дома Култура Театар и Филм Кога вистината ја кројат дигиталните медиуми

Кога вистината ја кројат дигиталните медиуми

Кон „Квадрат“, режија и сценарио: Рубен Остлунд, улоги: Клаес Банг, Елизабет Мос, Доминик Вест, Тери Нотари, фотографија: Фредрик Вензел, монтажа: Јакоб Шулзингер и Рубен Остлунд Сунчица Уневска

135

„Квадратот е место на сигурност и доверба, во кое сите имаат еднакви права и обврски“. Така е претставена главната изложба која треба да се отвори во Стокхолмската галерија на современа уметност во шведскиот филм „Квадрат“, кој ги собра сите значајни награди оваа година, а следната се очекува да го добие и „Оскарот“ за странски филм. Концептот на квадратот нуди едно утописко место, кое младите промотори во филмот ќе го рекламираат со најгрозоморниот чин на убивање на едно девојче-питачка, покажувајќи ја целата контроверзност на овој филм, кој на многу прецизен, сатиричен начин си поигрува со современото општество, неговите правила и стереотипи.

Режисерот Рубен Остлунд, познат по своите претходни филмови „Игра“ и „Турист“, во свој манир повторно се занимава со човечкото однесување, со општествените норми и предрасуди, со дволичноста и лажната грижа за маргинализираните групи, со моралните и егзистенцијални дилеми, со ксенофобијата, со супериорноста и политичката (не)коректност. Само што овде, неговиот филм е сместен во светот на уметноста, во една моќна, но претенциозна средина, која зад маската на хуманоста и добрите намери, на најдобар можен начин ја отсликува површноста, формата и потребата за задоволување на некои наметнати критериуми.

Не случајно, главниот лик во овој филм е кустосот Кристијан (Клаес Банг), моќен, успешен и „ненамерно“ манипулативен, кој наеднаш, по играта на случајот, ќе се најде од другата страна, во светот на Остлунд кој се занимава со разни видови манипулација, во чија основа секогаш лежи поделбата на ние и вие, на двата света кои вистински не егзистираат едни со други, освен во филмот на Остлунд, каде што иронијата ќе го направи своето, па наеднаш ќе се избрише границата создавајќи комични или поточно, трагикомични ситуации. Светот на Кристијан, кој се наоѓа на врвот на својата кариера, кога во Музејот се планираат неколку изложби и кога оваа институција добива голема донација, ќе се преврти наопаку откако ќе се најде во ситуација да и помогне на една девојка на улица, додека за тоа време ќе му бидат украдени и телефонот и паричникот, а како што верува и манжетните од кошулата. Оваа бизарна случка ќе го втурне во уште побизарно барање на сторителите, кое пак ќе предизвика сосем неочекувани последици.

Создавајќи различни сатирични епизоди, авторот си поигрува со целата таа фасада на т.н. интелектуална елита, која навидум е хумана и сака да ја покаже својата грижа за луѓето, земајќи ги како главен лост токму дигиталните медиуми и социјалните мрежи, низ чија небулоза најдобро се отсликува реалното и нереалното. Лајковите и кликовите кои станаа мерило за успешност и релевантност и кои имаат големо влијание на нашето его, а каде што всушност, квалитетот и вистинските вредности немаат никакви допирни точки. И додека сиромаштијата и маргинализираните групи се занимаваат со основните потреби и начинот за преживување, интелектуалците се обземени со својата потреба да бидат толерантни и хумани. Но, во точката која го носи и климаксот на филмот, насловена „Добредојдовте во џунглата“, ќе ја видиме целата пародија на стварноста, на теоријата наспроти делата, на дволичноста и ксенофобијата.

imageВистинските проблеми на „малите“ луѓе во целата оваа констелација делуваат смешно, бидејќи последиците се неочекувани, а начинот на справување – што може да биде друго, освен игнорантност. Но, судирањето на световите, па макар и во небулозната и чудна сцена на сексот помеѓу Кристијан и откачената американска новинарка Ен (Елизабет Мос), каде што како метафора на застранувањето е земен токму мајмунот, или уште почудната сцена кога момчето ја бара правдата бидејќи неоправдано е наречено крадец, се случува сосем непредвидливо. Тој судир само говори за двете непомирливи крајности, и покрај целиот „труд“, говори за оној меѓусвет кога работите се движат на работ.

За небулозите на модерното живеење Остлунд не случајно ќе ги земе дигиталните медиуми и маркетингот како најдобриот показател до каде нештата можат да отидат. Како и кога дојдовме до тоа оној утописки квадрат да го рекламираме преку една мала питачка, која кога ќе влезе во квадратот на сигурност и доверба ќе биде разнесена од експлозија. Но, таквиот пристап гарантирано носи најмногу лајкови и кликови, за кои на Кристијан дури и му честитаа. Меѓутоа, јавноста ќе се згрози зошто тоа не било имигрант, како што е вообичаената алузија, туку едно мало плаво девојче, кое задира во нормите и моралот на шведското општество.
„Квадрат“ е многу силна сатира на современото живеење, тоа е филм чии епизоди подеднакво фасцинираат и збунуваат, исто како што е збунет и Кристијан, кога свесно, кога несвесно, но последиците се тука токму за да се соочиме со реалноста. Која секако ја предизвикуваме самите со своите постапки, со своите уверувања, предрасуди и стереотипи, со онаа „грижа“ која преку социјалните медиуми толку многу сакаме да ја покажеме. „Квадрат“ е филм за нас, за иронијата во која живееме, а за која не сме ни свесни, мислејќи дека доаѓа однадвор. Впрочем, и Кристијан не е лош човек, напротив, тој е грижлив и добронамерен. Но, злото се случува по наша или туѓа вина на која сме и отвориле врата. Каде се вистинските вредности и каде двата света навистина се допираат?

Филмот на Рубен Остлунд годинава ја доби „Златната палма“ во Кан, а на европските награди во Берлин се закити со дури шест статуетки. И сосем оправдано, тоа дефинитивно е еден од најжестоките, најкомплексни и многу точни филмови за денешното живеење, кој под маската на еманципираност и заедништво, ги крие стереотипите кои буквално го дехуманизираат општеството. „Квадрат“ ја носи вистината поигрувајќи си со просторот, со слободата на творење, со оној најфрагилен свет кој зборува токму за разоткривањето и уметничката слобода, која треба да проговори за проблемите и сите оние урнати критериуми за кои постојано говориме. Но, Остлунд кој зборува за своето искуство со изложбата „Квадрат“, не соочува бескомпромисно со онаа вистина која не сакаме да ја видиме, а од која сите сме дел, бидејќи тоа е тренд и бидејќи тоа сме ние, исцртувајќи ги контурите на квадратот кој е најмалку полн со грижа и емпатија. Апстрактното Остлунд маестрално го претвора во конкретно прашувајќи не сите, каде е одговорот, во квадратот или во меѓупросторот или онаму каде што нашето его не може да биде задоволено. Навистина, дали од тоа може да се откажеме?