дома Живот Инциденти – (не)намерни пропусти на индустриските објекти кои предизвикаа загадување на животната...

Инциденти – (не)намерни пропусти на индустриските објекти кои предизвикаа загадување на животната средина

167

Пишува: Елизабета Дамјаноска

Мерните станици поставени на разни локации во Скопје, покажуваат огромни количини над дозволените PM 10 честички во воздухот кои се опасни по здравјето на луѓето.

Институциите надлежни за спроведување на Законите за животна средина остануваат на ставот дека најголем процент од загадувачите на воздухот се домаќинствата, по нив следува сообраќајот, а на крај, со најмал процент на загадување, се посочуваат индустриските капацитети.

Сепак, истражувањата покажуваат дека фабриките значително го загадуваат воздухот. 

Изминатиов период акцентот беше ставен на Цементарница УСЈЕ, фабрика која во минатото била изолирана, но денес се наоѓа буквално во населено место, бидејќи тој дел од градот одамна е населен. Локалното население на социјалните мрежи и интернет порталите, изминатиов период интензивно споделуваше фотографии кои укажуваат дека можеби работењето на оваа компанија е на штета на животната средина во овој дел од градот.

Реакциите на граѓаните, како и на невладините организации го охрабрија Државниот инспекторат за животна средина во февруари годинава да изврши вонреден инспекциски надзор во Царинската Испостава Скопје 1014 каде под царински надзор беа две пратки (камиони) со отпад (цврсто обновено гориво, SRF) за потребите на Цементарница Усје, со царинска декларација од 01.02.2020 година (влезени во државата пред да стапи на сила промената на Законот за управување со отпад). При надзорот од страна на Царинската Управа беа земени мостри за понатамошно постапување и до добивање на резултатите од акредитирана лабараторија за карактеризација на отпадот, двата камиони беа под царински надзор. При надзорот е изготвен Записник за констатација, а во случајот се работи за пратка отпад, т.н.цврсто гориво (SRF- Solid Recovered Fuel) со потекло од Италија, испраќач ECOEXPORT S.R.L. од Бреша) со вкупна тежина од 46.960 кг.

По неколку дена Царинската управа, излезе со соопштение дека РДФ отпадот е класифициран во пет дозволени класи врз основа на три параметри – нето калорична вредност (топлинска енергија при согорување на енергенсот, која укажува на перформансите на отпадот), содржината на хлор (кој укажува на техничкото однесување) и содржина на жива (која укажува на влијание на околината) во енергенсот.

 – Оттука според стандардот EN 15359:2011 првата испитана мостра од РДФ припаѓа на трета класа според нето калоричната вредност (во граници на нормала), четврта класа според содржина на хлор (во граници на нормала) и четврта класа според содржина на жива (во граници на нормала). Втората испитана мостра од РДФ припаѓа на трета класа според нето калорична вредност (во граници на нормала), трета класа според содржина на хлор (во граници на нормала) и четврта класа според содржина на жива(во граници на нормала).Согласно горенаведеното, мострите ги задоволуваат барањата на европскиот стандард за Цврсти обновени горива, беше наведено во соопштението од Царинската управа.

Вонредниот инспекциски надзор тогаш беше направен со цел спречување на влез во државата на опасни материи. Во обид да дознаеме каков е ставот на УСЈЕ по однос на вонредната инспекција на камионите, се обративме до одговорните на цементарницата.

„Сите пратки на РДФ што ги набавуваме и ги употребуваме подлежат на строга контрола. Покрај анализите кои е обврзан да ги доставува производителот, сите земји низ кои поминува пратката добиваат целосна информација со сите параметри, вклучувајќи ги и нашите органи – Царинската управа, Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина. Покрај тоа, примероци се анализираат и во нашата лабараторија, за да се направи потврда на декларираните параметри, а Цементарница УСЈЕ прави дополнителни сукцесивни анализи на примероци од доставеното алтернативно гориво и во независната акредитирана лаборараторија „Incolab Services B.V.“ од Холандија“, објаснуваат од УСЈЕ.

Измена на Законот за управување со отпад

Набрзо по оваа вонредна контрола, случајно или не, на 10.02.2020 во Службен Весник на Република Северна Македонија бр. 31 е објавена измената на Законот за управување со отпад, со која измена од 10.02.2020 се забранува увозот на отпад во Република Северна Македонија како енергенс. Од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање сите институции се навремено известени за измената и за натамошно координирано постапување. 

За разлика од стариот Закон за управување со отпади каде што во член 130 експлицитно беше предвидено забрана на опасен отпад, во новиот Закон за управување со отпади, во член 1054, увозот, извозот и транзитот на опасен отпад во Република Северна Македонија се врши според Базелската конвенција за контрола на прекуграничното пренесување на опасен отпад и на неговото складирање.Механизамот на контрола врз спроведувањето на овие закони е ставен под сомнение. 

Согорувањето на РДФ отпад ослободува тешки метали

Цементарница ТИТАН – УСЈЕ, од февруари 2019 година по добивање на дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија увезува РДФ отпад, најчесто од Италија, кој го користат како алтернативно гориво во нивните печки. Истражувањата покажуваат дека при самото согорување на овој отпад се ослободуваат канцерогени, мутагени, токсични диоксицини, фурани, PCBs’, хлороводороди, тешки метали како жива, кадмиум, талиум, олово, арсен, хром…кои се штетни по здравјето на луѓето и се еден од причинителите за зголеменото аерозагадување во градот Скопје.

Одговарајќи на реакциите на граѓаните, Државниот Инспекторат за животна средина направи вонреден инспекциски надзор, кој беше реализиран во ТИТАН Цементарница Усје АД Скопje на ден 12.12.2019г. во врска со употребата на алтернативни горива RDF, при што констатира дека ТИТАН Цементарница Усје АД Скопje поседува дозвола за увоз на алтернативното гориво RDF (Refuse Derived Fuel) во количина од 10.000 тони за цела 2019 година. Во 2019 има увезено само 5.000 тони од споменатото алтернативно гориво, спакуван во бали од по 650 килограми со димензии 120x120x80. Пратката е обезбедена со Меѓународна нотификација според Базелската конвенција за нејзино прекугранично движење преку земјите во Европската Унија.

Претставниците на Цементарница УСЈЕ изјавуваат дека иако според закон е дозволено 35% употреба на алтернативно гориво, овој гигант искористувал само 5%. Интересен податок е што во декември 2019 година од Цементарница Усје барале од Царинската Управа на Република Северна Македонија, да не им ја царинат пратката од 999 тони РДФ отпад, зошто таа ја добиле бесплатно од италијанската компанијата со која имаат склучено договор DECO S.P.A- Preveza, Италија. РДФ отпадот за 1 тон чини 35 евра, односно оваа сума е за транспорт од Република Италија до Република Северна Македонија.

Базелската конвенција ги пропишува параметрите на содржината на отпадот, но за жал немаме институционална гаранција дека се спроведува конвенцијата во целост, односно дека истата се контролира.

Врз основа на фактите изнесени на самата официјална страна на Цементарница Усје, компанијата тврди дека користи безбедно алтернативно гориво од увоз од докажано кредибилен и сигурен производител од Италија, односно од компанијата DECO S.P.A-Preveza, Италија. Во кругот на Цементарница УСЈЕ е поставена дополнителна мерна станица за амбиентален воздух на позиција определена од надлежните институции. Од компанијата посочуваат дека податоците од мерната станица ги демантираат тврдењата дека УСЈЕ е загадувач на воздухот.

„Податоците од оваа мерна станица редовно покажуваат дека нема корелација помеѓу работењето на печките на УСЈЕ и квалитетот на амбиенталниот воздух на мерните станици во нашиот град – загадувањето на воздухот во градот е највисоко во зимските месеци и во периодите кога печките на УСЈЕ не работат поради годишни ремонти и  обратно, тоа е најниско во летните месеци кога УСЈЕ работи со целиот свој капацитет, велат од компанијата.

Сепак, ваквите изјави не ги уверуваат граѓаните.

На 05. 02. 2020 година, активисти од здружението „За чист воздух“, организираа протест пред цементарница УСЈЕ, кој започна со едноминутен молк за настраданите од загадувањето, а заврши со доделување пехар за трујач на годината. Пехарот беше наменет за генералниот директор Борис Хрисафов, кој од присутните беше посочен како најголем виновник за, како што рекоа, труењето со отпад кој се гори во печките на цементарница.

Барањата на демонстрантите беа да се забрани употреба на каков било отпад додека не се усвојат функционални контролни механизми и директиви, поголема вклученост на граѓанскиот сектор во инспекциските надзори, како и акредитирање на лабораториите на Министерството за животна средина и Хемискиот факултет.

– Не е проблемот само во РДФ-от, не е проблем само во петрол коксот и во другите горива кои што загадуваат, најголемиот проблем е во корупцијата. Политичарите се во корелација со бизнисмените и олигарските кои што не трујат, за поевтино гориво, за поголем профит. Ние денеска го дишеме нивниот профит. Бараме нов пристап во работењето на целокупната индустрија. Во Македонија има 150 А инсталации, и преку 500 инсталации кои имаат Б интегрирана дозвола. Тоа е една голема маса на загадувачи. Ние бараме итна имплементација на европските директиви кои што ги регулираат сите индустрии во Република Македонија. Со тие директиви се регулира начинот на мониторирање на инсталациите, транспарентноста, автоматските мониторинзи, вршењето на инспекциски надзор, итн – рече на протестот, Тони Никушевски од здружението „За чист воздух“.

Министерството за животна средина и просторно планирање тврди дека се прават редовни контроли во УСЈЕ.

– Во правниот субјект УСЈЕ се вршат редовни инспекциски надзори, согласно изготвениот Годишен План за работа на ДИЖС, односно месечниот план за работа на секој од државните инспектори за животна средина. Цементарница УСЈЕ е инспектирана од постоењето ДИЖС, односно од 1996 година до денешен ден. Вонреден надзор се врши соглансо член 71 од Законот за инспекциски надзор, велат од Министерството за животна средина.

Заклучок

Јавноста преку ТВ медиумите, но многу повеќе преку интернет порталите (домашни и странски) има можност да се запознае со моменталната состојба на загадувањето во

воздухот. И покрај донесувањето на измените на Законот за управување со отпад во февруари 2020 година, Република Северна Македонија, според многу невладини институции и граѓаните како најголеми поборници за чист и здрав амбиентален воздух, го продолжува увозот од Република Италија, кој не знаеме во кои се печки ќе заврши.

Конкретниот случај е само еден од примерите дека и покрај реакциите од надлежните институции, редовните инспекциски надзори, испитување на примероците земени од самите запленети камиони кои се под Царински надзор, нема конкретни информации за разврската на овој случај и дали навистина отпадот кој што се согорува во печките во Цементарница Усје не е еден од причинителите за аерозагадувањето во Градот Скопје, и сеуште никој не е убеден дека се потполно безбедни по здравјето на граѓаните честиците кои се испуштаат во воздухот при согорувањето. Дали редовно се контролира работењето и дали се врши реално и често мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во тој дел останува нејасно.

Надлежните институции треба да ги направат јавно достапни информациите за исходот на постапката со запленетите камиони под надзор на Царинската управа. Водењето на законска, ефикасна и темелна постапка ќе покаже дали компанијата работи според пропишаната регулатива или ќе се утврдат неправилности. Доколку се утврдат неправилности, истите треба да бидат санкционирани во согласност со законите.

До денес, од за нас нејасни причини, нема информации за последните случаи со Усје, што покренува прашање за ефикасноста и професионалноста на надлежните органи и институции, како и нивно законско и одговорно работење.

Во контекст на се погоре наведено, од исклучително значење е обврската на службените лица во текот на своето работење да водат сметка за својот интегритет и интегритетот на институцијата во која се вработени. Согласно член 8 од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, под поимот „интегритет“ се подразбира законито, независно, непристрасно, етичко, одговорно и транспарентно вршење на работи со кои службените лица го чуваат својот углед и угледот на институцијата во која се одговорно лице, односно се вработени, ги елиминираат ризиците и ги отстрануваат сомневањата во можноста од настанување и развој на корупција и со тоа обезбедуваат доверба на граѓаните во вршењето на јавните функции и во работата на јавните институции.

 

(Сторијата е изработена во рамките на проектот ” Следи ги инцидентите – (не)намерни пропусти и загадување на животната средина”, во имплементација на  Здружение за еколошко одржлив развој ЗЕЛЕН ИНСТИТУТ Скопје , суб-грант на проектот „Заедно во борба против корупција “– финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Центарот за истражувачко новинарство СКУП МАКЕДОНИЈА од Скопје во соработка со Институтот за човекови права (ИЧП) од Скопје и Центарот за развој на медиумите на заедниците МЕДИУМ од Гостивар,” – Скопје.

Содржината на оваа публикација е исклучиво одоговорност на Здружение за еколошко одржлив развој ЗЕЛЕН ИНСТИТУТ Скопје  и во ни еден случај не ги одразуваат гледиштата на Европската унија, ниту на имлементаторот или партнерите на имплементаторот на овој проект.)