дома Живот Животна средина Климатски закани: Од недостиг на храна до губење на домот

Климатски закани: Од недостиг на храна до губење на домот

Според експертите клучно е во дебатата за климата да биде вклучена и заедницата, да се дискутира и на национално, а не само на интернационално ниво односно да се слушаат локалните потреби за да се најдат поургентни мерки.

73

Ако се земе предвид дека, како што објави Светската метеоролошка организација, 2017 година многу веројатно ќе биде една од трите најжешки досега, со многу настани со сериозно влијание, како катастрофални урагани и поплави, истоштувачки топлотни бранови и суши, набрзо ќе бидат многу видливи сериозните закани врз безбедноста на храна во светот. Друг сериозен проблем покрај заканата врз храната и обработливата почва, е губење на живеалиштата и масовно раселување на светската популација односно климатските миграции.

Специјален известувач од Бон за НЕА.
Специјален известувач од Бон за НЕА.

Во изјавата на Светската метеоролошка организација за состојбата на климата се вели дека просечната глобална температура од јануари до септември 2017 година била околу 1,1 ° C повисока од пред-индустриската ера. Како резултат на моќниот Ел Нињо, 2016 година најверојатно ќе остане најтопла година, а 2017 и 2015 година се втора и трета најтопла година, додека 2013-2017 ќе биде најтопол период од пет години.

Изјавата на СМО – која опфаќа период од јануари до септември – беше објавена на денот на отворањето на Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации во Бон (6 ноември). Содржи информации доставени од широк спектар на агенции на ОН за човековите, социо-економските и еколошките влијанија, како дел од напорите да се обезбеди посеопфатен извештај за политиките на ООН за носителите на одлуки во однос на времето, климата и водата и глобалните цели на ОН.

“Последните три години беа водечки во однос на екстремните температури. Ова е дел од долгорочниот тренд на затоплување”, рече генералниот секретар на СМО Петери Талас. “Бевме сведоци на невообичаени временски услови, вклучувајќи и температури кои надминаа 50 степени Целзиусови во Азија, најсилни урагани со брзо напредување на Карибите и Атлантикот достигнувајќи до Ирска, катастрофални поплави од монсуните кои погодија милиони луѓе и немилосрдна суша во Источна Африка.

“Многу од овие настани – и деталните научни студии ќе одредат точно колку – го носат знакот за климатските промени предизвикани од зголемените концентрации на стакленички гасови од човечките активности”, рече тој.

Загрижува што ваквите екстремни настани влијаат врз безбедноста на храната на милиони луѓе, особено на најранливите. Прегледот на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) покажа дека во земјите во развој, земјоделството (земјоделските култури, сточарството, риболовот, аквакултурата и шумарството) опфаќа 26% од целата штета и загуба поврзана со средни до големи бури, поплави и суши.

Од недостиг на храна до губење на домот

Внатрешното реселување е се поголемо, светската популација се предвидува да надмине 9 милијарди до 2050 година, а проблемот на климатски миграции го погаѓа целиот свет. Според експертите клучно е во дебатата за климата да биде вклучена и заедницата, да се дискутира и на национално, а не само на интернационално ниво односно да се слушаат локалните потреби за да се најдат поургентни мерки.

Од обилните врнежи од дожд во април дојде до лизгање на земјиштето во Мокоа, јужна Колумбија, во кое имаше најмалку 273 смртни случаи. Поплавите погодија многу делови од Перу во март, при што загинаа 75 лица и 70.000 останаа без дом. Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) објави дека имаше значителни загуби во земјоделското производство, особено на пченка. Во големите поплави кои во средината на годината погодија делови од јужна Кина, особено во басенот на реката Јангце, имаше 55 жртви, а економските загуби се проценети на повеќе од 5 милијарди американски долари. Делови од источна Африка и натаму беа сериозно погодени од сушата. По потпросечните врнежи во 2016 година, сезоната на “долги дождови” во 2017 (март-мај) исто така беше сушна во многу делови на Сомалија, северните делови на Кенија и југоисточна Етиопија.

ФАО објави дека во Сомалија, почнувајќи од јуни 2017 година, повеќе од половина од земјата е под влијание на сушата, а стадата се намалени за 40-60% од декември 2016 година. WFP проценува дека бројот на луѓе на работ на глад во Сомалија се удвои на 800.000 од февруари 2017 година, а половина од земјата има потреба од помош. WFP потврди дека повеќе од 11 милиони луѓе се соочуваат со тешка несигурност на храна во Сомалија, Етиопија и Кенија.

Кенија ја прогласи сушата во 2017 за национална катастрофа. Најроби се соочи со недостиг на вода што ги принуди градските власти на рестрикции на вода, додека цените на житните култури се зголемија, а очигледен беше и ударот врз БДП.

Ќе исчезнат цели нации

Промената на тепературата од 2 степени, како што беше посочено од делегацијата на Фиџи, значи дека ќе исчезне една цела нација. Островските заедници се посебно погодени од климатските промени. Киселоста на океаните директно влијае врз здравјето на коралните гребени и опстанокот и калцификацијата на неколку клучни организми. Ова има каскадни ефекти во системот на исхрана и влијае врз аквакултурата и крајбрежните економии.

Според Меѓувладината океанографска комисија на УНЕСКО, океанот апсорбира до 30% од годишните емисии на антропоген СО2 во атмосферата, помагајќи да се ублажат влијанијата од климатските промени на планетата. Сепак, за тоа има сериозна еколошка цена, бидејќи апсорбираниот СО2 ги менува нивоата на киселост во океаните. Откако почна евиденцијата во станицата Алоха (северно од Хаваи) во доцните 1980-ти, pH на морската вода постепено опаѓа, од вредности над 8,10 во раните 1980-ти до 8,04 и 8,09 во последните пет години.

Најновиот светски економски преглед на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) покажува дека негативните последици се концентрирани во земји со релативно топла клима во кои живеат околу 60% од сегашната глобална популација. Делови од јужна Европа, вклучувајќи ја Италија, Северна Африка, делови од источна и јужна Африка и азискиот дел од Руската Федерација беа рекордно топли, а Кина беше најтопла. Северозападниот дел на САД и западна Канада беа поладни од просекот од 1981 до 2010 година.

photo 1Според Светската здравствена организација (СЗО), глобалните влијанија врз здравјето од топлотните бранови не зависат само од трендот на затоплување, туку од тоа како се дистрибуираат топлотните бранови низ населените области. Неодамнешните истражувања покажуваат дека севкупниот ризик од болест или смрт поврзана со топлотни бранови постојано се искачува од 1980 година, и околу 30% од светската популација сега живее во климатски услови кои предизвикуваат продолжени екстремни топлотни бранови. Помеѓу 2000 и 2016 година, бројот на ранливи лица изложени на топлотни бранови се зголеми за околу 125 милиони.

Јужниот дел на Латинска Америка (особено во Аргентина), западна Кина и делови од југоисточна Азија беа повлажни од просекот. Периодот од јануари до септември беше највлажен досега во САД според забележаните податоци. Врнежите беа близу до просекот во Бразил, во северозападна Јужна Америка и Централна Америка, олеснувајќи ги сушите 2015-16 поврзани со  Ел Нињо. Дождовната сезона во 2017 година забележа натпросечни врнежи во многу делови од Сахел, со поплави во некои региони (особено во Нигер).

Врнежите во Индија за сезоната 2017 (јуни-септември) беа 5% под просекот. Сепак, натпросечните врнежи во североисток, и соседните земји доведоа до значителни поплави. Канадските прерии, медитеранскиот регион, Сомалија, Монголија, Габон и југозападна Јужна Африка имаа помалку врнежи од просекот. Италија имаше најсушен забележан период од јануари до септември.

Многу делови од Медитеранот доживеаја сушни периоди. Најсериозна суша имаше во Италија, која го погоди земјоделското производство и предизвика 62% пад на производството на маслиново масло во споредба со 2016 година. Просечните врнежи во Италија за периодот јануари-август 2017 година беа за 36% под просекот. Тоа беше исто така најжеок период од јануари до август за Италија досега, со температури од 1,31 ° C над просекот од 1981 до 2010 година. Суши беа забележани и во многу делови од Шпанија и Португалија.

Демократска Народна Република Кореја беше погодена од потпросечни врнежи, кои имаа влијание врз клучните земјоделски култури како пченката и оризот.

photo 2Екстремната топлина и суша придонесоа за многу деструктивни шумски пожари. Сериозен студ и снег зафати делови од Аргентина во јули. По обилниот снег следниот ден температурата достигна -25,4 ° C во Барилоче на 16 јули, 4,3 ° C под претходната најниска температура евидентирана таму. Други региони каде имаше рекордно ниските температури во 2017 година, вклучија и неколку локации во внатрешноста на југоисточна Австралија во почетокот на јули, каде што Канбера имаше најниска температура од -19,7 ° C од 1971 година и регионот на Заливот на Блискиот Исток во почетокот на февруари.

Справувањето со климатски миграции независно дали се предизвикани од закана по безбедност на храна или од губење на живеалиштата, треба да биде локално исто толку колку и глобално. Како што беше посочено на една од дискусиите деновиве на COP 23, во Бангладеш нивото на морето расте 14 мм годишно што значи дека ќе достигне 14 см за десет години. Последиците се посериозни од очекуваното и прогнозите не може да ги следат итните закани со кои се соочени многу нации. Оттука се поставува прашањето каде ќе одат сите тие луѓе чии домови се директно погодени односно исчезнуваат додека се дебатираат мерките кои даваат ефекти само на долг рок.