дома Култура Ликовна уметност Изложби и бесплатен влез за Светскиот ден на музеите во Македонија

Изложби и бесплатен влез за Светскиот ден на музеите во Македонија

47

Денеска се одбележува Светскиот ден на музеите, и Македонија традиционално се придружува кон оваа прослава со отворање на повеќе изложби низ музеите во Скопје и изложбените салони низ Македонија, поставки, настани, бесплатен влез за посетители и награди за музејските работници. Некои од музеите утре ќе се придружат на манифестацијата „Европска ноќ на музеите“.

Оваа година, 18ти мај, Меѓународниот ден на музеите, носи тематски наслов:„Хиперповрзани музеи : нови пристапи, нова публика“.

Меѓународниот ден на музеите е прослава што во светот од 1977 година па наваму традиционално се организира на 18 мај. Во нејзините рамки се вклучени илјадници музеи од светот, а се практикуваат најразлични настани како посети на археолошки поставки, тури до локалитети и изложби кои се дел од локалните музеи, а треба да го привлечат вниманието на луѓето пред се кон сопственото културно-историско наследство. До 2013 година, настанот ги урна сите рекорди со учество на околу 35.000 музеи од 143 земји во светот, кои беа домаќини на најразлични случувања.

Традиционално, во чест на овој ден, Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) со цел да ја поттикне, да ја популаризира и афирмира музејската дејност во нашата држава распишува Конкурс за доделување на годишната награда за особени достигнувања во музејската дејност. Наградите за 2017, за Музеј на годината, Музејски проект на годината, како и Музејски работник и Надворешен музејски соработник, ќе бидат доделени во Музејот на град Скопје, утре (18 мај) во 14 часот.
„Музеите прават напори да останат релевантни чинители во општеството, тие го свртуваат своето внимание кон локалната заедница и кон различните групи коишто ја сочинуваат. Како резултат на тоа, во последните години сме сведоци на изникнувањето на бројни проекти од страна на музеите, во соработка со малцинските заедници, домородните групи и локалните институции. Со цел да ја ангажираат оваа нова публика и да ги зајакнат врските со неа, музеите мораат да пронајдат нови начини на интерпретирање и презентирање на своите колекции“, вели Маја Чанкуловска-Михајловска, претседателка на МНК ИКОМ.

Влезот во Музејот на Македонија денеска и утре (18 и 19 мај) ќе биде бесплатен, а посетителите ќе имаат можност, покрај постојните музејски поставки, да ја погледнат и изложбата на ликовни дела на Васко Ристовски. Како што најавија од Музејот, за оваа прилика, на посетителите ќе им биде подарена и по една публикација. Музејот на Македонија и годинава ќе учествува во манифестацијата “Ноќ на музеи“. „Овој значаен настан е посветен на движното културно наследство“, посочуваат од Музејот на Македонија, истакнувајќи дека утре (19 мај) во 21 часот ќе биде одржан концерт на групата “Next to Silence“, а музејот ќе биде отворен во ноќните часови, од 19 до 1 часот по полноќ.

Во Национална галерија на Македонија, на овој ден бесплатно ќе може да се погледнат следниве изложби: „100 години од раѓањето на Ибрахим Кодра“, во Чифте амам; Постојаната поставка од XIV до XX век, во Даут пашин амам, и од 13 часот, во Чифте амам, ќе има отворање на настанот „Од мој агол“- изложба на фотографии, создадени од деца со аутизам, дел од проектот „Уметност за сите“ кој е подржан од страна на Холандската амбасада во Република Македонија. На отварањето на изложбата ќе имаат настап и професионалните танчери со Даунов синдром од студиото Dancers United МК.

На 19 мај, пак, Националната галерија на Македонија, во “Мала станица“, со почеток од 20 часот ќе престави дела од опусот на еден од главните претставници на хрватската модерна уметност Влахо Буковац и други хрватски автори од истиот период.

Археолошкиот музеј на Македонија денеска ќе ги промовира новите простории на најстарата и најголемата специјализирана археолошка библиотека во Македонија. Фондот на библиотеката има повеќе од 6000 книги (со преку 20.000 стручни и научни трудови од домашни и странски автори).

Создаван е во текот на 57 години од формирањето на првата библиотека при Археолошкиот музеј во 1961 година. Меѓу бројните книги се и многу ретки изданија, објавувани од почетокот на 20 век, а најстарото од нив потекнува од 1881 година.

Светскиот ден на музеите со две тематски изложби ќе го одбележи и Природонаучниот музеј. Од денеска до 10 септември во овој музеј ќе бидат поставени геолошко-палеонтолошката изложба „Раѓањето на Фрушка Гора“ од д-р Иван Дулиќ и „Карпи – скриени бои и форми“ на Дарко Тимотиќ.

Геолошко-палеонтолошката изложба „Раѓањето на Фрушка Гора“ е од исклучително научно и едукативно значење. Во рамки на изложбата ќе бидат изложени преку 230 фосилни родови и видови. Станува збор за фосилни остатоци на морска и слатководна фауна, копнена вегетација и остатоци од плеистоценски цицачи, од кои најстарите се од пред 70 милиони години. Во изложбата се прикажани и пресеци на магматски, метаморфни и седиментни карпи од Тетискиот Океан (од пред околу 250 до 40 милиони години).

Во рамки на изложбата „Карпи – скриени бои и форми“ пак, авторот Дарко Тимотиќ на повеќе од 30 фотографии од уметничка гледна точка преку макрофотогрфии на пресеци на најинтересните примероци на карпи, минерали и скапоцени камења од целиот свет, ќе ни ја долови убавината на геолошкиот диверзитет, со посебен акцент на примероци од различни локалитети во Србија.