Фото: Танјуг (Chinatopix Via AP)

Големи површини на земјиште во централната кинеска провинција Хенан денес се под вода, а најзагрозен е главниот град Џенгжу, кој беше погоден од најсилните дождови, како што рекоа метеоролозите, „во последните 1.000 години“.

Во поплавите загинаа најмалку 12 лица во Џенгжу, град со 12 милиони жители на брегот на Жолтата река, а 100.000 луѓе беа евакуирани на безбедно, јави новинската агенција Синхуа, цитирајќи ја локалната власт.

Голем број припадници на армијата и 6.000 пожарникари беа распоредени во зоната на катастрофата за спасување.

Невидени врнежи од дожд предизвикаа поплави, а се урна и браната недалеку од градот. Стотици луѓе се заробени во згради и хотели. Спасувачите безбедно евакуираа над 100 деца и стари лица, а напорите за спасување и евакуација сè уште траат.

Голем број патници се заробени и на аеродромот во Џенгжу, бидејќи се откажани летовите, а превозот до аеродромот е прекинат, пренесува ЦРИ.

Кинеската централна влада во средата во 3 часот по полноќ по локално време го зголеми нивото на национална реакција на итни случаи за контрола на поплавите од Ниво III на Ниво II.

Животот на милиони луѓе во Хенан е тежок уште од викендот, во „невообичаената дождлива летна сезона, што доведе до брзо зголемување на нивото на реките во сливот на Жолтата река“, објави Ројтерс.

Бројни возови низ Хенан се откажани, некои автопати се затворени, а летовите се прекинати или одложени.

Од саботата навечер до вторникот попладне паднаа 617,1 милиметри дожд на метар квадратен, што е скоро на нивото на годишниот просек од 640,8 милиметри. А.Н.