По повеќе од дваесет години депонијаат во центарот на градот, под Железничка станица станува модерен и урбан парк. Во соработка на град Скопје и општините Центар и Аеродром, под кои припаѓа оваа локација, забрзано се работи на подигање на парк на 6 000 квадратни метри.

–  Денеска сме на локацијата што повеќе од 20 години беше дива депонија и беше место коешто претходно никој не нашол за сходно да го среди. Станува збор за површина од  над 6.000 квадратни метри.  Во соработка со ЈП Улици и патишта  во изминатиов период ја исчистивме дивата депонија и исфрливме повеќе од 15.000 кубни метри смет. Денеска вршиме увид на овој нов јавен простор каде што треба да никне и мал парк и детско игралиште, со цел овој меѓник меѓу општините Аеродром и Центар да го уредиме, верувам на задоволство на жителите и на двете општини.  Верувам дека ќе го разубавиме овој дел од градот со цел на нашите сограѓани да им овозможиме пријатно место каде што ќе можат да го поминуваат своето слободно време- изјави Шилегов на прес конференцијата што денеска заедно со градоачалниците Саша Богдановиќ и Златко Марин се одржа на местото каде се подготвува паркот.

Тој додаде дека ова е само почеток на активностите на Градот во текот на оваа сезона, особено во отворање на нови јавни простори.

–  Во овој момент се чистат депонии во општина Бутел, Ѓорче  Петров, Кисела Вода, Карпош, Аеродром, каде што ќе никнуваат нови вакви мали паркови, мини зелени оази, со цел јавниот простор да го заштитиме, пред се од градежно дивеење, меѓутоа и од фрлање на ѓубре и отпад кој каде ќе стигне.  Ги потсетувам  граѓаните на Скопје дека Скопје ќе биде онолку убав град колку што ние ќе сакаме сите заедно да го направиме – порача Шилегов.

Тој, исто така, упати апел до граѓаните одговорно да се однесуваат со животната средина и отпадот што го создаваат.

Подготовки на урбаниот парк под Железничка станица – фото ТЕХТ.МК

Градоначаникот на Аеродром, Златко Марин информираше дека оваа пролет ќе се изградат уште четири нови парка во општината, и тоа два во Стар Аеродром со вкупна површина од 7 500 квадратни метри, еден покрај булеварот „Трета македонска бригада“ со површина од 2 500 квадратни метри и уште еден во Мичурин со површина од 3 500 квадратни метри.

Градот продолжува со засилен инспекциски надзор со цел да се спречи повторното создавање диви депонии на истите места каде што имало претходно.

Ф.С.