дома Живот Здравје Илија Николовски, тв автор: Мислете на себе, на своето здравје, додека не...

Илија Николовски, тв автор: Мислете на себе, на своето здравје, додека не е доцна!

Валентина Ѓоргиевска Парго

438

Колку години постои емисијата во етер, колкава бројка исполни досега?

-Од 2 септември годинава, емисијата „Фактор здравје“ почна да ја исполнува деветтата сезона по ред. Терминот на емитување е од понеделник до петок од 10.15 до 11 часот на ТВ24. Започна како идеја на продуцентот Дејан Стефков со кого се познававме како деловни соработници упте од А1 ТВ. По затворањето на телевизијата, тој сакаше да направи проект кој за прв пат во македонскиот телевизиски етер ќе понуди емисија од областа на здравството, проект кој ќе се емитува секој ден и кој на афирмативен и едноставен начин ќе го презентира здравјето во целина и од сите негови аспекти. Ми ја презентираше идејата и јас со задоволство го прифатив предизвикот да се соочам со нешто ново, различно и иновативно од се што претходно имав работено во мојата кариера како ТВ водител.


Поканувате гости, специјалисти, примариуси доктори, со кои разговарате тематски на одредена тема. Дали лесно доаѓате до нив?

-Да, точно. Во „Фактор здравје“ гостуваат и стоматолози, фармацевти, физиотерапевти, медицински сестри, технолози…и многу други профили кои се поврзани со здравјето. За да биде нешто лесно, претходно мора да биде многу тешко, хаха. Сега е полесно со оглед на фактот што емисијата речиси сите ја препознаваат и барем еднаш ја имаат видено. На почетокот беше потешко. Основен проблем е времето и неговото усогласување со обврските на лекарите. Вториот тнр. проблем е убедувањето некој лекар да гостува. Најголем дел од гостите во „Фактор здравје“ никогаш претходно не биле пред камери и тука настапувам јас со своето искуство. Тоа искуство ми дава знаење, а карактерот моќ да им објаснам и да ги убедам во придобивките од нивното гостување не само за нив, туку уште повеќе за гледачите. Секој сака да го види и да добие совет од референтен гостин за здравјето. Тоа го покажаа и го до докажаа годините присуство на „Фактор здравје“ на малите екрани. Гостите ги одбирам според нивната специјалност, искуство и референтност како клиничари и практичари. Многу често, идејата ја даваат самите лекари за нивен колега, гледачите со кои директно комуницираме во емисијата, но и публиката која не следи на глобалната мрежа.

Здравјето е најважно, несомнено. Треба да се чува пред да се изгуби, како што рекле подобро да се спречи отколку да се лечи. Но, според она што вам ви е анализа од гледаноста, дали навистина посветуваме доволно внимание на емисии од ваков карактер, кои се ретки, и дали неправилно се можеби запоставени, во однос на оние другите, политичките, забавните, спортските… 

– Кој колку се грижи за сопственото здравје е субјективна работа. Според гостите во „Фактор здравје“, нивото за свесност за сопственото здравје е на многу повисоко ниво. Покрај ваквиот тип на емисии, сигурно придонес има и глобалната мрежа. Меѓутоа, според мене треба да се следат препораките на лекарите кога веќе се оди на лекар или во аптека. Впрочем тие се постручни отколку советот на соседот или некој близок кој нема медицинско образование.

Велиме за жал има се помодерни болести како одраз на времето во кое живееме. Што препорачуваат докторите, кои се најчесто болести и како да се заштитите превентивно? 

-Секако дека подобро е да се спречи, отколку да се лечи! Мото на „Фактор здравје“ е „МИСЛЕТЕ НА СЕБЕ!“ Нема подобар, поисплатлив и поевтин начин од грижа за здравјето од превенцијата. Во денешно време тоа е можно и сметам дека максимално треба да се искористи. Тоа пред се се однесува на здравата исхрана, здравите животни навики и здравата превентивна потпора на организмот однадвор и одвнатре. На тој начин и модерните болести како што велите, би се избегнале или евентуално би се појавиле во подоцнежна фаза од животот. Покрај физичката заштита како превенција однадвор, потребна е суплементација одвнатре преку земање додатоци во исхраната или грачни препарати кај возрасни и деца, од типот на: витамин Ц, Е, ГЕ132+Натурал, Q10, ГЕКидс и други.

На кои теми најчесто зборувате, стрес, неправилна исхрана, загаден воздух… како извори на болести?  

– Темите се различни и нашиот концепт е секој ден да имаме тема различна од претходната, т.е. од друга специјалност. Сето тоа што го набројавме го третираме. Ги одбележуваме и светските денови со кои се подигнува свеста за одреден проблем или болест. Без пардон можам да кажам дека најмногу внимание предизвикуваат темите за малигните болести, темите каде има крв, т.е. се зборува за кардиоваскуларните болести, хируршки интервенции. Секако секс и стрес се теми кои секогаш предизвикуваат интерес. Минатата сезона на пример за прв пат зборувавме за влијанието на бучавата врз здравјето и таа тема беше една од најинтересните и предизвика огромно влијание.

Можете да се потсетите кој доктор бил вашиот најчест гостин, како и тоа кој бил најважниот совет даден во вашата емисија? 

– Има многу лекари кои гостувале повеќе пати. Во оваа прилика би ги издвоил: др. Фарук Семиз, проф. др. Витомир Мицев, прим. др. Маја Крјас, проф. др. Дејан Докиќ, проф. др. Марија Христова, проф. др. Оливер Каранфилски, проф. др. Аспазија Софијанова, др. Татјана Гуржанова…Во досегашните 1820 емисии гостувале над 1700 лекари. Секој оставил посебен печат во емисијата и давал совети. Сепак, најважниот совет е фактот да се оди на превентивни, рутински прегледи кога ништо не не боли. Зашто полесно е да се најде причината за нешто и да се реши, отколу да се решава последицата од неа. Здравјето нема алтернатива! Здравјето е и љубов, и среќа, и пари!

На почеток водевте музички и забавни емисии, а потоа целосно се посветивте на емисии посветени на нашето здравје. Во што е основниот предизвик за реализирање на вашиот долгогодишен тв циклус и посветеност на „Фактор здравје“? 

– Тоа се однесува на фактот што секојдневно учам и темелно се подготвувам за секоја тема, гостин, тв настап. Секоја нова емисија и ново гостување на лекар за мене е предизвик да го дадам најдоброто од себе во тој момент. Емисијата трае 40 минути и во неа нема многу простор за импровизација ниту за грешка. Сакам да кажам дека се е концизно, прецизно и едноставно кажано. За тоа да изгледа така, потребно е договарање на секој детал, одговор, однесување пред камери на лекарот со цел крајниот резултат да биде успешна емисија. За да го постигнам тоа, со секој лекар се состанувам неколку пати пред емисија со цел да одбереме тема, да ја разработиме и да ја договориме. Затоа „Фактор здравје“ е замислено да биде шоу, но не музичко, туку здравствено-едукативно во кое советите исто како рефрен од некоја песна неколку пати ги повторуваме со цел да се запомнат и да се применат. Огромен удел во техничкиот изглед на „Фактор здравје“ има и реализаторот Кети Поповска која од зад камери следи се и ја обликува емисијата.

Дали вие лично за себе, а пред се и како родител, ги имате на ум и ги следите советите од лекарите кои гостуваат во емисијата?

– И пред да ја работам емисијата „Фактор здравје“ јас се грижев за моето здравје. Сега уште повеќе, со оглед на фактот дека треба да бидам пример за останатите. Освен здравите навики, редовно возам велосипед, пливам и се трудам тоа да го пренесам на моите два сина и на сопругата. Дали имам некои штетни навики? Да, имам, многу работам и сум воркохолик, и понекогаш сакам малку да забавам, хаха.