дома Култура Театар и Филм Клаудија Кардинале пристигна во Битола – вечерва симнуваме капи за 39. ИФФК...

Клаудија Кардинале пристигна во Битола – вечерва симнуваме капи за 39. ИФФК „Браќа Манаки“

Александра Радевска

77

Големата светска и италијанска дива Клаудија Кардинале, годинашниот добитник на Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност, попладнево пристигна во Битола. Кардинале која во Битола допатува со својата ќерка, е навистина едноставна и скромна, но и „радосна, слободна и смела“, како што ја опишаа лани на плакатот за 70-тото издание на Канскиот филмски фестивал, и во односот со медиумите и во односот со домаќините – срдечно беше дочекана од директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска и уметничкиот директор на фестивалот, Благоја Куновски-Доре. Во чест на Кардинале, на втората фестивалска вечер ќе биде прикажан филмот „Благородни лаги“.

Фестивалот вечерва го отвора новиот краток игран филм „Љубовникот“ на Игор Иванов-Изи, а веднаш потоа е проекцијата на „Истребувач 2049“ во чест на оскаровецот Роџер Дикинс, годинашен добитник на „Златна камера 300“ за животно дело, кој токму за овој филм доби „Оскар“. И Дикинс попладнево допатува на фестивалот.

Вечерва на отворањето на 39. фестивал „Браќа Манаки“ во Битола на македонската актерска дива Милица Стојанова ќе и биде врачена наградата „Голема ѕвезда“ на Друштвото на филмските професионалци на Македонија, чии досегашни добитници се македонските автори Кирил Ценески, Милчо Манчевски, Дарко Марковиќ, како и британскиот продуцент Сајмон Пери, кој има значаен придонес во македонскиот филм. Стојанова игра во филмовите на претходните лауреати на оваа награда, Ценески и Манчевски, во филмовите на Столе Попов, („Исправи се, Делфина“, Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Пред дождот“, „Прашина“…), но активна е и на свои 86 години па последно може да ја видиме во краткиот филм „Види ја ти неа“, кој неодамна се закити со награда на „Санденс“.

Годинашното издание под слоганот „Симнуваме капа“, ќе донесе нешто помалку од сто наслови, од кои 12 ќе бидат во главната програма и тоа  шест од Канскиот фестивал, по два од Берлин и од Венеција, и од Карлови Вари. Во трката за трите награди „Камера 300“ за најдобар кинематографер се најдоа: „Транзит“ (Германија); „Студена војна“ (Полска); „Зимски муви“ (Чешка); „Лето“ (Русија); „Ага“ (Бугарија); „Горење“ (Јужна Кореја); „Фокстрот“ (Израел); „Нико“ (Италија); „Пепелта е најчисто бело“ (Кина); „Недвижен имот“ (Шведска), „Девојка“ (Белгија) и  „Црниот кју-клукс-клановец“ на Спајк Ли (САД).

Во програмата документарни филмови во селекција на Марија Џиџева и Теодосиевска, ќе има осум филма, меѓу кои по неодамнешната премиера во Венеција, во Битола ќе биде прикажан и документарниот филм „Живеење со светлината“ за кинематограферот Роби Милер, кој беше лауреат на ИФФК пред две години, а почина во јуни годинава. За кратките филмови изборот го направија режисерите Марија Апчевска и Даријан Пејовски. Во програмата „Перспективи на европскиот филм“ во селекција на Слаѓан Пенев има 7 филма, а во ревијалната програма „МК поинт“ во селекција на Ана Василевска 20 кратки, документарни и анимирани филмови од македонската продукција.

Фестивалот на 29 септември се затвора со краткиот филм „Скаут“ на македонскиот режисер Алекс Цветков, кој живее во САД  и со доделување на наградите од главната програма.