дома Живот Здравје Како да се препознае аутизмот кај децата?

Како да се препознае аутизмот кај децата?

"Наше Бебе" во соработка со приватната градинка "СВЕТОТ НА КОЛОРЕС" објавува серијa текстови за едукацијата на децата во предшколска возраст.

413

Аутизмот е невробиолошко пореметување кое најчесто се манифестира во првите 30 месеци од животот, односно за време на првите три години. Ова пореметување се јавува во периодот кога детето станува свесно за својата околина и за самото себе. Бројот на деца со аутизам е постојано во пораст. Дефиницијата за оваа состојба значително се прошири во текот на годините, така што денес со аутизам ги нарекуваме и состојбите кои порано не биле така дијагностицирани.

Во деведесетите години на минатиот век се сметало дека аутизмот е пореметување предизвикано од емотивни попречувања на целото семејство. Во буквален превод тоа би значело дека детето не стекнало навика на социјална интеракција или се повлекло во себе пред воопшто да настане било каква социјална интеракција. Во поново време развиени се разни популарни теории кои го бараат причинителот, но невозможно е со сигурност да се потврдат. До ден денес не може во целост да се потврди што го предизвикува аутизмот.

Поради тоа што се јавува уште во првите месеци во животот, и зошто децата кои сосема нормално се развивале (во првите месеци или година) ненадејно се повлекуваат во свет сосема непознат за нас – ќе стане мисија на идните истражувања. Важно е да се напомене дека промените не мора да бидат видливи по раѓањето, туку можат да се појават и во период од неколку недели во текот на втората или третата година од животот. Иако сите деца се многу своеглави и незаинтересирани за нивното опкружување, подобро речено „ маѓепсани“ од светот кој треба да го запознаат, децата со аутизам сепак, по некое време лесно се забележуваат. Сакаме да ја нагласиме важноста на раното препознавање на симптомите на аутизам и континуираното работење со овие дечиња. На тој начин се поставуваат темели за напредок.

Први знаци на аутизмот:
• детето не остварува контакт со очи ( на пр. во тек на хранење или сл., но и значително избегнува контакт со очи со родители и други лица од околината)
• може да покажува поврзаност само со една личност на пр. мајка, татко, сестра, брат или некоја друга личност со која се чувствува сигурно (има можност, но не мора да се појави)
• тешко стекнува навика за извршување на нужда
• не возвраќа на насмевка
• не реагира на своето име или на гласот на блиска личност
• не следи со поглед посочен предмет
• не користи никакви движења при комуникација
• не имитира движења и изрази на лицата на родителите
• не покажува интерес или среќа при интеракција со други
• неразбирлив говор (може да се јави говор на сопствен јазик, или пак беспричинско и бесцелно повторување на исти зборови)
• има еднаков однос кон луѓето, животните и предметите – детето со аутизам еднакво перцепира сè пред себе и еднакво се однесува кон сè (или сè му е подеднакво важно, или подеднакво неважно)
• не успева да ја процени ситуацијата – на пр. не се плаши да претрча преку улица полна со возила, но се плаши или е особено агресивно во простор кој за него е безопасен, на пр. ливада.
Наведените симптоми не мора да се појават кај сите деца со аутизам. Манифестацијата на симптомите може да се разликува. Во последното десеттолетие дојде до брз пораст во дијагностицирањето на аутустичниот спектар на однесување, делумно и како последица на промената во дијагностичките мерки.

stefani nakovaРодителите се во најдобра позиција за рано откривање на знаците на аутизмот. Тие најдобро го познаваат детето, можат да ги забележат промените во неговото однесување, кои педијатарот за време на кратката посета, можеби нема да има можност да ги воочи.

Како родителите можат да помогнат?
• Следете го напредокот на Вашето дете. Аутизмот опфаќа многу пореметувања или доцнења во развојот, па токму затоа внимателното следење на тоа кога и дали детето достигнало клучни социјални, емоционални и интелектуални нивоа, претставува добар начин за рано откривање на проблемот. Иако доцнењето не секогаш значи дека детето има аутизам, но може да претставува зголемен ризик.
• Преземете ги потребните чекори доколку сте загрижени. Секое дете се развива со свое темпо, што значи дека доколку детето задоцни со прозборувањето или проодувањето, нема место за паника. Кога се работи за здрав развој постои широк опсег во дефиницијата што е „нормално“. Сепак доколку детето доцни во достигнувањата на целите за својата возраст, или се сомневате дека постои проблем, веднаш споделете го тоа со педијатарот. Не чекајте.
• Не прифаќајте го методот „почекај, па види“. На многу загрижени родители, околината и пријателите им предлагаат: „Не грижи се“ или „Почекај, па види“, а всушност чекањето е најлошото нешто кое може да го направите. Со чекање ризикувате губење на драгоцено време во периодот кога постои најголема можност за подобрување на состојбата на детето. Независно дали причина за пореметувањето во развојот е аутизмот или некој друг фактор, децата нема само да пораснат и проблемот да исчезне. За да можат децата да развиваат вештини во подрачјето во кое се јавило некакво попречување, потребна им е дополнителна помош и насочен третман.
• Верувајте им на Вашите интинкти. Во идеални случаи, Вашиот доктор сериозно ќе ја сфати Вашата загриженост и ќе направи детална евалуација за да согледа постоење на аутизам или други пречки во развојот на Вашето дете. Но понекогаш, дури и на најдобрите лекари им се случува да не ги забележат критични знаци и да не го сфатат проблемот доволно сериозно. Слушајте ги Вашите инстинкти доколку сметате дека нешто не е „нормално“ и бидете упорни. Правете редовни контроли кај педијатар, барајте друго мислење или побарајте упат за специјалист кој може да Ви помогне.

Дали децата со аутизам потекнуваат од одредени социјални слоеви?
Истражувањата покажале дека оваа состојба подеднакво често се сретнува во сите социјални слоеви. Исто така, се појавува во сите култури. Податоците за зачестеност на состојбата во различни земји укажуваат на тоа дека кај 2-4 деца на 10.000 жители се развива аутизам, а од тоа 3-4 момчиња на едно девојче.

Дали децата со аутизам имаат нормална интелигенција?
Доста е раширено мислењето дека децата со аутизам имаат нормална интелигенција. Меѓутоа, кога ќе се применат тестови за интелигенција, отприлика две третини добиваат резултати под просечното ниво.

Како се поставува дијагнозата?
Аутизмот претставува збир на абнормални облици на однесување. Дијагнозата се поствува само тогаш кога постои збир од три клучни типови на однесување:
• Абнормални социјални односи и социјален развој
• Неспособност за развивање на нормална комуникација
• Интересите и активностите на детето се оскудни и се повторуваат.
За да се постави дијагноза, неопходно е сите три симптоми да се појават заедно, и тоа до 36-тиот месец.

Важно е да се напомене дека раната интервенција е клучна за подобрување на состојбата, па токму затоа родителите треба да делуваат при појавување на првата грижа за развојот на нивното дете.

Пишува: дип. Специјален едукатор и рехабилитатор во “Светот на Колорес” Стефани Накова