дома Култура Театар и Филм Кинотека го одбележува Светскиот ден на аудиовизуелното наследство

Кинотека го одбележува Светскиот ден на аудиовизуелното наследство

75

По повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, како иницијатива на УНЕСКО и на Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви (CCAAA -Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations), Кинотеката на Македонија ќе организира настан чија цел е подигање на јавната свест за институциите што помагаат да се сочува овој вид наследство за идните генерации, и покрај многуте фактори што го загрозуваат неговиот опстанок.

На 27 октомври, на Светскиот ден на аудиовизуелно наследство, во периодот од 11 до 14 часот Кинотека на Македонија ќе ги отвори своите работни простории и депоа за студентите, учениците, колегите од сродните институции и секторот за заштита на културно наследство, како и за љубопитните граѓани. Во киносалата на Кинотека ќе се одржи проекција на филмот „Македонија во слики“ на Арсениј Јовков од 1923 година, еден од најстарите и најзначајните историски филмски документи од нашата колекција. Воведно предавање за филмот, ликот и делото на Арсениј Јовков ќе одржи д-р Атанас Чупоски, Untitledвиш филмолог во Кинотеката.

Годинешново мото под кое светските филмски архиви,музеи и институции поврзани со заштитата на културно наследство организираат изложби, проекции, предавања и слични настани по повод Светскиот ден на аудиовизуелно наследство  е „Откриј, запомни и сподели“.

Истовремено, стручни лица од Кинотеката на Македонија ќе учествуваат на меѓународната конференција за Хрватското филмско наследство што ќе се одржи на 26 и 27 октомври во Државниот хрватски архив во Загреб. М-р Игор Старделов, виш филмолог, ќе говори на панел-дискусијата насловена како „Предизвиците на дигитализацијата: онлајн достапност и дигитално зачувување на филмското наследство, идентификација и каталогизација“, додека Владимир Ангелов, виш филмолог и в. д. директор на Кинотеката на Македонија ќе говори на тема Kinoteka Depo_4425„Меѓудржавни и меѓународни соработки за заштита на филмското наследство“. Претставник, пак, на Управата за културно наследство на РМ, м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, ќе земе учество на панел-дискусијата „Европски искуства и практики во зачувувањето на филмското наследство.“

Во Загреб во моментов, во „Визије С.Ф.Т.“, исто така се врши и финалната контрола на дигитализираниот опус на Бранко Гапо, досега најпродуктивниот режисер во поглед на играната продукција во Македонија. Неговите филмови: ДЕНОВИ НА ИСКУШЕНИЕ, ВРЕМЕ БЕЗ ВОЈНА, НАЈДОЛГИОТ ПАТ, ИСТРЕЛ, МАКЕДОНСКА САГА и ВРЕМЕ, ВОДИ до крајот на годинава ќе бидат издадени како дигипак комплет и ќе бидат достапни на македонската јавност.