Земам збор: КАЛДРМА

203

Во оваа рубрика, збор даваме на интересни пишувани идеи, визии на автори. Честа да ја отвори прв ја има Сафет Камбер, новинар и филмски работник со песната која денес ја напиша ексклузивно за text.mk.

***
Мојот животен пат поплочен со калдрма

Судбината ли беше таква
толку да е пуста и толку тешка
ден по ден, камен по камен
така, ред со ред како во низа
се редеа камењата и пат направија
пат поплочен со калдрма.

Роди се колку да излезеш од мајчината утроба
за да постоиш во овој проколнат свет
Растеш повеќе гладен и бос,
Гладот од ден на ден ми ги тенчи цревата
А проклетиот студ, студот ми ги каса нозете.
Така, чекор по чекор ја газам ладната калдрма.

Ех, животе,толку ли требаше тежок да ми бидеш?
Денес исфрли еден камен
утре дочекај друг камен
уште потежок од претходниот
Се истенчи карпата
од карпата се створија камења
Од камењата се створи пат од калдрма
и токму тука, тука ја испишав
судбината моја.

О вие талкачи на времето
ако по овој пат газите
Сетете се, сетете се,дека
овој пат го изградил човекот
кој беше од секого понижуван и навреден
Чекајте!
Не квасете го тој пат со вашите солзи
оставете го нека постои
затоа што тој пат го изградил Градителот.

22.12.2020, Скопје