дома Живот Здравје Келераба за посилен имунитет

Келераба за посилен имунитет

150

Малку калории, а многу витамини и минерали ја прават келерабата идеална намирница за зима. Овој зеленчук од семејството на зелката е посебно богат со железо и витамин Ц, кои се клучни за добар имунитет. Исхраната богата со келераба му помага на телото да го одржи здраво сврзното ткиво, забите и непцата, а нејзините антиоксидантни состојки го штити организмот од инфекции и рак.

Келерабата, како и другите членови на семејството на зелки, содржи фитохемикалии поволни за здравјето, како што се сулфорафан и индол-3-карбинол, кои штитат од рак на простатата и рак на дебелото црево.

Овие видови на зеленчук содржат значителни количини на Б комплекс витамини, како што се ниацин, витамин Б6 (пиридоксин), тиамин, пантотенска киселина. Овие витамини се однесуваат како кофактори на ензими во различни метаболизми во организмот.

Келерабата, освен железо, содржи и други значајни минерали – бакар, калциум, калиум, манган и фосфор. Сите тие се важни за одржување на нормалниот метаболизам на клетките и телесните течности, а крајниот ефект е контрола на срцето и крвниот притисок.

Исто така, може да се јадат и листовите на келерабата, како и стебленцата. Тие содржат многу важни витамини и минерали, особено каротин и фосфор. Листовите се особено богати со провитамин А, важен за зачувување на здравите клетки. Од оваа причина нутриционистите советуваат и овие делови да се користат во исхраната, а најдобро во подготовка на чорба.

ЗДРАВА САМО ВАРЕНА

Иако многу нутриционисти советуваат во исхраната да се внесува свежа келераба, има експерти кои предупредуваат дека некои зеленчуци не треба да се користат свежи. Свежата келераба, прокељот, карфиолот и кељот содржат струмогени супстанции и премногу од овој зеленчук може да предизвика гушавост. Со цел да се зачуваат сите важни супстанции, се советува овој зеленчук најдобро да се готви на пареа.