дома Живот Сцена Концерт во чест на Јанко Узунов на неговиот роденден

Концерт во чест на Јанко Узунов на неговиот роденден

23

Концерт насловен “Узун за Узун” во чест на големиот музички маестро и музички педагог, Јанко Узунов, ќе се одржи, на денот на неговиот роденден 15-ти февруари во салата на хуманитарниот дом “Даре Џамбаз” со почеток во 16 часот.
Овој традиционален концерт го организира Музичкото училиште “Узун” во соработка со Црвен крст на град Скопје и, освен музичка, носи и хумана порака, а средствата кои ќе бидат собрани ќе бидат донирани на пунктот за бездомници при Црвениот крст.

-Во програмата освен младите гитаристи од нашето музичко училиште, учество ќе земат и гостите од родното место на Јанко, од Валандово, неговите и наши пријатели и колеги Влатко Вучков и маестро Ристе Тушевски, балкански познатиот тапанар Ѓорѓи Лазаров- Џанго, потоа ќе настапат и познатиот кантавтор Ванчо Тарабунов, младите Кристијан Демјански и Мими Јовановска како и пријателите од нашите досегашни концерти Валентина Ѓоргиевска Парго, еминентно име од пишаните медиуми, и фолк пејачот Горан Симевски, беровчанец кој растеше со нашата музика. Сеќавање на Јанко ќе споделат и музикологот Костадин Костадиновски и водителката на Македонска телевизија, Катерина Стојановска Десковска, најавува Жаклина Узунова, сопругата и музичка партнерка на легендата.

На концерот ќе бидат изведени дела од овој уникатен музички автор и исполнител, но и од други автори.
За потсетување, Јанко Узунов (1951-2014) роден е во Валандово, дипломирал земјоделски факултет во Скопје, каде и магистрирал. Своите успеси ги постигна и на народната и во забавната музика, создавајќи певливи рефрени и незаборавни евергрини. На некогашно југословенско ниво се прослави со дуетската мелодија “Момчето со мандолина” со Цветанка Ласкова, со која на фестивалот во Опатија освоиле прво место во првата фестивалска вечер, а во финалето за малку поени разлика со победникот, не заминале да ја претставува Југославија на Евровизија. Во екот на својата слава, во седумдесеттите, осумдесеттите и деведесетти години, полнел концертни сали во земјава и на турнеи меѓу нашите во Австралија, Америка, Канада и Европа. Интернационалната кариера му цутела во седумдесетите години, кога имал комерцијални концерти низ Бугарија со оркестарот на РТВ Софија со познатиот Вили Казасијан, на ” Златен орфеј” ја делел сцената со големата италијанска ѕвезда, пејачот Ал Бано, пред Тито прв ја испеал песната за “Делчев војвода”…Освојувал награди, настапувал на бројни фестивали и оставил силен печат, а сега неговото име го носи и салата во домот на културата “25 мај” во Валандово каде се одржува познатиот фолк фестивал, на кој некогаш маестро Узунов бил еден од редовните учесници и автори.

Но, она што му даде посебен белег на неговото дело, во последните децении од животот, беше посветената педагошка работа со младите музички таленти во училиштето ” Узун” , кои по заминување на легендата ја продолжуваа традицијата на организирање на концерти. На концерот ќе бидат доделени и дипломи на двајца успешни гитаристи од школата, Александра Станкоска и Михаил Мирчевски.

Преку 500 песни кои ги потпишува, а дел и од други автори испеани од него, се сместени на носачи на звук, како и на неговите десет компилации.
Неговите песни “Момчето со мандолина” ,”Дојди ми љубов моја”, “Ти проштевам се”, “Очите ми плачат за сакање”, “Чаки Панкерот”, “Помина време, помина” , “Македонче соколе”, “Заплачи моја Македонијо”, “Те сакам песно македонска” , “Валандово убавино”, “Јас те љубам довека”, детската “Наставничке пријателке ” која е и првата песничка што Тоше Проески ја испеал на училишна приредба, се веќе дел од македонската антологија.
Влезот на овој музички настан е бесплатен.