Концертот „По избор на уметникот“ со Весна Ѓиновска Илкова – сопран и Кристина Светиева – пијано ќе се одржи во вторник, 19 април во Музеј на македонската борба од 20 часот во рамки на 45-те Денови на македонска музика.

Публиката оваа вечер ќе ужива во интерпретациите на вокални бисери од македонското музичко творештво на автори од постарата и поновата генерација. На програмата се дела од Ристо Аврамовски, Трајко Прокопиев, Стојан Стојков, Томислав Зографски, Тодор Скаловски, Сотир Голабовски, Александар Џамбазов, Јана Андреевска и Борис Светиев.

Дуото Ѓиновска Илкова – Светиева во изминатите години соработка има реализирано бројни успешни камерни настапи на концертните подиуми во земјата и во странство. За нивните заеднички интерпретации, критиката се огласува со позитивни оцени, истакнувајќи ја непосредноста, топлината, долгите легато фрази и драматичната чуствителност во вокалната техника на Ѓиновска, подвлечени со експресивноста, студиозноста и сигурноста на хармонската придружба на Светиева, создавајќи единствена уметничка симбиоза.

Влезот е на концертот е слободен.

Весна Ѓиновска Илкова е водечки македонски оперски драмски сопран, певица чии што изведби се карактеризираат со софистицирано пијано, беспрекорна вокална техника, огромна музикалност, харизма и изразено сценско присуство. Ѓиновска студира на ФМУ во Скопје (класа на проф. Милка Ефтимова), додека магистерските студии ги завршува во класата на проф. емеритус Радмила Бакочевиќ. Нејзиното деби на сцената на Македонската опера и балет во 1996 година во улогата на Михаела во „Кармен“ добива одлични оцени, а критичарите ја истакнуваат нејзината извонредна легато техника. Илкова своето деби на меѓународната сцена го остварува во 2001 година во Националната опера на Софија во комплексната улога на Елизабета во „Дон Карло“ од Верди. По успешниот настап на бугарската сцена, Илкова ја толкува улогата на Тоска во истоимената опера на Пучини. Весна Ѓиновска Илкова ужива богата домашна и меѓународна кариера, а досега настапувала во Данска, Хрватска, Словенија, Бугарија во постановките на „Аида“, „Отело“, „Турандот“, „Мадам Батерфлај“, „Симон Боканегра“, „Атила“, „Моќта на судбината“, „Бал под маски“, „Лидија од Македонија“.

Македонската критика ја нарекува „мајстор на патосот и драмата“ и ја поцртува сензибилноста и емоционалноста која Илкова им ја дава на улогите што ги толкува. Има реализирано повеќе од дваесет оперски креации, соработувајќи со бројни реномирани режисери и диригенти. Освен на оперската, Илкова е редовно присутна и на концертната сцена, со релизирани концерти и рецитали во Бољшој салата во Москва, на отворената сцена на театарот „Театро ди Марчело“ во Рим, концертната сцена на „Аула симфонија“ во Џакарта, отворената сцена на амфитеатарот во Аспендос, отворената сцена на Античкиот театар во Охрид, изведувајќи капитални дела од вокално-инструменталниот репероар („Реквиемот“ од Верди, „Стабат Матер“ од Перголези, „Те Деум“ од Брукнер, ораториумот „Создавањето на светот“ до Ха и е добитничка на голем број значајни награди и признанија меѓу кои се вбројуваат наградите „13 ноември“ на Град Скопје, наградата „Виртуоз“ во категоријата уметник на годината доделена од СОКОМ, државната награда „Св. Климент Охридски“, наградата „Златна лира“ од СМУМ. Ѓиновска Илкова е редовен професор на Катедрата за соло пеење при ФМУ Скопје, од чија што класа произлегле повеќе генерации студенти кои денес успешно чекорат на европските музички сцени.

Кристина Светиева се истакнува како една од најталентираните македонски пијанистки од помладата генерација која низ годините развива широка концертна дејност. Пијано започнува да учи и да настапува на шест годишна возраст. Дипломира во 2006 год. со одлика cum laude на Факултетот за музичка уметност во Скопје (класа на проф. Тодор Светиев), а магистрира во 2008 год. под менторство на проф. Жени Захариева. Во 2010 година ја завршува својата двегодишна специјализација на реномираната музичка академија во Париз „Schola Cantorum“ каде работи под менторство на проф. Жени Захариева. Во април 2014 год. докторира на ФМУ во Скопје, под менторство на проф. Жени Захариева. Кристина Светиева успешно настапува на подиумите низ Македонија (фестивалите „Охридско Лето”, „Скопско Лето”, „Денови на Македонска Музика”) и надвор од земјата (Турција, Италија, Франција, Бугарија, Шведска, Холандија, Хрватска, Чешка, САД). Носител е на повеќе високи државни и меѓународни награди и признанија.

Меѓу бројните нејзини настапи како позначајни се издвојуваат дебито со Македонската филхармонија на седумгодишна возраст, после кое во годините кои следат реализира низа настапи со истиот оркестар. Критиката ги забележува и високо оценува и нејзините настапи со оркестарот на Факултетот за музичка уметност, а во нејзиното портфолио е забележано учество на повеќе интернационални музички фестивали во Турција, Северен Кипар и Холандија. Светиева има остварено повеќе солистички рецитали во Скопје и низ Македонија и во странство, а посебно се истакнуваат нејзините солистички рецитали во Софија, Бугарија, Стокхолм, Шведска, Париз, Франција и настапот во Њујорк со реномираната првенка на МОБ, сопранот Весна Ѓиновска – Илкова. К. Светиева работи како вонреден професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје.