дома Наше Бебе Кој е совршениот новогодишен подарок за нашето дете?

Кој е совршениот новогодишен подарок за нашето дете?

Пишува: Елена П.Веловска Дипл. Психолог Вработена во П.Г. Светот на колорес - Аеродром

305

Предновогодишна еуфорија- елка, лампиони, балони, пакетчиња, дедо мраз, играчки, играчки, играчки… Да, играчки, тоа е најинтересното нешто за секое дете. Играчките се значајни предмети за детето кои му овозможуваат преку процесот на игра да ги задоволи своите потреби. Може да се каже дека играчката е алат на детството која го потпомага психофизичкиот развој на детето.Преку неа ги запознава својствата на предметите,ги вежба и развива своите сетила, ги запознава и развивасвоите способности, ја развива фантазијата и имагинацијата, се ослободува од своите стравови, агресија, се поттикнува чувството на радост.

Затоа секој родител се обидува да ги задоволи детските желби, т.е. да му ја купи на своето дете онаа игра или играчка која највеќе ја посакува за да предизвика неизмерна среќа и радост. Нова година е периодот кога децата го очекуваат своето пакетче под елката, го чекаат дедо мраз да им ја остави посакуваната играчка.

Но, како да го избереме вистинскиот подарок како родител? Дали треба да ги опсипуваме децата со скапи подароци и да им го подариме сето она што го посакуваат?

Можеби на ова повеќето би одговориле со „ДА“ ,  а како објаснување би ја навеле насмевката и среќата на своето дете во моментот кога ќе ја здогледа омилената играчка под елката.

Тогаш што се случува со оние родители кои немаат услови и не се доволно моќни да им ги купат сите посакувани играчки на своите деца. По некое правило би следело дека тука ќе се соочиме со тага и солзи во очите на овие дечиња?!  Секако дека не. Не мора секогаш да значи дека ако му го подариме на детето она што го посакува ќе предизвика среќа, а спротивното тага.

Доколку непосредно му се задоволуваат сите потреби на детето, кај него нема да има појава на игра. Ќе биде возбудено до моментот додека не ја добие играчката и за кратко време таа возбуда ќе згасне. Кај децата во предучилишниот период како мотив за играње се јавуваат желбите кои не можат веднаш да се задоволат. Преку играта ги задоволуваат имагинативно незадоволените желби и потреби.

Накратко, доколку секогаш на детето би му ја подарувале посакуваната игра или играчка, тоа се помалку ќе игра, фантазира, посакува, ќе се намали и возбудата при исчекување на својот иден подарок, а тоа не би го сакале и ние како родители.

Тогаш, кој е совршениот подарок за нашето дете?

Во вакво време со брз ритам на живеење, најдобриот подарок за детето е она што и на секој од нас му недостасува, а тоа е времето, т.е. времето од родителите.

Децата највеќе учат од модел, а во овој случат тој модел е родителот. Доколку постојано им подаруваме играчки кои за кратко време ќе завршат во купот играчки позади креветот, ги учиме да го ценат материјалното. Тоа со себе повлекува и чувство на грижа на совест. Наместо ова потребно е да ги научиме да бидат скромни и благодарни покажувајќи им како да ги ценат малите нешта.

Времето поминато со своите деца е најскапоцениот подарок кој можеме да им го подариме. Скапите играчки може да се заменат со карти за кино, театар, прошетки во природа, игри во кои ние како родители би уживале и би биле деца. Почнувајќи од наједноставните игри како брканица, жмурка, возење велосипед, фудбал, игри со кукли, шах, карти, не лути се човече, правење снешко, подготовка на колачиња за празниците, се активности  кои воедно се интересни, забавни и не бараат трошење на многу финансии.

Подарувајќи им на децата време поминато со нив им подаруваме искуства и спомени кои многу повеќе социјално не зближуваат за разлика од сите играчки кои би им ги купиле.

Скапите играчки би можеле да ги замениме со друштвени игри, на тој начин би се поттикнала и олеснила соработката со другите деца, со што ќе се овозможи развој на социјалната интелигенција.

Познато е дека фантазијата е особено развиена кај децата, па да им подариме и обична голема картонска кутија, ќе предизвика насмевка и среќа. Таа кутија би била прекрасна играчка која детето ќе ја креира во зависност од својата игра. Дали ќе биде куќичка, замок, автомобил, авион, таа ќе го има истиот ефект како и скапата играчка , што значи дека ние како родител- модел, го учиме детето на оние вредности кои и самите ги цениме.

Друштвените игри, конструктивните игри, игри кои би ја поттикнале креативноста и фантазијата (пр. правење честитка, украси, колачиња), читање приказни, пеење песнички, прошетките во природа, се најубавиот подарок за децата.

Подарете му на детето искуство и спомени, а не скапи играчки. Родителот е пример,модел од кој децата најмногу учат.