дома Кујна Кујна: Не се сите солзи тажни!

Кујна: Не се сите солзи тажни!

103

Инспириран од „антибиотското дејство“ на предизвикувачот на солзи, ви го предлагам овој одличен манџа – ручек кој оди и со суви лути пиперки и со макало, а најмногу со две ракии пред јадењето.
Кујната е место каде се среќава фамилијата. Исто како што се среќаваат вкусовите во јадењето. Некои брзаат да грицнат и бегаат, некои само замирисуваат и исчезнуваат. Во тој механизам на животот фрижидерот доаѓа како амортизер. Во него мигот станува подолг: ден – два некогаш и три. И ќе се изненадите од некој продукт што сте го заборавиле, а се уште важи рокот на траење. Кај мене тоа беа шампињоните од пред некој ден. Не, не е во прашање јадење со печурки. Напротив, во ова јадење печурките се неприметни како во кинеска манџа. Ама ја пополнуваат нутритивната количина на зеленчук. Во ова јадење главен збор зема кромидот.
За денешнава манџарска разгледница грубото рустично име: кромидарник се наметнува како единствено можно. Мешаното мелено месо (окулу 300 г) го нотирам на второ место со цел да не избегаат „алергичните“ на кромидишта, прженици и манџи мислејќи дека се работи за вегетаријански трик. Од меленото се прават вкусни ќофтиња откако ќе го измешате со јајце, црвен пипер, сол, бибер, презла, зејтин и малку брашно. Ќе отстои во фрижидер да се стегне триесетина минути. Во меѓувреме три големи главици кромид (јас ставив една црвена и две „обични“) се сечкаат на должина, се пропржуваат на зејтин со прстофат сол, шеќер, бибер и мешан зачин. По малку време се истура смесата во тава, а се продолжува со пржење на печурките кои беа подзаборавени во фрижидерот ама со исправен рок на употреба. По пропржувањето и тие се истураат во тавата. На крајот ќофтенцата се пржат кратко на тивок оган и се додаваат во тавата. Тавата се става во рерна 25-30 мин на 180 да стегне и уште 15-20 да се одмори!
Мирисот од рерната влијаеше на домашните да се свртат во кујната. Нетрпеливо седнаа и ми честитаа за брзиот ручек од полупразниот фрижидер. Овој пат не спои кромидарникот од кој излегоа 4 убави порции. Ќофтенцата доаѓаат како рамстек над ајсберг. Енергетски урамнотежениов оброк „зачинет“ со лута везена моли за чаша црвена „кратошија“. Ние немаме Фонду ама затоа имаме традиција за манџи зашто кај да се свртиш растат зеленчуци и билки подготвени да влезат во тава. На здравје!
Ф.Спировски