дома Политика Свет Индискиот сој на корона е откриен во 17 земји

Индискиот сој на корона е откриен во 17 земји

18
Фото: EPA-EFE DIVYAKANT SOLANKI

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека варијанта на корона вирусот, за која се верува дека предизвикала ненадејно ширење на епидемијата во Индија, е откриена во 17 земји. Варијантата Б.1.617 е откриена во повеќе од 1.200 секвенци на вируси внесени во базата на податоци на ГИСАИД од најмалку 17 земји, според СЗО.

Повеќето секвенци се од Индија, Велика Британија, САД и Сингапур.

СЗО неодамна ја забележа варијантата Б.1.617, која вклучува неколку субваријанти со малку различни мутации и карактеристики, како „варијанта на интерес“, но сè уште не ја прогласи за „загрижувачка варијанта“, што би значело дека е поопасна од оригинална варијанта на коронавирус затоа што се шири побрзо, е поубиствена или поотпорна на вакцината.

Сепак, СЗО призна дека прелиминарните анализи покажуваат дека „Б.1.617 има побрза стапка на ширење од другите варијанти во Индија, што сугерира потенцијално поголема заразност“.

Се додава дека другите варијанти на коронавирус во циркулација во Индија покажуваат знаци на поголема заразност, па затоа комбинацијата може да игра улога во моменталниот интензитет на епидемискиот бран во земјата.

Истражувањата покажуваат дека ширењето на вториот бран во Индија е многу побрзо од првиот бран, наведува СЗО и додава дека во тоа играат улога и помалите придржувања кон здравствените мерки, како и масовните собири, пренесува „Индекс.хр“.

Мутираниот вид на ковид-19 за прв пат беше идентификуван во Индија во октомври, но наскоро се прошири низ целата земја. Индиското министерство за здравство објави на 24 март дека 15 до 20 проценти од дијагностицираниот ковид-19 во државата Махараштра има две невообичаени мутации: E484Q и L425R.

Процентот, наводно, досега се зголеми на повеќе од 60 проценти во некои делови на земјата, а мутираниот сој е именуван Б.1.617.

Британските експерти го забележале овој сој во примероци од Велика Британија кои датираат од февруари. А.Н.