диносаурусите и мамутите, дошле Македонците, иако не се знае точно како ама токму сега во научниот свет ова се докажува!?

Почитувани сограѓани можеби има надеж и за нас. Можеби последниве пазарења ќе бидат последниот монтипајтоновски хумор. Можеби ќе не телепортира ЕУ на крилата на НАТО на некое место во некое време каде што секој ќе си го знае местото, а оној што не си го знае ќе биде упатен на соодветно место; каде нема да може да собираме баби и жаби и да велиме дека е тоа нов приод во математиката; каде културата и уметноста ќе бидат втемелени во нас; каде политичарите ќе се занимаваат со граѓаните без разлика дали гласале за нив или за друг;

Токму сега во Брисел се подготвува оваа телепортација на двата милиона заробени души од Северна Македонија, а уште не е сигурно дали ќе се применат и вакцини или припремата ќе се изврши со пуштање на гас од авионите што не прелетуваат!

Јас, веста за уставните промени ја дочекав во Ски центарот во срцето на Родопите – Пампорово, во друштво на Романец кој тука доаѓа бидејќи му било поефтино отколку во ски центрите во Романија, Србин кој на мајтап ја тераше промената на името со доза на горчина од Вучиќевото владеење и Бугарин кој на чуден начин (би рекол на старобугарски) се обидуваше да извлече некоја полза од ненадејната средба со соседите. Идеално стокмените километарски писти, чистиот воздух и професионализмот зачинети со по некое греано вино, сирене по шопски и прленка сс чесен ги надминаа очекувањата на еден просечен скијач ”израснат” во Маврово. За десетината ратраци нема работно време – вртат и сред ноќ. Се консултираат и со стручни лица од институции надлежни за временската состојба. И по цена на моментална загуба знаат да блокираат некоја стаза само да се задржи поставениот стандард. Прв пат сретнав контролори на брзината на скијање кои покрај тоа извршија и контрола на изнајмениот инструктор – дали има соодветни лиценци? Љубезни и насмеани напоменаа дека алкохолот не одел со скијање!. Исто како оние контролорине од градски… Си помислив: Навиките ќе си ги носиме додека не се одвикнеме од нив и додека не почнеме со нови.

Среќна Нова 2019!