Можно е ставање во карантин на општините каде во следните денови ќе се забележи раст на бројот на новозаразени со КОВИД-19, како што се скопските општини Сарај, Чаир, Бутел, Аеродром и Гази Баба, и во општини каде не се почитуваат мерките како Тетово и Штип, каде што се направени контроли, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Како што рече тој, последните неколку дена бројот на новозаразени е зголемен, дел од заболените одбивале да дадат податоци за контактите, дел дале лажни податоци за решенијата за изолација, неточни адреси, а заклучокот е дека генерално не се почитуваат мерките, па на утринскиот состанок на Кризниот штаб било разговарано околу можноста за локално враќање на рестриктивните мерки.

Тој појасни дека денеска не е донесена таква одлука, но со следење на бројките во следните денови, ќе се носат одлуки од почеток на следната недела, а евентуално воведување на карантин би било по примерот на Дебар, со ограничување на движење во дел од градот и земјата.

– Еден сериозен дел од новодијагонстицираните пациенти по однос на анализата на епидемолошките анализи укажуваат дека мерките едноставно не се почитуваат. Мора да се почитуваат мерките за да се враќаме во нормала, секаде во светот е тоа така, не може вечно да живееме со затворени граници. Огромна одговорност сега паѓа врз граѓаните и секако институциите кои треба да контролират и санкционираат, изјави министерот Филипче.

Како што посочи тој, по двете инспекции во Штип и Тетово, е утврдено дека во Тетово не се почитува самоизолацијата, односно има генерално непочитување на сите мерки, како маски и растојание. Во Штип непочитување на правилото за транспорт на работниците во фабриките со недржење на социјална дистанца и пренатрупаност во фабричките автобуси поради што во еден погон има 17 заболени и 70 во изолација.

Филипче истакна дека зголемениот број на заразени е евидентиран во период кога во сила беа рестрикциите и побара поголема контрола и санкции за лицата што се во изолација и самоизлоација не ги почитуваат овие мерки и излегуваат и контактираат со други лица.

Министерот за здравство Филипче рече дека нема да се брза со донесувањето на одлука за отворање на градинките, а планот за отворање на градинките утврден заедно со Министерството за труд и социјална политика ќе се спроведува паралелно со враќање на вработените на работните места. Родителите на деца до 10 години и натаму се ослободени од работа, сѐ до донесување одлука за почеток на работа на градинките.

Филипче посочи дека Бугарија од понеделник ќе ги отвори границите за граѓани од ЕУ, како и Србија и Македонија, а на почеток на следната недела ќе има одлука кога ние ќе ги отвориме границите за државите кои најавија дека ќе ги отворат границите за нашата земја. А.Р.