Фото: RTL NIEUWS prinscreen

Холандското Министерство за јавно здравје истражува важечки QR код за пристап до сертификат за вакцинација против коронавирус издаден на име на Адолф Хитлер. Непознат хакер го создал овој QR код како доказ дека може да прави валидни пропусници под кое било име, пренесува холандскиот „РТЛ њуз“(RTL Nieuws).

Анонимните хакери за овој портал потврдија дека можат да креираат QR кодови од Франција и Полска, кои можат да се користат и во Холандија бидејќи се европски кодови. Холандското Министерство за јавно здравје се обидува да открие како точно настанал овој QR код.

Можни се различни сценарија, вклучително и одговорното лице да работи за здравствената служба во Полска или Франција. Сепак, според „РТЛ“, Министерството најмногу го загрижува фактот што се украдени тајните кодови на францускиот и полскиот QR систем. Ако ова се покаже точно, сите QR-кодови во тие земји ќе треба да се реиздадат.

Нема докази дека се украдени холандски тајни кодови, пишува овој медиум.

„РТЛ“ контактирал со лицето кое го направило QR-кодот на Хитлер преку форум каде што ги нудат своите услуги. За „РТЛ“ изјавиле дека можат да креираат QR код за кое било име, а таа услуга чини 300 евра. Тие исто така рекоа дека можат да прават QR-кодови само од Полска и Франција. А.Р.