Кога веруваш во неможното

74

Во дваесетишестгодишното постоење како независна држава немавме многу среќа со власта. Со исклучок на оние кои беа власт, сите други бевме хипнотизирани зајци. За тоа говори тапкањето во место во однос на демократските придобивки: степенот на почитување на човековите права во затворите, медиумските права и слободи и интеграциите во ЕУ и НАТО. На почеток, не можевме да се помириме со промените на 16 кракото знаме, со промената на Републичкиот грб (оној југословенскиот), со привремената референца, читај името БЈРМ. Во од не следеа и партиските превирањапа преобратените комунисти станаа патриоти, овие пак анти албански навивачи, а имавме и социјалисти, социјалдемократи, демократи, либерали, конзервативци.

Албанските партии се развија од борци за образование до ослободители и државотворни. Конечно поделбата се сведе на ВМРО, СДСМ, како македонски и ДУИ и ДПА како албански. (Беса и Алијансата ќе видиме дали и колку ќе се одржат).

За безначајноста на партиите ќе сведочиме кога ќе треба да се вклопат во европските рамки и кога ќе треба да излезат од лкоалните рамки во кои со гласини и сплетки најдобро владеат. А народот ќе ги заборави веднаш штом ќе најде праведно платена работа, или кај нас или во соседството. Со попис и со ревидирање на личните податоци на жителите во овие 25.711 км. квадратни уште повеќе ќе се стесни просторот за манипулација со бројки во сите сфери.

Се надевам дека ќе доживееме и податоци пред секое населено место за бројот на жители истакнат на патоказ до името на местото. Тогаш ќе се сетиме што значи поимот земја. Тогаш можеби повеќемина од нас ќе посакаат да се вратат и да ја сакаат земјата, својата земја. А таа, како што пишува во учебниците во основно образование, се сака со работа. А неработењето, исто како и проблемот со името, не следи сиве овие 26 години независност. (Не велам дека пред ова сме биле многу работливи. Ама тврдам дека општествените прилики најмногу придонесоа за неработливоста.) И сега после сиот овој „периодна транзиција“, се најавува можно решение на проблемот со името, кое ќе не одведе во Нато сојузот и ќе не приближи до Европа. Не ќе треба да вадиме бугарски пасоши за економска егзистенција. Едноставно, со постоечкиот, ќе може да функционираме како со Србија, само со лични карти. А на нив, дали ќе пишува горна, долна, северна или вардарска, помалку е битно. Толку се ситни буквите што постарите не ќе можат да прочитаат без очила. А другите не ќе имаат време од работа, да се брлават со „идентитетски прашања“.

Да не бидам погрешно сфатен од оние кои не се пронашле или поточно идентификувале, јас точно го знам мојот идентитет. А за него, верувам дека важат законите за лични податоци па е небитно за јавноста каков е.