дома Технологија КРИСТИЈАН РИСТЕСКИ: Гејмингот во иднина ќе биде многу популарен кај нас! 

КРИСТИЈАН РИСТЕСКИ: Гејмингот во иднина ќе биде многу популарен кај нас! 

500
Еден од омилените начини за поминување на слободното време на децата на осумдесеттите и деведесеттите години беа флиперниците и нинтендо конзолите. Затоа Супер Марио, Донки Конг, Пакман, Линк се ликовите кои ги асоцираат со едно побезгрижно време. Гејминг индустријата бележи експоненцијален раст во светски рамки, всушност во Јужна Кореа, Стар Крафт има статус на неофицијален национален спорт, надминувајќи ја заинтересериноста на многу традиционални спортови. Во светот многумина гејмингот го нарекуваат и своја професија, учествувајќи на огромни е-спорт натпревари, но и како заштитни лица на големи брендови за електроника и видео игри.


Триесетгодишниот скопјанец Кристијан Ристески, дипломиран економист и млад претприемач гледа на гејмингот како хоби, а во својата колекција брои мноштво конзоли и видео игри.

Дали сметаш дека гејмингот е за многумина сѐ уште недоволно позната табу тема?

-Во повеќето земји во светот, профитабилноста на гејминг индустријата ја надмина музичката и филмската индустрија. И покрај тоа, за жал сѐ уште многумина имаат погрешна перцепцијата и стереотипизација, не само кога станува збор за возрасната граница, туку и поисоветувањето на гејмингот и неговото носење во екстрема, односно, создавање зависност што може да се појави кај секое хоби. 

Твојата пасија кон гејмингот трае од пооддамна. Дали можеш да се сетиш која е твојата прва купена игра?

-Во моето детство, Нинтендо и останатите производители на видео игри немаа свои застапништва на нашиот пазар, па оргиналните видео игри и конзоли беа недостапни. Може да се каже дека игравме нивни “клонови” кои за нас беа исто толку реални колку вистинското нешто. Би рекол дека мојата прва игра, како и на многумина е Супер Марио Брос.

 Што сѐ содржи твојата гејминг колекција?

-Листата е предолга, и вклучува игри од различни периоди и жанрови. Мојата колекција на конзоли датара од Атари 2600 (1977) па се до Нинтендо Свич (2017). Го имам поголемиот дел на помеинстрим конзоли и игри од овој период.

Со оглед на тоа дека твојата колекција брои конзоли од различни временски периоди, која е твојата омилени декада на видео игри?

-Мојата омилена декада за видео игри е ерата на платформерите и маскотите, односно деведесеттите. Нинтендо64, Сони ПлејСтејшн со Супер Марио 64 и Краш Бандикут кои беа првиот чекор на гејминг индустријата во тродимензионалниот свет. 

Нинтендо или Сони?

-Не ми е важен производителот на играта. Важна е содржината и квалитетот на играта. Секоја компанија има свои добри моменти, и имаат постигнато одредена иновација во светот на видео игрите – Сони со своите дискови, Нинтендо со своите иновативни и по малку чудни контролери, но и оние подзаборавени компании како Атари и СЕГА. 

Дали сметаш дека освен како забава и начин на поминување на време, гејмингот може да биде и продуктивен? 

-Како пример ќе се осврнам на бенефициите кои што јас лично ги имам почуствувано. Играњето на видео игри со својата интерактивна страна, покрај забава, за мене е и метод на изучување јазици, а во пандемијава преку Џаст Денс и Фитнес Боксинг, успеав да ја задржам и мојата добра физичка кондиција. Сметам дека видео игрите во глобала поттикнуваат креативност и логично размислување. 

Какво е твоето гледаште кон иднината на гејмингот во Македонија?

-Во најдобар случај би можело да се каже дека гејмингот во Македонија е во млад развој, но не сметам дека работите во иднина драстично би се промениле, иако сум сигурен дека луѓето кои што се занимаваат професионално или гледаат на тоа како свое хоби не се лично засегнати. Сепак е голема штета што незаинтересираноста за гејминг индустријата има придонесено за недоволно медиумско внимание кон Симфонискиот Оркестар на МРТВ кој што го сними саундтракот на играта Journey, која се здоби со мноштво награди, а  меѓу другото и за својата музика.