Изложбата „Joie de vivre“ на Калина Брајковска ќе биде отворена в четврток, 22 февруару во МКЦ во Скопје во 19 часот. Авторските дела кои ќе бидат прикажани на изложбата се изработени во неоекспресионистички стил, масло на платно.

“Во времето кое стои помеѓу нас и класичниот сликарски пристап, Калина е на границата помеѓу двата света, оној кој заминал и оној кој доаѓа. Нејзиниот гест е израз на контраста помеѓу се околу нас. Сегментот на оваа изложба е полната колоритна линија која е пуштена на слобода, во потрага по нови форми на психологијата на виденото. Колоритот го нагласува карактерот и времето за себе, создавајќи форми на ослободени фигури. Сликата сама по себе носи симбол и знак кој означува различни типови на знаци сумирани во визуелен настан. Карактерот на сликата соодвествува на идеата дека уметницата е во потрага по мотиви во сопствениот естетски двор. Моја искрена препорака до публиката е да ја посетат оваа изложба и да погледнат убаво… има што да се види!“ – потенцираше Горјан Ѓорѓиев за авторката на оваа изложба.

Калина Брајковска е родена на 27.12.1979 година во Скопје. Дипломира на Филозофскиот Факултет на отсек историја на уметност со археологија. Работи и живее во Скопје, а со сликарство и применета уметност се занимава во целиот нејзин досегашен живот.