„Прв пат имаме шанса директно од Ерусалим да го однесеме дома Благодатниот оган, во нашата држава, да го предадеме во МПЦ, и потоа, тој оган ќе продолжи да ни ги осветлува и домовите и храмовите во текот на целата година“, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска пред денешната церемонија на „Преземање на Благодатниот оган“ во Базиликата на Светиот Гроб во стариот град на Ерусалим, Државата Израел.

Ова е историски чин за македонската држава, за граѓаните и за МПЦ-ОА, се согласија членовите на високата македонска државно-црковна делегација која присуствуваше и на утрената богослужба во храмот на Воскресението во Ерусалим на која чиноначалствуваше Неговата светост, Патријархот Ерусалимски Теофил, во пресрет на големиот празник Воскресение.

Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска истакна дека со Државата Израел ние досега имаме плодна соработка. Таа додаде:„ Соработуваме не само на полето на културата, туку на полето на образованието, а се надевам дека таа соработка и понатаму ќе продолжи во сите сфери за кои ќе покажеме взаемен интерес за размена наискуства. Потребно е да продолжиме да учиме едни од други, да учиме не само во областа на религијата, туку да учиме и во областа на културата, да учиме за хуманоста за човештвото, за победата на животот и за тоа како да бидеме подобри во она што го правиме на секојдневна основа“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска во пресрет на големиот чин за православните христијани.

По попладневната церемонија на „Преземање на Благодатниот оган“, македонската делагација вечерва ќе пристигне во Скопје, од каде што светата светлина ќе биде пренесена до МПЦ-ОА, и ќе биде раширена до сите епархии и храмови во земјава. Пренесувањето на Благодатниот оган е чин на голем благослов за сите правослвни христијани, за здравје, успех.