Експерти од Државниот истражувачки центар за вирусологија и биотехнологија Вектор во Русија спроведоа студија за можноста на корона вирусот да живее во вода. Околу 99,9 проценти од неговите честички умираат на собна температура за 72 часа, изјавила за ТАСС Федералната служба за супервизија и заштита на правата на потрошувачите и благосостојбата на човекот, пренесува Танјуг.

Докажано е дека вирусот не се размножува во дехлорирана и солена вода, но може да се зачува. Времето на деактивирање на новиот корона вирус директно зависи од температурата на водата.

Во вода на собна температура, 90% од вирусот КОВИД-19 изумрел во рок од 24 часа и 99,9% во рок од 72 часа, се вели во соопштението.

Врелата вода доведува до негова целосна деконтаминација и истребување, додека во хлорирана вода, корона вирусот целосно ја губи способноста да преживее.

Како што температурата на водата се зголемува, бројот на одржливи честички на вирусот значително се намалува, се вели во соопштението. А.Н.