Покрај Амира Медуњанин, Дарко Рундек и Екипа, Авалон Продукција потврди уште едно големо име кое доаѓа во Антчки во Охрид, во последиот квартал на ова лето – Жељко Бебек.

-Еден од најголемите пејачи на Балканот на сите времиња, легендарниот Жељко Бебек, со којшто бевме приморани да ги откажеме двата речиси распродадени концерти во Македонската филхармонија, а кои требаше да се одржат на крајот од месец март, овој пат ќе одржи свој концерт на 21-ви август во Охрид на отворено – соопшти Авалон продукција.

Жељко Бебек со неговиот бенд во навистина раритетниот простор на Античкиот театар, ќе ги изведе во живо безвременските хитови од „Sanjao sam noćas da te nemam“, „Sve će to o mila moja prekriti ruzmarin snjegovi i šaš“, „Selma“, „Ima neka tajna veza“, „Doživjeti stotu“…, потоа „Oprosti mi što te volim“, „Laku noć, svirači“…, па сѐ до актуелните песни од последниот албум на Бебек “Ono nesto nase” како “Ako volis ovu zenu”, “Ljubav ko iz pjesme” и други, со кој ги наполни буквално сите концертни сали во регионов.

Билетите ќе бидат пуштени во продажба онлајн во среда на 15-ти јуни во 09 часот наутро, а од четврток и во Avalon Music and Ticket store во ГТЦ и на продажните места во мрежата на Авалон низ земјава по следниве цени и категории: ТРИБИНИ – 1.000 денари и ВИП – 1.500 денари.

Капацитетот на Антички ќе биде намален за 50 %, согласно протоколите за одржување на јавни настани на отворено, а во продажба ќе бидат пуштени само 1.200 влезници. Влезот за сите посетители задолжително ќе биде со заштитни маски, соопштуваат организаторите.

-Сите оние што сè уште ги чуваат билетите за концертите во Македонската филхармонија, ќе може да го гледаат Бебек во Охрид на отворено со истите влезници, заменети за ВИП влезници. За деталите околу ова, ве молиме да не` контактирате во инбокс. Доколку не ви одговара охридскиот термин, со истите билети ќе може да го гледате Бебек во Скопје во Македонската филхармонија, во февруари 2021 година – порачуваат од Авалон продукција. А.Р.