Со концертот на клавирското дуо Гелебешеви (Катерина Гелебешева Костадиновска и Глигор Гелебешев), во среда (16 октомври) со почеток во 20 часот во Музејот на револуционерната борба во Скопје свечено ќе биде отворено 13-то издание на фестивалот на камерна музика „Златна лира 2019“. На програмата на отворањето се дела на Ј. Брамс, С. Барбер, М. Равел и Џ. Росини.

„Златна лира“ е фестивал со богата тринаесетгодишна традиција посветен на промоција како на светското, така и на домашното творештво и исполнителство. Во рамките на годинешната програма, фестивалот ќе понуди седум камерни концерти, на кои ќе настапат истакнати домашни и странски музички уметници. Просторот на Музејот на револуционерната борба во Скопје ќе го исполнат звуците на Дуото Гелебешеви, пијанистката Даница Стојанова, виолинистот и виолист Љубиша Кировски, Триото Аура, а за прв пат во Македонија ќе гостуваат уметниците Хенрик Блежеј на флејта и Тереза Кабан на пијано од Полска.

Во духот на традицијата, фестивалот и оваа година ќе го отстапи својот подиум на младите уметници, кога на 28-ми и 30-ти октомври ќе настапат добитниците на наградата на Сојузот на музичките уметници на Македонија на натпреварот „Охридски бисери“ 2019: флејтистката Моника Трајковска, виолинистката Камелија Дукова, саксофонистот Стефан Неделковски и пијанистките Биљана Петровска, Лига Скриде и Дани Жоговска.

Свеченото затворање на фестивалот ќе се случи на 31 октомври во Музејот на револуционерната борба со настап на камерното трио „Аура“ во состав Страшо Темков на флејта, Марјан Милошевски на фагот и Ана Гацева на пијано. Вовед во свеченоста на последната фестивалска вечер ќе биде доделувањето на традиционалнита награда „Златна лира“ која Сојузот на музичките уметници ја доделува за животно дело и за успешна професионална работа во текот на една година. Ова година наградата „Златна лира“ за успешна работа во текот на изминатата година ќе му биде доделена на баритонот и композитор Горан Начевски, додека наградата за животно дело ќе му биде врачена на контрабасистот и долгогодишен професор на ФМУ во Скопје, Велко Тодевски.

Фестивалот „Златна лира“ се реализира во соработка и со поддршка на Министерството за култура, Факултетот за музичка уметност во Скопје, Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ и Фестивалот за класична гитара „Тремоло“.

Влезот на сите концерти од годинешната програма е слободен.